1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската стратегија за вакцинирање

Кај-Александер Шолц
27 ноември 2020

Вакцинирање на граѓаните во цела земја е огромен предизвик. Во Германија се' уште нема дозвола за вакцина против коронавирусот, но забрзано се работи на критериумите на распределба и логистиката.

Deutschland Probelauf Impfzentrum in Ulm
Помладите ќе треба да почекаат за вакцинирањеФотографија: Stefan Puchner/dpa/picture alliance

„Националната стратегија за вакцинирање“ е договорена помеѓу сојузната влада и покраините на почетокот на ноември. Треба што е можно најбрзо да се создаде инфраструктура која ќе овозможи вакцинирање на огромен број од граѓаните. Иако, како што се вели во документот на 15 страници, се' уште е нејасно која вакцина кога ќе стои на располагање и во колкаво количество.

Но, во никој случај не смее да се дозволи да има вакцина, а логистиката да не биде подготвена. Затоа, задачите се веќе поделени: сојузот ја добива вакцината од ЕУ. Во моментов ЕУ има склучено договори со шест фармацевтски фирми. Потоа сојузот ќе ја стави на располагање вакцината, или вакцините, на 60 т.н. центри за распределба во земјата. За таа цел, според медиумски извештаи, се планирани три милијарди евра.

Потоа работата ја преземаат покраините, кои веќе имаат почнато со изградба на центри за вакцинација. Трошоците за тоа ги делат сојузот и покраините. Вакцина во лекарските ординации на почетокот нема да има. За тоа има две причини: прво, нема да има доволно количество од вакцините за сите, а и логистиката за таков случај би била прекомпликувана.

Повеќе:

Корона: Германија ќе почне со вакцинирање во средината на декември?

Корона-вакцина за помалку од едно евро

„Бионтек“: Турското семејство кое ја создаде вакцината против коронавирусот

Кој ќе се вакцинира прв?

Типично за федерација, потоа секоја покраина ќе има своја инфраструктура. На пример, во Берлин ќе има шест центри за вакцинација, меѓу нив и халите на аеродромите кои не работат - Темпелхоф и Тегел. Берлин има изработено сценарио за вакцината на фармацевтската компанија Бионтек/Фајзер и смета со 900.000 вакцини во првиот бран. Со оглед на тоа што веројатно секој мора да прими две дози од вакцината, тоа ќе биде доволно за 450.000 од вкупно 3,7 милиони жители на Берлин.

„Се подготвуваме за декември како најран можен термин“, изјави сенаторката за здравство на Берлин, Дилек Калајчи. Но, се' уште не е донесена одлука кој ќе се вакцинира прв. Сојузното министерство за здравство, додуша, ги доби насоките за постапување од страна на експертска комисија, според кои прво би требало да се вакцинираат постарите и особено загрозени категории луѓе, вработените во здравството и луѓе со професии кои го одржуваат јавниот живот „во погон“, но тоа досега се само непрецизни насоки. Причина за тоа е што недостигаат податоци од фармацевтските фирми. „Се' уште немаме детален увид во тестирањата“, изјави претседателот на институтот „Роберт Кох“, Лотар Вилер.

Според експертите, попрецизен план може да се направи кога ќе има вакцина на располагање и ќе биде познато како таа делува во која возрасна група, на пример кај луѓе над 80 години.

Вакцинирање како на лента

Сепак, и покрај тоа, подготовките се во тек и во покраината Бранденбург. Таму до средината на декември треба да бидат готови два центри за вакцинирање, а во 2021 година со работа треба да почнат десет центри.

Особено голем предизвик ќе биде вакцинирањето на луѓето кои живеат во внатрешноста. Како луѓето кои не се толку мобилни, а живеат во мали села, да дојдат во центрите за вакцинирање? Досега се зборуваше за тимови за вакцинација, но тие ќе мора прво да почнат да вакцинираат во старечките домови.

Во центрите за вакцинирање ќе треба помош и од хумантираните организации, армијата, болниците...Фотографија: Stefan Puchner/dpa/picture alliance

Покраинската влада во Бранденбург соопшти дека сака да постигне висок степен на опфатеност со вакцината што е можно побрзо. Треба да се набават три милиони шприцови, како и контејнери за ладење, со оглед на тоа што вакцината на Бионтек/Пфајзер треба да се чува во специјални услови на околу минус 70 степени. 

Има ли доволно персонал за вакцинирање?

Самиот чин на вакцинирање исто така треба добро да се организира. На пример, Берлин: првата фаза на вакцинирање треба да трае 40 дена, односно да се ставаат по 3400 вакцини дневно во еден центар. Предизвик ќе биде и да се одржи дистанца помеѓу луѓето кои ќе чекаат да бидат вакцинирани.

Освен тоа, на лице место треба да има не само доволно лекари, туку и луѓе на влезовите во центрите, возачи, помошници. „Ќе бидеме упатени на помош од хуманитарни организации, армијата, болниците, за да има доволно персонал“, вели за ДВ Буркард Руперт од Лекарската комора.

Многу повеќе од боцкање

Експертите сметаат дека дури и ако се' е подготвено, неопходна ќе биде флексибилност. Ќе има повеќе вакцини паралелно, кои ќе делуваат различно во различните старосни групи, со различни несакани дејства и постојано нови емпириски податоци, објасни неодамна, на една дискусија со меѓународни експерти, претседателката на Германскиот совет за етика, Алена Букс.

Треба да се земат предвид многу работи. Прашањето на компензација во случај на несакани ефекти треба да се разјаснува брзо, а не да им се остави на судовите, смета Кристијане Вупен, претседателка на Европската група за етика во науката и во новите технологии. Освен тоа, процесот на вакцинација мора да се осигура законски. На почетокот нема да има доволно вакцини за сите. Приоризацијата, на крајот на краиштата, ќе значи да се одлучи „кој ќе живее, а кој не“.

99-годишната Елза ја преживеа короната

01:47

This browser does not support the video element.

Колку долго ќе трае првата фаза во која ќе мора да се носат одлуки за она што е приоритет зависи и од тоа колку брзо фармацевтските компании ќе можат да произведуваат и дали ќе има вакцини кои ќе можат да се чуваат и во обични фрижидери. Кога тоа ќе се направи и понудата ќе се изедначи со побарувачката, ќе следува „Фаза 2“ од „Националната стратегија за вакцинирање“, во која да вакцинираат ќе смеат и матичните лекари.

Без оглед како ќе се одвиваат работите, Германија се подготвува забрзано. Според сојузниот министер за здравство Јенс Шпан, веќе се осигурани 300 милиони вакцини.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми