1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ги отвора случаите на „заборавените“ нацисти

5 октомври 2011

Обвинителството во Минхен се подготвува да отвори истрага против околу илјада поранешни нацисти, и да им суди и покрај одминатата старост. Повод за одлуката е пресудата за нацистичкиот чувар Демјанук.

Auschwitz Befreiung
Фотографија: AP

Германските обвинители повторно ги отвораат случаите на стотици поранешни нацисти за кои постојат сомневања дека извршиле злосторства за време на Втората светска војна. Можност за актуелизирање на случаите се отвори по пресудата за поранешниот нацистички логорски чувар Џон Демјанук.

Поради одминатата старост на поголемиот дел од осомничените, од кои најмладите се на возраст од 80-ина години, германското обвинителство одлучило да ги отвори нивните случаи и без да ја чека конечната пресуда во „случајот Демјанук“.

„Не сакаме да чекаме предолго, па веќе ја отворивме истрагата“, изјави обвинителот Курт Шрим.

Ловецот на нацисти во Центарот Симон Визентал, Ефраим Зуроф изјави дека веќе подготвил нова кампања во следните два месеци за откривање на преостанатите нацистички злосторници.

Фотографија: picture alliance/dpa

„Ова може да биде многу интересно последно поглавје. Ова може да има извонредни последици, иако е толку доцна“, изјави Зуроф.

91-годишниот Демјанук, беше осуден во мај годинава за соучесништво во убиството на 28 илјади луѓе во конц-логорот Собибор во окупирана Полска. Тоа беше прв случај во кој обвинителите успеаја да добијат пресуда без притоа да успеат да докажат дека обвинетиот земал директно учество во убиствата. При отворањето на случајот против Демјанук, обвинителството во Минхен аргументираше дека е доволно да се докаже дека тој работел како чувар во конц-логорот, кој пак сам по себе бил формиран заради ликвидација, што ја докажува неговата вина како соучесник во убиствата.

На судење чекаат уште илјада нацисти

По 18 месечен процес, судот во Минхен го осуди Демјанук на затворска казна од 5 години, но се’ уште се чека одлуката на Апелациониот суд. Пресудата го поттикна обвинителството да отвори и други слични случаи, кои досега не можеа да се процесуираат поради недостаток на доказ. Проценката на обвинителот Шрим е дека бројката на осомничени е нешто „помала од илјада“ луѓе, кои живеат во Германија или во други земји.

Џон ДемјанукФотографија: AP

По Втората светска војна, водечките нацисти, како Херман Геринг беа судени пред Трибуналот во Нирнберг, додека пониските ешалони им беа оставени на германските судови. Но, поради малата политичка волја агресивно да се гонат злосторниците, голем дел од судењата завршија со мали или со ослободителни пресуди.

На пример, Карл Штрабјл, командантот на СС логорот Травники во кој биле тренирани чуварите за концентрационите логорите, беше ослободен од вина од судот во Хамбург во 1976 година, откако судот утврди дека тој не можел да знае за што ќе бидат употребени чуварите по обуката.

Сепак, германските обвинители предупредуваат дека најпрво мора да се причека одлуката на Апелацискиот суд во врска со жалбата на Демјанук, па дури потоа да се почнат целосните подготовки за евентуалното судење на останатите осомничени нацистички злосторници.

Автор: Борис Георгиевски/ап

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми