Германија ги засука ракавите околу Македонија
7 јуни 2016Специјалниот пратеник на германскиот министер за надворешни работи за Македонија, Јоханес Хајндл (на фотографијата), денеска и утре во Скопје ќе води разговори со потписниците на Договорот од Пржино, како и со претставници на меѓународната заедница. Предвидени се и разговори со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, премиерот Емил Димитриев, министерот за надворешни работи Никола Попоски и специјалната обвинителка Катица Јанева. Според најавата од германската амбасада во Скопје, Хајндл утре би требало да даде и изјава за медиумите.
Во интервју за Дојче веле, дадено на крајот на мај, по неговата втора посета на Македонија, Хајндл рече дека Германија и ЕУ со голема загриженост го следат актуелниот развој во земјата. „Сакаме да ѝ помогнеме на земјата да излезе од кризата, но патот мора самата да го изоди. Тоа значи дека сите политички актери мораат заеднички да работат и во прв план да ги стават интересите на својата земја“, нагласи тој. „Духот“ на Договорот од Пржино и во оваа ситуација мора да се одржи, нагласи Хајндл за ДВ, додавајќи дека тоа значи создавање влада што ќе создаде предуслови за одржување фер и слободни избори, како и спроведување на реформите. Освен тоа, како што додаде германскиот пратеник, „СЈО треба без пречки и со целосна поддршка од македонските институции да може да ја извршува својата работа“.
Додека Хајндл е во Скопје, во Берлин Македонија ќе биде тема на расправа во Комисијата за надворешна политика на германскиот парламент. Утре на дневен ред на Комисијата е ставена и точката „Актуелната ситуација во Македонија“.
Пратеникот Јосип Јуратовиќ, известувач за Македонија и за Југоисточна Европа од Социјалдемократската партија, по тој повод истакнува:
„Екстремно сме загрижени поради внатрешнополитичката ситуација во Македонија. На Македонија и‘ е потребна регионална соработка наместо општествени раздори, правна држава и слобода на медиумите наместо надгледување.“