1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија денеска ќе го признае Косово

20 февруари 2008

По инцидентните ситуации, затворени два гранични премина од Косово кон Србија. Српската влада ги оправдува инцидентите. Претседателот на Косово апелира до Србите да го зачуваат мирот. Хавиер Солана го посети Косово.

Запалено возило на ОН на граничниот премин ЈарињеФотографија: AP

Германската влада денеска ќе расправа и, според најавите, ќе донесе решение за признавање на независноста на Косово. Попладнето и Бундестагот ќе дебатира за иднината на Косово по прогласувањето независност. Формално германското признание ќе биде искажано со нота од сојузниот претседател Хорст Келер до претседателот на Косово Фатмир Сејдиу, што би требало да уследи по решението на владата.

Србија веројатно ќе го повлече својот амбасадор од Берлин, оти е тоа првата реакција на Белград во однос на сите земји што ќе го признаат Косово.

Вчера од северните делови на Косово беа повлечени албанските припадници на косовската полиција – од безбедносни причини, како што е речено во Приштина. Неофицијално се вели дека тоа било сторено на барање од нивните, наводно, одметнати српски колеги. На ова, пак, му претходеше напад врз една полициска станица, при што биле оштетени повеќе возила.

Србија ги оправдува, УНМИК ги осудува безредијата

Српскиот министер за Косово Слободан Самарџиќ во меѓувреме го оправда уништувањето на два контролни пункта на ОН, односно на два гранични премина меѓу Србија и Косово, оти тоа било „во согласност со политиката на владата во Белград за преземање на царинската контрола“.

Шефот на УНМИК Јоахим Рикер најостро ги осуди инцидентите. КФОР во меѓувреме ги затвори двата премина. Косовскиот претседател Сејдиу апелира до Србите да го зачуваат мирот и уверуваше дека српското малцинство ќе ги ужува истите права како и сите на Косово.

Косово вчера го посети претставникот на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана. Тој изјави: „Радоста на улиците, што сите можевме да ја следиме на телевизија, сега би требало да биде претворена во конструктивна енергија, за општесвото да се развива и да напредува“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми