1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија е фаворит против Аргентина

Б. Георгиевски/дпа11 јули 2014

Германија загуби од Шпанија и Италија во полуфиналето на последните два големи фудбалски турнири, но, доколку се суди според традицијата, нема од што да стравува во финалето против Аргентина

Фотографија: picture-alliance/dpa

Германија во големото финале против Аргентина на Мундијалот во Бразил влегува со позитивна традиција, откако забележа неколку важни победи на последните меѓусебни пресметки. И покрај предупредувањата на тренерот Јоахим Лев за тимската сила на Аргентинците и нивните индивидуални квалитети, Германија во пресрет на мечот ја има улогата на фаворит.

Германците, исто така, имаа и еден ден повеќе за одмор пред големото финале в недела на стадионот Маракана во Рио де Жанеиро. Во историската победа од 7:1 над домаќинот Бразил во вторникот, германските фудбалери имаа можност, практично целото второ полувреме да го одиграат со намалено темпо и да се однесуваат, речиси, како на пријателски натпревар. Од друга страна, Аргентина во средата за пласман во финалето одигра исцрпувачки меч во продолженија против Холандија, кој на крајот беше решен по изведување пенали.

Последната голема победа на Аргентина над Германија беше во финалето во 1986 година - фото: Диего МарадонаФотографија: imago sportfotodienst

Три победи едноподруго на СП

Последните три дуели меѓу овие две екипи на Светските првенства завршија со победи на Германија. Во финалето во Рим во 1990 година, Германија победи со 1:0. Во 2006-та во Берлин, Германија ја елиминираше Аргентина во четвртфиналето по подоброто изведување пенали, а пред четири години во Јужна Африка, Германците беа убедливи со 4:0, исто така во четвртфиналето.

Претходно, најзначајната победа на Аргентина се случи во финалето на СП во 1986 година со 3:2. Последниот судир на овие два тима беше на пријателската средба во Франкфурт во 2012, на која Аргентина победи со 3:1.

„Така ги организираме работите во последно време за Аргентина да победува на пријателските мечеви, а ние во оние важните. Се обложувам дека тоа ќе продолжи“, вели на шега претседателот на германската фудбалска федерација, Волфганг Нирсбах.

Бразил нема да се повтори

Како и да е, никој во германскиот тим не очекува повторување на полуфиналниот меч против Бразил, или висока победа над Аргентина како пред четири години во Јужна Африка.

Аргентина е многу посилна во дефанзивата и има компактен среден ред кој брзо ги затвора противниците, што беше евидентно и во средата кога најопасните играчи на Холандија, Арјен Робен и Робин Ван Перси никако не успеваа да се наметнат во мечот.

Мирослав КлозеФотографија: Getty Images

Дефанзивецот Матс Хумелс верува дека и ова може да биде сличен, тесен натпревар, на кој Германија тешко ќе пронаоѓа простор за игра како што тоа беше случај против Бразил.

„Финалето ќе биде многу тешко. Никој не треба да очекува дека воопшто ќе наликува на мечот против Бразил“, вели Хумелс.

За тренерот Јоахим Лев ова ќе биде второ големо финале откако загуби од Шпанија со 1:0 во финалето на Европското првенство во 2008. Но стравот од Аргентина е помал, отколку од европските ривали кои, се чини, имаа и психолошка предност над германскиот тим.

„Аргентина е дефанзивно силна, компактна, добро организирана. Во нападот имаат извонредни играчи како Меси и Игуаин. Ќе се подготвиме и опимисти сме за Рио“, вели Лев.

Се чека Езил

Пред четири години Германија ја казни Аргентина, тогаш предводена од Диего Марадона на клупата, преку брзи контранапади, и Лев овојпат ќе размислува на кој начин да му се спротивстави на тимот на Алехандро Сабеља. Лев има можност да ја менува тактиката, и секако ќе размислува дали да игра со Мирослав Клозе како единствен напаѓач, или да се врати на стратегијата со тројца офанзивни играчи од средниот ред, со која го започна првенството.

Сами Кедира и Бастијан Швајнштајгер, кои за првпат играа заедно на мечот против Франција во четвртфиналето, се повторно во врвна форма, по долгото отсуство поради повреди. Нивната контрола на средината на теренот му овозможи на Лев да го врати Филип Лам на позицијата десен бек, со што заврши и една долга дебата во германските медиуми.

Месут ЕзилФотографија: Getty Images

Лев сега преферира во централниот дел од одбраната да игра со Хумелс и со Жером Боатенг, а и експериментот со Бенедикт Ховедес, кој вообичаено игра на централната одбранбена позиција, како лев бек, досега носеше резултати. Со голманот Мануел Нојер и петкратниот стрелец Томас Милер, Лев на располагање ги има двајца од најдобрите играчи на првенството.

Но германскиот селектор сѐ уште го чека „моментот на генијалност“ од плејмејкерот Месут Езил. Надежите се дека фудбалерот на Арсенал ќе блесне во финалето.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми