1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светски првак во рециклирање

Волфганг Дик / К. Краљевска30 август 2015

Се‘ додека економијата не беше присилена на рециклирање се сметаше дека отпадот е безвреден. Граѓаните започнаа да го одделуваат отпадот. И тука почнува приказната за германскиот успех...

Багери туркаат планина од ѓубре и едноставно во земја го закопуваат она што се собрало во кантите за смет на обичните луѓе. На небото прелетуваат големи јата птици. Малку подоцна, на депонијата можат да се забележат луѓе со пластични кеси. Тие го собираат се’ она што сметаат дека е вредно.

Такви сцени можеа да се видат и во многу германски градови до средината на осумдесеттите години на минатиот век. Рециклирање тогаш беше непознат поим. Нешто подоцна, капацитетите на депониите речиси не беа доволни за сите количества отпад. Започна расправа за недостаток од суровини - и започна да се менува начинот на размислување. Во 1991 година се донесе закон за пакување, кој одредува дека секој производител мора да преземе одговорност за својот производ и откако ќе го продаде. Индустријата затоа го смисли одвоеното собирање и рециклирање на отпад, кое го нарече дуален систем. Негов претпознатлив знак беше симбол на затворен тек - „зелена точка“. Тој и денес се наоѓа на сите производи кои може да се рециклираат.

Историски слики - депонија во Санкт Аугустин во 1985 годинаФотографија: Günter Dick

Граѓаните го одделуваат отпадот

Настанаа различни начини на одделување, а кантите за смет станаа разнобојни. Во сините контејнери се собира хартија, во жолтите пакувања од сите видови - од фолии до пластични чаши за јогурт. Таков принцип дотогаш не постоеше во светот. Луѓето почнаа да го одделуваат отпадот, за подоцна тој да може да се рециклира. Стаклените шишиња ги носеа во контејнери поставени на јавни површини или во продавниците во кои ги купиле.

Како поттик за одвојување на стаклените шишиња послужи воведувањето кауција. На оној кој по испивањето на пијалокот ќе го врати шишето, му враќаат дел од парите од вкупната цена. Тоа остана така до денес. „Ангажманот на луѓето од почеток беше голем“, вели Норберт Фел од Дуалниот систем на Германија (ДСД). За тоа се заслужни милионите вложени во рекламни кампањи. Одделувањето на отпадот беше тема дури и во книгите за деца.

Денес се враќаат не само стаклените шишиња, туку и лименките и пластичните шишињаФотографија: picture-alliance/dpa

Авантурата наречена преработка

Но, економијата се најде пред уште еден проблем. Имено, за да се рециклира отпад, потребно е сосема прецизно да се оддели, а во кантите за ѓубре се наоѓаше се’ и сешто. На пример, пластичните чаши од јогурт често беа проблем: чашата е направена од пластика, а капачето од тенок алуминиум. За да се рециклира, тие два материјали треба да се одделат. Но, како?

На почеток одделувањето се одвиваше рачно, но тоа беше прескапо. Се експериментираше со техники на сортирање од рударството и земјоделството. Тие економски гранки имаат посебни сита во кои компир или јаглен се одделуваат по големина. Со текот на годините, процесот на сортирање на отпадот се усоврши со употреба на инфрацрвени сензори и магнети.

Рециклирање на висококвалитетни суровини

Денес рециклирањето стана „хај-тек“ индустрија. Научници и инженери работат на подобрување на технологијата, а веќе и во текот на процесот на дизајнирање на производите се води сметка за тие подоцна полесно да се рециклираат. Денес 40 отсто од собраната пластика прецизно се сортира по видови. Се произведува 21 милион тони нова пластика. Додека еден тон нова пластика чини меѓу 1.200 до 1.400 евра, рециклираната е само 500 евра.

Дуален систем - во Германија речиси нема кому не му е познато значењето на овој знакФотографија: DSD Holding GmbH & Co KG

Постигнатиот квалитет на обработениот отпад со користење на стандардизирани постапки овозможува создавање на многу рециклирани производи, кои порано не можеше ни да се замислат. Фирмата „Релума“ на пример, произведува пластични насипи за спречување на ерозија на брегот на Балтичкото море. Некогашните дрвени насипи брзо ги нагризуваа школки - пластичните траат многу подолго.

Извоз на отпадот

Рециклираните материјали се три до четири пати повредни од отпадот од кој настануваат. Така и во Германија настана просперитетна гранка во индустријата со годишен промет од повеќе од 200 милијарди евра. Таа економска гранка годишно расте за 14 отсто и обезбедува работа за околу 250.000 лица. Најголемиот светски саем за обработка на отпад „ИФАТ“, кој ќе се одржи во Минхен во јуни 2016 година, очекува голем број посетители.

Германското рециклирање е извозен хит. Азија увезува се’ повеќе рециклиран суров материјал „Made in Germany“. Кога Германците пред 30 години започнаа да одделуваат отпад со користење на разнобојни канти за смет, тоа никој не го ни сонуваше.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми