1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија е проблемот, а не Грција

Геро Шлис/ Ж.А.9 јули 2015

Американските медиуми интензивно известуваат околу грчката должничка криза. Преовладуваат критички тонови кон Германија., но има и поинакви мислења.

Фотографија: Reuters/Y. Herman

„Ќе направи ли Меркел ’банана-држава’ од Грција“?, прашува магазинот „Њусвик“ со провокативна острина. И СиЕнБиСи предвидува: „Губитникот ќе биде Германија, а не Грција.“ Американската телевизија својата мрачна прогноза ја дополнува со актуелна изјава од Нобеловецот Јозеф. Е. Штиглиц: „Германија е проблемот, а не Грција.“ Со текот на времето, во американските медиуми стануваат се‘ погласни критичките тонови на сметка на Германија. „Германската моќ ја поларизира Европа“, гласи насловот на влијателниот „Вол стрит џурнал“ од минатиот вторник, во кој се цитира шпанскиот политичар Пабло Инглезијас со реченицата: „Не сакаме да станеме германска колонија.“

А Пол Кругман, влијателен левичарски колумнист на „Њујорк тајмс“, во својот коментар упатува драматичен апел: „Запрете го крварењето“! Кругман ја споредува Ангела Меркел и европските шефови на влади со средновековни медицинари, кои на пациентот Грција му испуштаат крв од вените. Но, наместо оздравување, доаѓа само до влошување. Слични остри тонови доаѓаат и од Вол стрит. Во финансискиот блог „Зироу хеџ“, кој ги анализира развоите на берзата, Меркел се доведува во врска со договорите од Версај. Нејзе и‘ е важна едиснтвено германската хегемонија, се вели во блогот.

Добитникот на Нобелова награда за економија Пол КругманФотографија: picture-alliance/ dpa

Жртвен јарец и невино јагне

Дали американските медиуми се преплавени од бран одбивност кон Германија? Дали Ангела Меркел за нив е жртвен јарец, а Грција невино јагне? Вашингтонскиот економски експерт и познавач на Европа, Јакоб Киркегард не го потврдува овој впечаток. „Левичарските коментатори како Јозеф Штиглиц или Пол Кругман имаат прилично антигерманска позиција“, признава тој во разговор за Дојче веле. Но, грчката криза е само една „посредна војна“ во внатрешнополитичко мотивираната дебата околу исправната економска политика, во која двајцата споменати категорично пледираат за пораст на конзумот и побарувачката.

Киркегард укажува на постоењето и на други ставови. Еден од најпрофилираните е оној на Чарлс Краутхамер, колумнист на „Вашингтон пост“ и радо виден гостин во конзервативната телевизија „Фокс њуз“. Краутхамер јавно ја критикува Грција, констатирајќи: „Грција цица на градите на Германија“. Според него, Грците се однесуваат како недораснати деца, кои со татковата кредитна картичка постојано подигаат пари од сметката на родителите, но за да купуваат производи за забава, а не да инвестираат во својата иднина.

Јакоб Киркегард укажува дека во САД има различни ставови за грчката кризаФотографија: PIIE

И самиот „Вашингтон пост“ аргументира избалансирано. Иако, и тој констатира дека Германија „е делумно одговорна“ за грчката криза. Но, воведната статијата од перото на почитуваната редакција признава: „Германија со право тврди оти, поради Грција, презела значителни финансиски ризици“. Освен тоа, исправна е и германската анализа за „длабокота руинираност“ на ргчката економија е потребата од развојноориенирани реформи.

Стратешките интереси на Обама

Американскиот претседател Барак Обама неодамна телефонски разговараше со германската канцеларка Меркел околу грчката криза. Во официјалните изјави, тој се воздржува од критики. Подиректен беше министерот за финансии Џек Лоу, кој вчера отворено се изјасни за делумен отпис на долговите. За владата на Обама крајно е важно Грција да остане во еврозоната, и да не се доведе во прашање нејзиното членство во ЕУ и НАТО. Притоа, владата во вид ги има првенствено Русија и долгорочниет стратешки интереси на Американците. Според Јакоб Киркегард, во Вашингтон постои „извесна иритација“ што на Меркел и на Европејците досега не им успеа да ја скротат кризата. Додека претседателот Обама во овој контекст го поздравува германското лидерство во Европа, според Киркегард во Вашингтон постои и друга фракција: „Некои во САД не се среќни поради доминантната германска позиција во Европа, зашто повеќе би сакале Европа да е слаба и неединствена“, вели експертот за Европа. Но, тоа е минат начин на размислување, кој не преовладува во убедувањата на политичката и економската елита.

Меркел меѓу чеканот и наковалната

Многу американски медиуми укажуваат на тоа што Ангела Меркел навистина е најмоќниот шеф на влада во Европа, но истовремено се наоѓа меѓу чеканот и наковалната: од еднстрана мора да ја држи ЕУ заедно и да го одржува во живот европскиот проект, од другастрана на Германците не може да им „продава“ натамошни отстапки кон Грците. Американските медиуми постојано ги цитираат најновите анкети на јавното мислење: само десет проценти од Германците се за натамошна пресретливост кон Грција. Германците, имено, се ориентирани кон придржување кон правилата и се придржуваат кон диговорите, на ваков начин „Вашингтон пост“ се обидува на своите читатели да му го објасни одбивачкиот став на Германците. Во земја, во која вината и долговите имаат речиси иста зборовна основа, се многу слични, на грчката машина за правење долгови се гледа како на непростливо богохулење. Затоа, гласи анализата на германската психа, на Ангела Меркел и нејзините сонародници им паѓа толку тешко отписот на долговите, кого во меѓувреме го бара и ММФ.

Токму на тоа се задржува „Њујорк тајмс“, тврдејќи-во борбата против отписот на долговите Германија ја има заборавено својата историска лекција. Под фотографија од 1953. година, која покажува германска делегација, предводена од Херман Јозеф Абс, при потпишувањето на договор за простување на долговите во Лондон, се наоѓа софистициран коментар: „Главниот кредитор, кој од Грците бара да платат за расипништвото од минатото, своевремено самиот профитираше од благите услови“. Со едно повлекување на перото, истакнува весникот, германските долгови беа преполовени. Притоа, не заборава да спомене дека меѓу широкоградите кредитори беше и земја која сега се наоѓа во жариштето на германската критика: Грција.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми