1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Да се учи германски дури во училиште?

Сабине Кинкарц
8 август 2019

Дали децата мора добро да го владеат германскиот јазик за да се запишат во основно училиште? Ова барање на еден политичар германските демохристијани наиде на остра критика во јавноста.

Deutschland - Schultüte
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Weigel

Во Германија привршува летниот распуст. Во Берлин и Бранденбург новата учебна година започна уште минатиот понеделник, останатите сојузини покраини се приклучуваат една по друга се до септември. На ниво на цела држава запишани се околу 700 илјади првоодделенци, односно деца кои по правило со навршување на шестата година имаат обврска да тргнат в училиште. Во основното училиште треба да научат да читаат, да пишуваат и да сметаат, но исто така и да се стекнат со основи од географијата, историјата и природните науки, како и музичко, ликовно и физичко образование кои исто така се на распоредот. Во државните училишта наставата е на германски јазик. Тоа е предизвик за деца кои не посетувале германска градинка, или пак кај кои во домот не се зборува германски. Предизвик е и за наставниците, особено во случаите кога во едно одделение повеќе деца не го говорат наставниот јазик. Тоа не е реткост, особено во големите градови. Од 2013 до 2018 е зголемен процентот на деца со миграциско потекло од 6,6 на 11,6 проценти.

Германски како странски јазик

На пример Дуизбург. Според извештај од годинава во градот од сто првоодделенци со миграциска позадина само осум зборуваат германски без грешки. Од сите деца кои биле запишани на училиште минатата година во Дуизбург 16 проценти воопшто не зборувале германски. Пратеникот Карстен Линеман од ЦДУ смета дека тие деца не смее да бидат запишани во редовно одделение. „Дете кое едвај зборува и разбира германски нема што да бара в училиште", изјави заменикот претседател на фракцијата на ЦДУ за весникот Рајнише пост. Во такви случаи морало да постои обврска за предшколско образование и тргнувањето во прво одделение евентуално да биде одложено. 

Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Burg

Повеќе:

-Германија: Прво научен јазик, па спојување на семејство

-Важен е германскиот, но и мојот мајчин јазик исто така!

-Германскиот јазик доби 5.000 нови зборови


За таквата изјава Линеман најпрво доби критики, дури и од сопствените редови. Министерката за образование на покраината Шлезвиг-Холштајн, Карин Прин која исто така е од ЦДУ, рече дека се работи за „популистички глупости" и барањето на Линеман го оквалификува како „тотално погрешен пристап". Немало што да се чепка во делот на обврската за тргнување во училиште, нагласи специјалниот пратеник на владата за прашања поврзани со интеграцијата, Анет Видман Мауц од ЦДУ. Потребни биле задолжителни тестови за познавање на јазикот и програми за поттикнување на неговото изучување кои ќе функционираат од најрана можна возраст. Линеман подоцна рече дека токму тоа било и неговото барање. Му било важно да има последици доколку децата не ги положат т.н. тестови за проценка за знаењето на јазикот пред да тргнат в училиште. Ако и покрај тоа тие деца ги запишувале во прво одделение, немало да има никаква корист ниту за децата од домаќинства во кои се зборува германски, ниту за оние во кои не се зборува, а го познаваат јазикот, изјави Линеман за новинската агенција ДПА.

Паѓа нивото и кај германските деца

Во синдикатот на наставници „Воспитување и наука” проблемот се гледа од повеќе аспекти. Проблемот бил пред се што недостига стручен персонал на наставници, па оттаму едвај се справувале со јазичните проблеми во училиштата. Илка Хофман, експерт за образование на синдикатот, нагласува дека и германски деца „имале се повеќе јазични проблеми ". Тоа не е проблем само на деца со миграциска позадина. Хофман бара на наставниците да им се даде повеќе време за работа на јазичните познавања на децата. Класовите морале да бидат помали и условите за учење подобри. Децата кои не знаат добро германски да се запишуваат подоцна в училиште како што бара Карстен Линеман, би значело исклучување на тие деца. Кога се ограничуваат контактите со другите деца, „на интеграцијата и правиме мечкина услуга". Деца учат од деца и „особено малите деца учат преку игра, а не во класичен курс по германски".

Фотографија: imago/Westend61

„Навистина нервира"

Со ист став се и политичарите, кои исто така имаат странски корени, а се израснати во Германија и тука оделе на училиште. „Многу ме нервира кога политичарите не си ја преземаат одговорноста и не се грижат за она што треба да се грижат: да бараат решенија наместо создаваат проблеми," напиша на Твитер пратеничката од Зелените, Амината Туре од Шлезвиг Холштајн.

Тест за четиригодишници

Берлин и Хамбург веќе најдоа решение: во двете сојузни покраини јазичните тестови во градинки се одамна воведени. Четиригодишни деца кои не го зборуваат добро јазикот, за да може подоцна успешно да се вклучат во наставата, мора да посетуваат часови по јазик во предучилишна возраст. Во Берлин и до 18 месеци. Пет дена во неделата дневно по пет часа настава по германски јазик.

Но, може да се тестираат само деца кои се запишани во градинка. Бидејќи тоа не е задолжително. Во Германија има над 100.000 деца меѓу три и шест години кои ги чуваат дома. Во принцип потекнуваат од семејства со ниски примања, пониско ниво на образование и имаат миграциски корени. Токму од делот на општеството за кое е потребна акција. Како последица од тоа деца во Хамбург или Берлин се запишуваат на училиште со незадоволително ниво на познавање на јазикот. Сега СПД во Берлин сака да ја воведе како задолжителна барем последната година во градинка.

Фотографија: picture alliance/Joker/G. Petersen

И тоа не само со цел да се подобри нивото на јазикот кај децата. Дури и моторните вештини кај малечките се се помалку развиени. Во процесот на запишување на деца во училиште во Берлин кај речиси 28% од сите деца се утврдени недостатоци и проблеми во координацијата на телото, 31% имаат потешкотии со фините моторни вештини, а 35% имаат проблеми со когнитивниот развој.

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми