Германија во шок: не знаеме што не очекува со Трамп
БГ
9 ноември 2016
Германските политичари утрово изразуваат шокираност од сѐ поизвесната победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД. Светот влегува во фаза на голема неизвесност
Реклама
Висок функционер на германската конзервативна партија на канцеларката Ангела Меркел изјави дека владата во Берлин е несигурна што ќе стори Доналд Трамп по победата на претседателските избори во САД.
„Сега сфаќаме дека немам поим што ќе стори овој американски претседател доколку гласот на бесот ја добие функцијата и доколку гласот на бесот стане најмоќниот човек на светот“, изјави Норберт Ретген, член на ЦДУ и претседавач на парламентарниот комитет за надворешна политика.
„Геополитички се наоѓаме во многу несигурна состојба“, додава тој.
Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен (на насловната фотографија) за државната телевизија изјави дека неочекуваната победа на Трамп е „голем шок“.
„Се надевам дека Трамп е свесен оти ова не беше глас за него, туку повеќе глас против Вашингтон, против естаблишментот“, рече фон дер Лајен.
Министерката очекува дека Трамп ќе врши притисок за поголем германски ангажман во рамките на НАТО. „На тоа ние ќе одговориме со прашање: а каков е вашиот став за Алијансата?“
Фон дер Лајен вели дека без разлика на исходот од изборите во САД, Европа ќе мора повеќе да се ангажира во безбедносната политика.
Како проблематичен, таа го оценува и фактот што никој не знае ништо за можната надворешна политика на Трамп, ниту кои луѓе ќе ја предводат во неговиот кабинет. „Се наоѓаме во фаза на вакум. Зад кулисите ќе се обидуваме на сите начини да дознаеме кој воопшто е нашиот партнер за разговор“, рече фон дер Лајен.
Знаете ли се за Доналд Трамп и Хилари Клинтон?
Мислите дека знаете сè што може да се знае за претседателските кандидати Доналд Трамп и Хилари Клинтон? Прочитајте малку познати факти кои може да ве изненадат...
Фотографија: picture-lliance/dpa
Зад јавната личност
Претседателските кандидати конечно пристигнуваат до крајот на трката која се чини дека трае цела вечност. Лицата на Доналд Трамп и Хилари Клинтон беа сеприсутни повеќе од една година, но и двајцата имаат голем број на необични карактеристики кои не допираат до јавноста.
Фотографија: DW/M. Santos
Конзервативната Хилари
Хилари Клинтон израснала во конзервативно семејство во Илиноис. Нејзиниот татко изработувал украсни завеси, а како млада жена таа била републиканка која ги поддржувала Бери Голдватер и Ричард Никсон. Дури подоцна таа станува демократ.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Ron Sachs
Доналд - критичар на политичарите
За Доналд Трамп, во минатото не беше лесно да се каже која или дали воопшто поддржува некоја партија. Во минатото тој поддржуваше кандидати на Демократската партија, меѓу кои беа Бил и Хилари Клинтон, а некои од неговите изјави во тоа време беа исклучително либерални. Тој многу доцна во својот живот го најде својот пат до Републиканската партија – на неверување на голем дел од нејзините членови.
Фотографија: Getty Images/AFP/T. A. Clary
Недоволно импресионирана од Бил
Славата на Хилари Клинтон првично се должеше на фактот дека е сопруга на претседателот на САД. Но, кога Бил прв пат ја побарал за жена, таа рекла не. Тој морал да ја бара нејзината рака неколку пати додека таа не се согласи да биде негова сопруга.
Фотографија: picture-alliance/AP/Greg Gibson
Воајерот на изборите за убавина
Од 1996 до 2015 година Трамп поседувал дел од натпреварите за убавина: Мис Универзум, Мис на САД и Мис на САД за тинејџери. Во тоа време, тој повремено ги посетувал гардеробите зад сцената каде убавиците се преоблекувале, за да се увери дека „се е во ред“. Токму на тоа може да се должи изразот на Мис Калифорнија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Lane
Првата жена член на одборот на директори на Вол Март
Клинтон беше првата жена што некогаш седнала во бордот на директори на американскиот ланец на супермаркети Вол Март. Компанијата, најблаго кажано, не е позната по тоа што е пријателска работна средина. Години подоцна, Хилари ја потпишуваше автобиографијата во една од продавниците на Вол Март - каде што вработените не можат да си дозволат да купат копија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Jim Lo Scalzo
Дополнителен, но профитабилен бизнис
Иако кариерата ја започна со недвижности, Трамп се појавуваше и на голем број филмови и телевизиски шоуа, вклучувајќи го и реалното шоу „The Aprentice“. Тој е член на организацијата на телевизиски актери и од таму добива годишна пензија од 110.000 долари за неговите телевизиски појавувања. Ѕвездата на познатиот „Булевар на славата“ во Холивуд ја доби во 2007 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Stern
Жена со многу стилови
Како прва дама на САД, Хилари Клинтон беше позната поради експериментирањето со различните стилови. Во 1996 година магазинот „Венити Фер“ тврдеше дека таа сменила 43 фризури. На сликата е прикажана фризурата која ја носеше кога зборуваше за Моника Левински, практикантката со која нејзиниот сопруг имаше афера.
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Naltchayan
Во „коцкастиот“ круг
Трамп имаше бројни појавувања во боречкиот ринг како дел од наводната кавга со шефот на “World Wrestling Entertainment” Винс МекМахон. Учеството на Трамп во наместени борби му донесе место во „Wrestling Hall of Fame“. Веројатно е дека Трамп би сакал да ја повтори сцената на сликата со Хилари.
Фотографија: Getty Images
Освојувач на Греми награда
Многумина од оние кои се спротивставуваат на Хилари и добар дел од нејзините подржувачи се согласни дека гласот на Хилари не е многу пријатен за ушите. Сепак, тоа не ја сопре да освои Греми награда во 1997 година за најдобар говорен перформанс за аудио книгата на нејзината автобиографија. Патем, истата година Селин Дион освои награда за најдобар албум.