Германија за прв пат домаќин на СП во фудбал за жени
31 октомври 2007
Пет години по успешното светско првенство за мажи, Германија во 2011 повторно ќе може да приреди продолжение на летната бајка и уште еднаш да слави. Овој пат под мотото “Повторна средба на пријатели“. За разлика од Канада која со завршната презентација тукуречи сама се исклучи од трката за организацијата, германскиот фудбалски сојуз се сконцентрира на силата на понежниот пол.
Тој беше уверлив во презентираните видео записи кои не беа досадни. Беше презентиран еден успешен спортско политички микс, кој содржеше сериозност,емоции, но и еротика и ентузијазам. Германската канцеларка Ангела Меркел во својата видео порака ја искажа неопходната поддршка од владата. Тоа го потврди и со испраќањето на министерската за семејство Фон Дер Лајен во Цирих. На бината се најдоа две германски репрезентативки, Биргит Принц и Фатмина Бајрамај, родена на Косово, кои дадоа придонес организацијата за прв пат да и се додели на земјата која двапати станала светски првак.
Двете најпрвин се претставија во елегантни костуми, а подоцна и во спортска облека. Со тоа на еден начин ја симболизираа професионалноста и способноста, како и интеграцијата и социјалниот ангажман. Тоа во секој случај беше доволно заводливо за да се привлече вниманието на функционерите на ФИФА, кои инаку кога станува збор за женскиот фудбал само уморно одмавнуваат со глава.
Сосема поинаков беше Тео Цванцигер, таткото на овој успех. 62 годишниот Цванцигер, кој повторно е избран за претседател на германскиот фудбалски сојуз, веќе одамна е верен симпатизер и поддржувач на женскиот фудбал. Неговата работа се исплатеше и тоа токму на 25 годишнината од постоењето на некогаш не толку омилениот дел од германскиот фудбалски зојуз. Тео Цванцигер беше тој кој го отвори патот за организација. Ја убеди Франција да ја повлече кандидатурата и со тоа да ја поддржи Германија како единствен европски кандидат. Без еден таков шаховски потег, сосема е извесно дека претседателот на ФИФА, французинот Мишел Платини ќе реагираше поинаку.
Никој не треба да се сомнева дека Германија повторно перфектно ќе организира светско првенство, ниту дека одбраната на титулата светски првак од страна на домаќинот ќе биде одличен катализатор за женскиот фудбал. Тоа исто така придонесе за вчерашната одлука во Цирих.
Исто така значајна, но помалку привлечна беше кандидатурата на Бразил за домаќин на светското првенство за мажи во 2014. Оваа земја, која има најмногу освоени титули светски првак ја доби организацијата и покрај одредените задршки, пред се заради безбедноста и недоволната инфраструктура. Во овој случај немаше конкуренти бидејќи Бразил досега само еднаш бил домаќин на Мундијалот. А и според принципот на ротација редот беше на Јужна Америка.