Без маски, без физичка дистанца- берлинскиот собир на противници на мерките против коронавирусот што се случи во саботата, ја алармираше политиката. Каде се границите на правото на слободен протест во време на пандемија?
Реклама
Десетици илјади протестираат како да не постои вирусот: без заштитни маски на устата и носот, настегани едни до други луѓето во саботата дефилираа низ Берлин.На случајни минувачи кои носеа заштитни маски демонстрантите им довикуваа „Симни ја маската!”
Реакциите се слушнаа уште истиот ден. Претседателката на Социјалдемократите, Заскија Ескен, ги нарече „ковидиоти”. Шефот на фракцијата на ЦДУ во покраинскиот парламент на Бранденбург, Јан Редман, изјави дека “Таквите опасни глупости веќе не можеме да си ги допуштаме”.
„Немам разбирање“
Политичарите од повеќе партии имаат слични ставови – дебатата се засилува. Слободата за демонстрации „е особено важна уставна придобивка,“ вели министерката за правда Кристине Ламберт за „Зидојче Цајтунг“. Сепак мора да се почитуваат препораките и правилата за справување со епидемијата и да не се загрозат другите. „Јас немам разбирање за демонстрантите кои ова самоуверено го занемаруваат“.
Експертот за внатрешни работи на ЦДУ, Армин Шустер гледа „опасност за пошироката јавност“ и ваквиот тип на демонстрации генерално го доведува во прашање. Според него вакви собири би можело да се дозволат “само под построги правила или воопшто да не се дозволуваат,“ изјави Шустер за весникот „Рајнише Пост“.
Шефот на пратеничката група на партииите на Унијата во Бундестагот, Торстен Фрај нагласува дека протестни собири може да бидат ограничени само во апсолутно исклучителни случаи. „Но ако самите демонстранти стануваат висок ризик, тогаш државата не смее немо да посматра,“ рече политичарот од ЦДУ за „Велт“.
Казни за прекршоци
Експертот за здравство од СПД, Карл Лаутербах бара казни за прекршителите. „Кога десетина илјади агресивно повикуваат на тоа да не се почитуваат правилата за држење дистанца, тогаш тоа е закана за јавното здравство,“ вели Лаутербах за НДР. Тој бара да се изврши идентификација на учесниците за да може да им се изречат казни.
Потпретседателот на АФД, Тино Чупала пак застана во одбрана на демонстрантите. „Не гледам никакво девијантно однесување,“ изјави тој за АРД. Протестите поминаа мирно, луѓето излегоа на улица заради нивните основни и граѓански права. „Тоа е само за поздрав.“
„Луѓе кои се очајни“
И потпретседателот на Бундестагот, Волфганг Кубицки има разбирање. Тој е сигурен дека меѓу демонстрантите имало “голем број луѓе кои не се изгубени за нас, туку се само очајни бидејќи повеќе не знаат зошто овие мерки се спроведуваат.“ Политичарите не успеаа ова подобро да го објаснат.
Од Азија кон Европа: Походот на заштитните маски против коронавирус
Прво важеа за неефикасни и збунувачки, но се‘ повеќе земји во меѓувреме воведуваат правило за носење заштитни маски против ширењето на коронавирусот. За победоносниот поход на маските, започнат во Азија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Zucchi
Ракавици, мобилен телефон, заштитна маска
Дали и во Германија ќе се воведе обврска за носење заштитна маска? По консеквентната употреба во Азија, институтот Роберт Кох препорача нејзино носење и во Германија. Јена е првиот град кој ја водведе оваа мерка, од 6 април во супермаркетите и јавниот сообраќај таму таа е задолжителна. Како заштита се прифаќа и шал или марамче на устата.
Фотографија: Imago Images/Sven Simon/F. Hoermann
Подарок за пожарникарите
Со оглед на големиот недостиг на заштитни маски, луѓето и институциите се снаоѓаат и сами. На Јутјуб и на Твитер под хаштагот „maskeauf“ многумина демонстрираат колку е едноставно да се изработи маска. Меѓу нив е и професионалната шивачка од Државниот театар Котбус, Керстин Бохов. Маските кои ги изработува оваа костимографка се наменети за пожарникарската служба и за Црвениот крст во Германија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul
Плетени маски
Уметничката Манша Фридрих плете маски за заштита од коронавирус. Нејзините маски се украсени со мотиви на насмеани лица, животни, сонце. Внатрешната страна на маските може да се менува. Уметничката од Хановер не дозволува корона-кризата да ѝ го расипе расположението.
Чешка и Словачка се отидени чекор понапред, таму уште на средината на март е воведена обврска за носење заштитни маски. Оној кој влегува во супермаркет или градски превоз, мора да носи маска. Словачката претседателка Зузана Чапутова и премиерот Игор Матович предничат со добар пример. И Австрија во меѓувреме воведе обврска за носење маски во супермаркет.
Фотографија: Reuters/M. Svitok
Будење на пролетта во Кина
Во Кина заштитните маски одамна се задолжителни за граѓаните. Оваа двојка, без оглед на кризата со коронавирус и ригидните контроли, не сака да се откаже од романтика. Двајцата занесено танцуваат на пролетното сонце и сигурно забораваат на сите останати околу себе.
Фотографија: AFP
Израел не дозволува исклучоци
И во Израел во сила се драстични ограничувања на движењето, кои ги воведе премиерот Бенјамин Нетанјаху, а се контролирани од полицијата и од војската. Кон нив мора да се придржуваат и ортодоксните Евреи. Во квартот Меа Шерим во Ерусалим, еден вооружен полицаец му наложува на својот ултраортодоксен сограѓанин да се прибере дома.
Фотографија: picture-lliance/dpa/I. Yefimovich
Уметност во Појасот Газа
Во густо населениот Појас Газа, уметниците се обидуваат да ги мотивираат граѓаните. Во квартот Шујаија, тие украсуваат заштитни маски со различни мотиви. Владата во Појасот Газа воведе ограничување за движењето на населението и забрана за одржување на сите манифестации. И т.н. „Марш на враќањето“, кој секоја година преку масовни протести се одржува на границата кон Израел, годинава е откажан.
Фотографија: Imago Images/ZUMA Wire/A. Hasaballah
Колумбиски „силници“
Во Колумбија на маските доминираат драстични и впечатливи мотиви. Вилиците на маските на двајцата полицајци се чини се инспирирани од колосот Хулк. Хулк е главната фигура во стрипот на Стен Ли и Џек Кирби, објавен во 1962 година. Приказната за неверојатниот Хулк е адаптирана во бројни филмови и серии.
Фотографија: AFP/L. Robayo
Макрон ќе се справува со недостигот од маски
Францускиот претседател посети фабрика за производство на заштитна облека и маски во Сент-Бартоломи д‘Анжу. Стотици лекари ја критикуваат владата што не набави доволни количини заштитна облека во време на епидемијата на коронавирус, но многумина од нив сепак работат, дури и без заштита. Емануел Макрон планира потребата од заштитна опрема да ја покрие со домашно производство до крајот на годинава.
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Venance
9 фотографии1 | 9
Меѓутоа германското Здружение на градови, предупредува дека демонстрациите не смее да станат нов извор на ширење на коронавирусот. „Неодговорно е да не се придржуваат до правилата и препораките на толку тесен простор,“ вели извршниот директор Хелмут Деди за весниците од медиумската групација Функе. Сличен став има и неговиот колега од Здружението, Герд Лансберг. Неприфатливо е илјадници луѓе да не држат дистанца и да не носат маски, а да го слават ова како законско право на слобода, вели тој за “Пасауер Ноје Пресе“. “Слободата на поединецот завршува таму каде што го загрозува животот и здравјето на другиот.“
Казни за организаторите
Според полицијата, на демонстрациите против државните мерки за справување со корона-пандемијата во саботата во Берлин имало околу 17.000 луѓе, а на собирот потоа имало околу 20.000. Бидејќи голем дел од нив не носеле маски ниту држеле дистанца, полицијата го растури завршниот собир. И самиот организатор најави дека демонстрациите се завршени, откако претходно полицијата поднесе кривична пријава против него.
Коронавирус: Кога маката ќе те направи инвентивен
И во иднина ќе треба да живееме со пандемијата на коронавирус. Но, добро е што во меѓувреме има толку многу идеи кои ни го олеснуваат секојдневието со вирусот - иако на некои треба допрва да се навикнуваме.
Фотографија: JF Group GmbH
Добар апетит на вечера во стакленик
Конечно може да се отиде некаде на вечера: рестораните се повторно отворени по повеќе недели пауза. Во Културниот центар Медиаматик во Амстердам гостите можат да јадат во мали „оранжерии“, стаклени куќички, добро заштитени од ветар, временски прилики и коронавирусот кој евентуално може да им го пренесат други посетители. Концептот има добар прием, до крајот на јуни се резервирани сите маси.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Dejong
Во ресторан со стаклена преграда на масите
Во многу ресторани пак на масите се поставува стаклена преграда, како оваа во „Гага кафе“ во Милано. Гостите при јадењето се заштитени од останатите со вграден плексиглас и од поторот меѓу масите, заради намалување на опасноста од инфекција. Заштитна маска сепак е обврска, барем додека не се јаде.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Furlan
Фризерски салони со заштита
Посебни правила во време на пандемијата на коронавирус важат и во фризерските салони. Заштитни маски за уста за фризерите и муштериите, и овде мијалниците се одделени со стаклена преграда. Нема веќе кафе додека се чека во салонот, долго задржување е табу. На муштериите ионака им е важно само повторно да имаат добра фризура.
Фотографија: Imago Images/J. Tack
Судбоносното „да“ пред гостите во автомобили
Кој вели дека свадбите во време на корона мора да бидат без гости? Во едно автокино во Диселдорф младенците склопија брак додека гостите ја следеа церемонијата ѕиркајќи преку шофершајбните од нивните автомобили. На крајот на венчавката следеше бучно свирење со автомобилските сирени. Ова беше прва германска свадба во автокино.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Strauch
„Црни острови“ во канцеларијата
Вака би можело да изгледа бирото на иднината: црни обележани простори на подот покажуваат колку можете да им се приближите на колегите, без да го прекршите правилото за дистанца од два метри. Преградите од плексиглас зад мониторите даваат дополнителна заштита. Но, за оваа визија на „футуристичката канцеларија“ од една филијала во Амстердам е потребно пред сё едно - многу простор.
Фотографија: Reuters/Cushman/Wakefield
Ред при чекањето
Не само во затворен простор, туку луѓето и надвор во идните месеци мора да држат меѓусебно растојание. На станица на метрото во францускиот град Ница стапалките во кругови покажуваат каде смеат да стојат патниците кои чекаат. Слични примери има низ цел свет. Но, и на ваков начин не може да се спречи турканица при влегувањето.
Фотографија: Reuters/E. Gaillard
Едносмерно движење
И во трговските улици во Данска луѓето треба да се движат по определени правила. Исто како и во автомобилскиот сообраќај, во Аалбог важи и за пешаците - секогаш движи се на десната страна. Целта е така да се избегнат премногу блиски средби. Дали тоа навистина функционира, барем на прв поглед, според оваа фотографија, е сомнително.
Фотографија: Reuters/H. Bagger
Живот во шише
Во густо населениот Хонгконг, некои луѓе со пресечено пластично шише не само што се погрижуваат за држење физичка дистанца, туку обезбедуваат и целосна заштита на лицето од евентуални капки кои содржат вирус. Мора да се признае, не изгледа баш удобно, но барем е евтин пронајдок.
Фотографија: AFP/A. Wallace
Направа за отворање врата
Држење физичко растојание е едно, избегнување инфекција преку површини е друго. Многу луѓе при влегувањето во лекарски ординации или јавни тоалети затоа ја отвораат вратата со лакт, но постои и нешто подобро. Овој „отворач на врати“ го решава проблемот, барем така тврди производителот.