Германија врти в десно
4 јануари 2016
Беше 28 август, 2 часот наутро во малото место Цалшемендорф. Гори една триспратница. Недолго пред тоа, во неа се всели едно семејство од Зимбабве. Под креветот на 11-годишниот Алвин пожарникарите подоцна ќе го пронајдат „виновникот“- молотов коктел. Уфрлен е низ прозорецот во приземјето на зградата, каде, само благодарение на среќни околности никој не настрада. Убиствените ексцеси како овој во Германија се бројат со стотици. Само за споредба, во 2011 година беа евидентирани 18 напади врз бегалски домови, а четири години подоцна дури 600.
Германија и бегалците, тоа е тема која ја одбележа годината и ги вознемири духовите. И речиси недопирливата Ангела Меркел се сопнува на својата одлука да ги отвори границите пред оние кои бараат помош. Во меѓувреме, јавната клима кон бегалците не е одредена само со етички принципи. На 8 декември беше регистриран милионитиот барател на азил во минатата година. И претходно, политиката на отворени врати на канцеларката наидуваше на отпор во нејзината партија, во кабинетот, во општините. И на улицата. Германското општество демонстрира длабока поделеност.
Анкетите покажуваат дека ксенофобијата е во пораст. Од сите аспекти на десноекстремната пропаганда, најистакнато е непријателството кон странците. Бегалската политика на сојузната влада стана проекциско платно за нова фобија кон странците. Таа фобија ја шират пред сѐ расистичкото движење Пегида, популистичката партија Алтернатива за Германија и десноекстремната НПД.
Заедничкиот именител им е во тоа што тие себеси се гледаат како жртви и сакаат државата да ги заштити од бегалците, од странците- тоа пред се важи за Пегида. „Тоа е регионален феномен кој е ограничен само на Саксонија“, вели Давид Бегрич. Овој теолог и социолог од Магдебург вели дека ксенофобното движење има одек пред сѐ на истокот на Германија, додека на Западот тој веќе неславно пропадна. Тврди дека на истокот, на територијата на поранешна ДДР, и натаму се омилени политички концепти кои заговараат враќање кон хомогено општество.
Во повеќето покраини, собирите на Пегида не се од особено значење за Службата за заштита на уставниот поредок (германска верзија на Државната безбедност“. На Фејсбук оваа платформа има речиси двојно повеќе „лајкови“ од парламентарните партии- заедно. Симпатизерите на Пегида вообичаено се мажи на средни години кои претежно имаат постојано вработување. На прошетките низ Дрезден и други градаови секој понеделник се прикажуваат како „моќта на народот„ и како „заштитници на христијанската култура на Западот“. Притоа, Европа никаде не е толку малку религиозна како на истокот на Германија, забележува Бегрич.
Притоа, причините за незадоволството се доста стари. Во прашање се луѓе кои се социјално прегазени од неолиберализмот. Разградбата на социјалната држава која социјалдемократскиот канцелар Герхард Шредер ја спроведуваше од 2003 година значеше губење на социјалните приходи. Милиони невработени оттогаш чувствуваат дека се оставени на цедило и се издржуваат со краткотрајна работа. Протестниот потенцијал доаѓа од стомакот на лошо платениот работник во услужните дејности. Доставувач на пакети со факултетска диплома стана прототип на социјалната фрустрација. Тоа длабоко всадено незадоволство сега се исфрла кон бегалците.
АФД- бојлер на незадоволството
Партијата се роди како економско-либерално движење кое ја презира европската монетарна унија и заедничката валута и така за малку влезе во парламентот пред две години. Тогаш делуваше дека Алтернативата за Германија (АФД) е веќе мртва- но тогаш партијата се подели. Одреден број основачи, вклучително и претседателот, ја напуштија партијата а она што остана се концентрираше на десноекстремниот курс и бележи двоцифрена поддршка во анкетите. Еврото таму веќе никој не го критикува. Новата партија се перципира како антибегалска партија.
Неодамна беше обелоденото дека еден од лидерите на АФД, Бјерн Хеке на еден собир нашироко расправал за разликите во размножувањето на „африканскиот и европскиот тип“ луѓе, поради што бил предупреден и во сопствената партија. „Партијата паѓа во замката на радикализацијата“, вели реномираниот истражувач на десниот екстремизам Хајо Функе. „Не се работи за господинот Хеке и неговите биолошки расистички испади. Народњачкиот националистички екстремизам е составен дел од оваа партија бидејќи и други нејзини членови говорат за тоа дека арапските бегалци нема што да бараат во Германија“.
НПД- случај за себе
Кога станува збор за ширење ксенофобија, НПД е секогаш тука некаде на чело на колоната. Националдемократската партија на Германија последните години имаше сѐ помала поддршка, но бегалската криза и донесе нов раст. Безбедносните кругови сметаат дека нејзината сила би била сѐ поголема да не се појавеа АФД и Пегида. Уставниот суд на почетокот на годината по втор пат одлучува за евентуална забрана на работата на оваа партија и НПД повторно ќе биде тема во сите медиуми.
Според статистиките, во Германија нема повеќе од 25 илјади десни екстремисти подготвени на насилство. Дури секој десетти меѓу нив е припадник на некаква десничарска или неонацистичка мрежа. Очигледно е дека во Германија не постои таен мастер план според кој редовно би се изведувале напади врз бегалските домови. Повеќе од две третини од откриените сторители се локални млади луѓе кои, како што се вели, не и биле од претходно познати на полицијата. Тоа е уште еден доказ дека тивката средина на општеството се радикализира. Аналитичарите говорат за „поделена Република“.
Тука спаѓа и фактот дека се повеќе луѓе учествуваат на контрапротестите против десничарските собири. Експертот за екстремизам Хајо Функе е убеден дека ксенофобниот потенцијал во Германија повторно ќе се намали доколку на политиката и појде од рака јасно да постави и да спроведе политика на азил и на сите бегалци да им пружи постојан кров над глава. Ангела Меркел: Ние тоа го можеме.
2015 година го дозволува само следниот заклучок: новите ксенофоби не го претставуваат германскиот народ, но се дел од тој народ. И ќе ги има сѐ повеќе.