1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Германија: Доживотен затвор за поранешен сириски агент

СН/агенции
13 јануари 2022

Судењето во Кобленц беше прв процес во светот за тортура од страна на сириската држава. Обвинетиот поранешен иследник е осуден за злосторства против човештвото и повеќекратни убиства.

Доживотен затвор за Анвар Раслан од Сирија
Доживотен затвор за Анвар Раслан од СиријаФотографија: Thomas Frey/dpa/picture alliance

Германски суд го осуди денеска поранешниот припадник на сириската тајна полиција, Анвар Раслан, за злосторства против човештвото, поради злоставување на затвореници во затвор во близината на Дамаск пред една деценија.

Пресудата со нетрпение ја очекуваа Сиријците кои го претрпеле злоставувањето или оние кои загубиле роднини во долготрајниот конфликт во Сирија.

Вишиот покраински суд во Кобленц заклучи дека 58-годишниот Анвар Раслан бил високо позициониран и бил задолжен за објектот во сирискиот град Дума, каде осомничените опозициски демонстранти биле затворени.

Раслан е осуден на доживотен затвор, а неговите адвокати минатата недела побараа да биде ослободен, тврдејќи оти тој лично не мачел никого и дека побегнал во 2012 година.

Роднини на убиените затвореници во Сирија, го следеа процесот во КобленцФотографија: Martin Meissner/AP Photo/picture alliance

Германските обвинители тврдеа дека Раслан го надгледувал систематското и брутално мачење на над 4.000 затвореници, меѓу април 2011 и септември 2012 година, што резултирало со смрт на повеќе десетици луѓе.

Жртвите и невладините организации за човекови права се надеваат оти пресудата ќе биде прв чекор кон достигнување на правдата за голем број луѓе кои во Сирија не можеле да поднесат пријави против претставниците на сириската влада предводена од Башар ал-Асад.

Војната меѓу владините сили и бунтовниците во Сирија трае повеќе од 11 години. Опозициската Сириска опсерваторија за човекови права соопшти дека најмалку 384.000 луѓе, од кои 116.000 цивили, настрадале во Сирија од почетокот на конфликтот во март 2011 до март 2020 година.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми