1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија е против здружувањето на мандатите на НАТО и на американските сили во Авганистан

13 септември 2005

Министрите за одбрана на земјите од НАТО на неформална средба денеска и утре во Берлин ќе разговараат за натамошниот развој на Алијансата, како и за нејзините актуелни мисии во Авганистан, Ирак и на Балканот. Со средбата НАТО му искажува почест на Бундесверот по повод 50-годишниот јубилеј на германските оружени сили.

Петер Штрук при една посета на германските војници во состав на ИСАФ во Авганистан
Петер Штрук при една посета на германските војници во состав на ИСАФ во АвганистанФотографија: dpa

Минатата година востановените трупи за брза интервенција Риспонс Форс ја извршуваат првата задача: на молба на САД, во петокот НАТО реши со бродови и авиони да ја транспортира хуманитарната помош од Европа за подрачјата погодени од ураганот „Катрина“. Веќе во неделата полетаа првите авиони. Какви способности уште им недостасуваат на тие сили и пред се’ кој што плаќа, треба да разјаснат министрите на средбата во Берлин. Од 2006-та година 21 илјада војници треба да стојат на располагање за мировните мисии.

На дневен ред е и ангажманот во Авганистан - ИСАФ. Поради претстојните парламентарни избори НАТО привремено го зголеми бројот на војниците за уште 2 илјади, па сега таму вкупно ги има 10 500. Трајно горливо останува прашањето како може да се гарантира, колку што е можно пошироко и подолгорочно, безбедноста во Авганистан. Досега ангажманот е ограничен на главниот град Кабул и на северот и западот на земјата. За планираното проширување и во немирниот југ, командантот на ИСАФ пријави потреба од дополнителни 2 до 3 илјади војници. Во Берлин ќе стане збор кој може да ги даде. Авганистан е најважниот ангажман на НАТО, смета генералниот секретар Јап де Хоп Шефер, но предупредува од претерани очекувања: „Не може се’ да се сведе само на НАТО. Го имаме и огромниот проблем со дрогите. Тој не е првенствена одговорност на НАТО, но тимовите за обнова можат да дадат поддршка. НАТО игра важна улога во Авганистан и уверен сум дека така ќе биде и на среден и долг рок“.

Покрај силите на НАТО, во Авганистан се ангажирани и 20 илјади американски војници во борба против талибанци и борци на Ал Каеда. Американците бараат здружување на досега одвоените мандати. Германскиот министер за одбрана Петер Штрук го одбива тоа: „Кога сега се’ би ставиле под една команда и би ги измешале двете мисии, би имало голема опасност и поголема одбивност и кај авганистанското население спрема оние, кои потоа би работеле под такво знаме. Од дебатите во Бундестагот знам дека нема мнозинство за такво здружување, дури ни при можна промена на власта“.

Алијансата, според гледањето на германската влада, не треба само воено-технички да се насочува, туку и да игра поголема политичка улога. Штрук се надева дека од средбата во Берлин во таа смисла ќе биде даден и сигнал за иднината на НАТО.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми