1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Будење на посредувачката сила

Дагмар Енгел/Ж.А.31 декември 2015

Германската надворешна политика оваа, 2015 година, засилено посредуваше во бројни кризи во светот, од Украина па до Сирија. Германците очигледно ја пронајдоа својата улога во меѓународната политика.

Фотографија: Lazarenko/Ukrainian Presidential Press Service via Reuters

Криза 1 - Источна Украина во февруари

Кризните преговори во белорускиот град Минск траеја речиси 17 часа без прекин. На крајот произлезе договор, со кој се‘ уште сите се незадоволни. Но, во тој момент во Источна Украина владееше воена состојба, војна меѓу Украина и сепаратистите, поддржувани од Русија. Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд во Минск успеаја да издејствуваат рускиот и украинскиот претседател да постигнат план со кој допрва ќе се бара конечно решение. Имплементацијата на договореното во Минск и натаму е нецелосна, примирјето кревко. Но, во редовни временски интервали министрите за надворешни работи на четирите земји - Украина, Русија, Германија и Франција, се состануваат на разговори околу следните мали чекори.

Паралелно со тоа, на Германците им успеа да ги заострат и да ги одржат санкциите кон Русија, против интересите на некои Европејци, но и на дел од германското стопанство.

Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Hoslet

Криза 2 - Грција во јули

И во ноќните преговори од 13 јули се покажа еден од исклучителните квалитети на германската надворешна политика: издржливоста. Ангела Меркел повторно преговараше 17 часа пред конечно да биде договорен третиот пакет за финансиска помош за Грција. Во јануари избраната грчка левичарска влада на чело со Алексис Ципрас со месеци се обидуваше да се извлече од обврските на важечката ЕУ-спасувачка логика со строги услови. Средството кое Ципрас го употребуваше беше: поделба. Тој ги прогласи Германците за „страшила“, истовремено барајќи сојузници меѓу другите јужноевропски држави. Но, тогаш на сцена стапи друг квалитет на германската надворешна политика: таа е способна да сврзува. Ангела Меркел и повторно Франсоа Оланд, конзервативната канцеларка и социјалистичкиот претседател, при заедничката посета во Атина ја демонстрираа европската решителност. Преовладувачки чувства по согласноста од јули беа исцрпеноста и олеснувањето, немаше одушевеност. Грчката драма е серија чија следна епизода е веќе во тек.

Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Neubauer

Крај на една криза - Иран во јули

По 12 години преговори, се случи завршна рунда од 14 дена во која преговарачите постојано ги пролонгираа самопоставените рокови. Повторно жилави „пазарења“ со часови, за конечно во Виена на 14 јули да биде окончан Атомскиот договор со Иран. За ниедна друга земја не важат толку строги контроли: цели 25 години ќе бидат надгледувани сите нуклеарни активности на Иран, облагородувањето ураниум и развојот строго ограничени. За возврат, Западот ги прекинува економските санкции, но може повторно да ги воведе ако Иран го прекрши Атомскиот договор. Германија ја одигра својата голема улога на посредник, Иран има посебно голема доверба во Германците, иако тие недвосмислено и трајно стојат на страната на Израел. Токму ова последново и подготвеноста преку долгогодишната политика на санкции да се прифатат и штетите по сопствената економија, ја засилуваат довербата од другата страна, петте вето-сили во Советот за безбедност на ОН. Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер во преговорите го внесе своето искуство од својот прв мандат. Десет години посредување, со прекин, се наградени со историска спогодба.

Фотографија: Stadt Passau

Големата криза - Сирија и бегалците доцна летото

По преку четири години братоубиствена војна, граѓанската војна од Сирија ја погоди и Европа, а посебно Германија. Пред теророт на режимот на Асад и на Исламска држава побегнаа милиони Сиријци, мнозинството првично во соседните држави. Но, меѓународната заедница се‘ послабо и полошо се грижеше за нив, ОН мораа да ја намалуваат помошта. Во летото бегалците започнаа да заминуваат кон север. Германија се смета за посакувана земја, откако ги отвори своите граници за воените бегалци.

Мнозинството останати Европејци не ја фалат ваквата одлука. Но, под притисок на бројноста на бегалците и растечката загриженост поради ширењето на теророт на ИД, на 30 октомври во Виена се собраа сите клучни актери за да разговараат околу политички план за Сирија, навистина сите, дури и регионалните сили Саудиска Арабија и Иран. Иако се смртни непријатели, тие потклекнаа под логиката: две недели пред Виенските преговори германскиот министер за надворешни работи Штајнмајер беше во политичка посета на двете држави. Паралелно со дипломатијата, настана нов развој на ситуацијата: на сириското небо стана тесно: по терористичките напади во Париз на 13 ноември воздушни напади против ИД во Сирија вршат и Французите и Британците, поддржувани од германските извиднички авиони.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Трајни кризи

На Европа не и‘ се пишува добро, солидарноста се рони. Германија е опкружена со земји во кои гласачите засилено се свртуваат кон ренационализација и изолирање. Според анкетите, Велика Британија се движи кон излез од ЕУ. Германската надворешна политика се бори да го запре Брекзитот. Германската канцеларка оваа година четири пати се сретна со британскиот премиер во четири очи, не сметајќи ги екстра-разговорите на маргините на европските самити.

Трансатлантските врски се разнишани, посебно во однос на Кина: Германците во прв план имаат трговско-политички аспект, перспективата на САД е поконфликтна и носи воен печат.

Во Африка постојаните конфликти и корупцијата се закануваат да ги уништат шансите на континентот, не само во Бурунди. Шефот на германската дипломатија во 2015 година имаше шест патувања во државите во Африка. Штајнмајер во 2015 година посети 65 држави. Дали зад тоа се крие голема стратегија? Не, тука нема голема надворешнополитичка стратегија, освен ако перманентните напори за посредување и неоткажување се сметаат за таква.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми