1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците најмногу се плашат од долгови

Ралф Бозен
11 октомври 2021

Многу Германци се загрижени дека државата ќе ги зголеми даноците поради корона-кризата, покажува студија која ги истражуваше стравовите на населението.

Deutschland Schuldenlast Privatleute Illustration
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Steffen

Таканаречената „црна нула“ со години означуваше избалансиран јавен буџет без нови задолжувања. Таа важеше за гордост и „визит карта“ на германската влада. На некои луѓе им даваше смирувачко чувство дека живеат во финансиско-политички солидна земја. Тоа беше така сѐ додека корона-пандемијата не ја зафати земјата и не го претвори во пепел „фетишот“ на Германците за бројки и статистики. Оттогаш Германија се задолжува како никогаш досега. Кон средината на април Бундестагот донесе дополнување на Буџетот со кое може да се земаат кредити до 240 милијарди евра. Рекорд! Вкупното задолжување на Германија сега изнесува 2200 милијарди евра, исто така рекордно. Крај на задолжувањето не е на повидок.

Кошмар: Зголемување на даноци, кратење на додатоци

Многу Германци се исплашени од невообичаеното задолжување на државата. Особено стравуваат дека за да може државата да ги враќа долговите, ќе им бркне подлабоко во џебот. Тоа произлезе од студијата на една од најголемите осигурителни куќи во Германија, Р+В, насловена „Стравовите на Германците во 2021”. Таква студија се спроведува секоја година од 1992 година и ги истражува стравовите на Германците поврзани со политиката, економијата, околината, семејството и здравјето. Стравот и грижите се составен дел од бизнис моделот на осигурителните компании, па годинава истражувачите анкетирале 2400 мажи и жени на возраст над 14 години во периодот од 25.5. до 4.7.

„Долгот што се собира на сојузно, покраинско и општинско ниво за справување со корона-кризата, им е најголема грижа на Германците годинава”, вели Бригите Ремштет, раководителка на Инфоцентарот на Р+В, во чија ингеренција се резултатите од студијата. Според неа, 53 проценти од Германците се уплашени од можно трајно зголемување на даноците или кратење на додатоците заради должничкиот проблем поврзан со корона-кризата.

Наспроти тоа, стравот тешко да заболат, меѓу другото и од корона, е на само 14-то место на ранглистата. Тоа не ја изненадува Ремштет: „И минатата година само секој трет беше уплашен од заразување, а тогаш немаше ни вакцина. Болестите се нешто што луѓето го туркаат под тепих, тоа на сите ни е познато. Но, кога се во прашање парите и моето искуство покажува дека стравот е секогаш многу голем“, заклучува Ремштет во интервју за ДВ.

Премолчена тема во изборната кампања

Политикологот и професор Манфред Г. Шмит смета дека цехот за короната ќе биде претставен дури по изборите на 26 септември годинава. Стравот од последователните трошоци, според професорот, не бил потхранет со предизборната кампања. „Партиите успешно ја премолчеа темата бидејќи стравуваат оти е експлозивна, така што тешко дека ќе одигра некаква улога во изборите", вели Шмит за ДВ. Професорот од „Рупрехт Карл“ универзитетот во Хајделберг со години има советодавна улога во осигурителната компанија при вреднувањето на резултатите од студијата.

На второ и трето место се стравови поврзани со пари. Секој втор Германец стравува дека ќе се зголемат трошоците за живот и дека даночните обврзници ќе треба да бркнат в џеб за должничката криза во ЕУ.

Слични биле резултатите и минатата година. Грижата од рецесија годинава е намалена и со 40% е на десетто место на ранглистата наспроти 48% минатата година, кога заради застојот во економските активности за време на пандемијата беше четврти најголем страв на Германците.

Грижата од рецесија годинава е намалена и со 40% е на десетто место на ранглистатаФотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Повеќе еколошки стравови поради поплавите

Додека последиците од корона се перцепираат како многу конкретни, за климатските промени досега важеше дека колку е поапстрактно загрозувањето, толку е помал стравот. И покрај петочните протести на Тунберг и предупредувањата на Светскиот климатски совет од ризиците од забрзаното затоплување на климата, климатските стравови во анкетата се умерени, речиси како и минатата година: 41% се плашат од почести природни катастрофи и екстремни метеоролошки појави (8 место, лани: 44% и 5 место). Од последиците од климатските промени, исто како и минатата година, уплашени се 40% од Германците.

Но, по катастрофата со поплавите во Северна Рајна Вестфалија и Рајнланд Пфалц, Германците гледаат друга закана. „Анкетата во тој момент веќе беше завршена, па спроведовме дополнително онлајн истражување со 1000 лица околу нивните еколошки стравови”, дополнува Ремштет. Природни катастрофи и екстремни временски појави сега плашат 69 проценти од граѓаните. 61 проценти се загрижени дека климатските промени ќе имаат драматични последици врз човештвото. Таквите бројки се 20% над вообичаените во ова истражување. Веројатно стравот е потхранет од „вознемирувачките содржини што во тој период на дневна база можеле да се видат од поплавените региони. Мислам дека следната година тој страв ќе биде намален ако луѓето веќе немаат такви слики пред очи”, претпоставува Ремштет.

Природни катастрофи и екстремни временски појави сега плашат 69 проценти од граѓанитеФотографија: Wolfgang Rattay/REUTERS

Редовен хит: Бегалци и странци

И во 2021-ва повторно грижите поврзани со миграцијата се во топ 10, иако немаше поголеми бегалски движења кон Германија. Стравот од преоптовареност на државата заради бегалци е пораснат на 45%, односно четврто место наспроти осмото лани со 43%. Стравот од тензии заради доселување на странци минимално е понизок, со 42% годинава наспроти 43% лани.

По тоа се гледа дека „шокот со бегалската криза во 2015. и натаму е длабоко всаден кај значителен дел од населението. И од други анкети се гледа дека темата бегалци и азиланти е зад корона и климатски промени”, вели политикологот.

Повеќе:

Германците повеќе се плашат од Трамп отколку од короната

Стравот на Германците да не останат сами

Умерени оцени за политичарите во изборната година

Во 2021-ва 41% од Германците стравуваат дека политичарите се префорсирани со задачите што ги имаат. За изборна година тоа е умерен резултат, сметаат истражувачите. За споредба: во изборната година 2017, дури 55% од анкетираните се сомневале дека политичарите се дораснати на нивните задачи. Граѓаните на истокот на земјата, со 50%, се повеќе загрижени заради политичарите отколку граѓаните на западот, каде само 39% го делат истиот страв.

Корона-кризата на виделина извади многу недостатоци во земјата, како на пример недоволната дигитализација, што плаши 38% од Германците. „Тоа што Германија заостанува во дигитализацијата е само на 12-то место и тоа по година и половина онлајн настава и работа од дома, кога точно се виде каде има проблеми. Тоа многу ме зачуди", вели Ремштет.

Шокот кој го предизвика бегалската криза во 2015 година и натаму е длабоко всаден кај значителен дел од населениетоФотографија: Getty Images/AFP/A. Messinis

Германците се прагматични и со стравувањата

Со студијата за 2021 година осигурителната компанија Р+В по 30-ти пат го мери пулсот на Германците кога се во прашање нивните стравови. Но, некаков тренд или пак страв кој од почеток се провлекува до денес не бил забележан.

Затоа пак низ годините е разбиена една предрасуда: „Во сите овие години, во кои јас ја водам студијата, сфатив дека често употребуваниот поим 'German Angst' (‘германскиот страв’) е принципиелно неоснован. Германците не се плашливи луѓе", појаснува Ремштет.

Тие реагираат на многу реални загрозувања. По нападот врз кулите близначки во Њујорк во 2001 година, на пример, најмногу се плашеле од тероризам. Кога има масовни отпуштања од работа кај нив расте стравот од безработица. „Кога заканата ќе се намали, се намалува и стравот. Не постои еден страв што секогаш доминира, туку тоа е сосема зависно од актуелната ситуација", вели Ремштет.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми