1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија го исфрли шефот на ЦИА од Берлин

Б. Георгиевски/дпа/ап10 јули 2014

Германските власти му наредија на шефот на канцеларијата на американската разузнавачка агенција во Берлин да ја напушти земјата, поради шпионирањето од страна на Вашингтон и врбувањето германски агенти

Фотографија: imago

Шефот на бирото на американската Централна разузнавачка агенција во Германија ќе биде исфрлен од земјата, во првиот јасен сигнал дека ескалира незадоволството во Берлин по откривањето на двајца вработени во домашните разузнавачки служби кои биле врбувани од страна на американските служби.

„На претставникот на американската разузнавачка служба во амбасадата на САД му е кажано да ја напушти Германија“, потврди портпаролот на германската влада Штефен Зајберт.

Канцеларката Ангела Меркел одби да го коментира потегот, кој се толкува како акт на дипломатско заладување на односите невидено во изминатите седум децении кои ги карактеризираа блиски, сојузнички односи меѓу САД и Германија.

Канцеларката Меркел, говорејќи за време на прес-конференцијата со молдавскиот премиер Јурие Леанка во Берлин, шпионирањето од страна на САД го оцени како „губење енергија“.

„Шпионирање на сојузниците, тоа е губење енергија. Имаме толку проблеми, треба да се фокусираме на важните нешта“, рече Меркел. Меѓу таквите приоритети, таа ги наведе проблемите во Сирија и борбата против тероризмот.

Барак Обама и Ангела МеркелФотографија: picture-alliance/dpa

Во два одвоени случаи во изминатите 10 дена, едно лице беше уапсено, а против уште едно е отворена истрага поради сомневање дека работеле за странска тајна служба. Двете лица работеле за германските тајни служби, а на САД им продавале тајни податоци.

Министерот за внатрешни работи Томас Де Мезие, вели дека сѐ уште не се познати сите детали за двата случаи.

„Доколку состојбата остане каква што ја знаеме во моментов, информациите кои овие две лица ги споделувале се смешни“, рече Де Мезие. „Но, политичката штета е немерлива и сериозна“, дополни германскиот министер.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми