Во август во Германија започнува новата наставна година за стручното образование. Додека претпријатијата се жалат на недостаток на кандидати, голем број млади воопшто не наоѓаат место за стручната обука.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Schutt
Реклама
Мартин Палац воздивнува. Меѓутоа, тоа не е поради летните горештини. Палац е шеф на кадровската служба во претпријатието „Хотгенрот Софтвер“ која меѓу другото изработува планови за енергетско снабдување и опремување на градежните објекти. Фирмата е основана на средината на 90-те од минатиот век и во моментов во Германија и во Австрија вработува 200 работници.
Без оглед на досегашните успеси шефот на кадровската служба има проблем. Имено, му недостасува добар подмладок: „Бројот на лица, кои се пријавуваат е релативно висок. За жал, мора да констатираме дека многу од нив го немаат потребното знаење. Делумно им недостасува и основно образование и нормални особини, во кои спаѓа убавото однесување. Тоа денес го нема кај многу млади луѓе“.
Ширум Германија премалку квалификувани приправници
Искуствата на Палац не се исклучок. Во Германија традиционално во август започнува новата наставна година за стручно усовршување. Стопанството расте, а потребата за квалификувани приправници е во постојан пораст. Колку на германските претпријатија деновиве им е тешко да ги пополнат приправничките места, најдобро покажуваат резултатите од истражувањето, кое на средината на јули го објави Германската индустриска и трговска комора (ДИХК): секое трето место во претпријатијата, кое е планирано за приправници е непополнето.
Мартин ПалацФотографија: Privat
Речиси секоја десетта фирма во Германија, што значи речиси 17 илјади, веќе воопшто не добива пријави од млади луѓе. Во споредба со минатата година тоа е зголемување за 10 проценти. Посебно погодени се хотелиерството и угостителството, но слична е ситуацијата и во занаетчиството, пекарството, но и во градежништвото, кое во последните неколку години бележи процут.
Кристофер Мајер е шеф на одделението за стручно усовршување во ДИХК. Тој вели дека две третини од учениците матурираат. А со тоа е често поврзано и сфаќањето дека со матурата в џеб мора да се студира.
Многу матуранти сакаат да студираат. Веќе со години во тренд е младите да тежнеат кон поголем степен на образование. Дуалниот систем, за жал, во моментов не е на прво место кај оние кои завршуваат средно училиште. Врз основа на тоа бројот на кандидати за приправничка работа е помал“, вели Мајер.
Многу млади без приправничко место
Другата страна на медалот изгледа сосема поинаку. Според статистичките податоци на Германскиот завод за вработување, во изминатите неколку години во постојан пораст е бројот на млади, кои останале без место за стручно усовршувања. Само во изминатите осум години тој број двојно се зголемил. Посебно се погодени секторите како механотроника, медицина и администрација.
На една страна се претпријатијата кои очајнички бараат приправници, а на другата се младите кои не можат да пронајдат приправнички места. Како тогаш доаѓа до отстапувавање? Кристоф Мајер во интервјуто за ДВ вели дека има едноставно објаснување: голем број ученици кои завршуваат средно училиште се заинтересирани за стручна обука и се стремат кон големите претпријатија. Малите и средни претпријатија кај таквите ученици се непознати или едноставно не им се занимливи“.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Претпријатијата мора да бидат поотворени
Мајер вели дека и училиштата мора поактивно да се вклучат во решавањето на актуелниот проблем. „Пред сѐ гимназиите мора да сфатат дека нивна задача не е само да ги подготват учениците за студирање. Еднаквата вредност на академското и стручното образование сѐ уште не е усидрена во главите на многумина. Заинтересираните кандидати мора да бидат поотворени за алтернативи: стручно, но и регионално. Меѓутоа и претпријатијата мора да бидат поотворени, кога, да речеме, станува збор за училишните оценки и завршеното училиште“.
Предлогот на Мајер со голем интерес се прима во „Хотгенрот Софтвер“. Мартин Палац ја истакнува тесната соработка со ДИХК и со училиштата. Ова претпријатие објавува огласи во списанијата за стручно усовршување и во училишните весници, а се претставува и на саемите за стручно образование. Палац вели дека резултатите во многу случаи се разочарувачки: „Кандидатите понекогаш доаѓаат со искинати маици и фармерки, бидејќи сметаат дека облеката не е така важна. Не мораат да доаѓаат во костуми, но пристојни фармерки и кошула би биле доволни. Без оглед на многу технички решенија, како што е автоматската корекција на текстовите во Ворд, ретко добиваме барања за прием, кои се граматички исправно напишани“.
11 зборови кои ви се потребни за работа во Германија
Сакате да работите во Германија? Научете ги овие 11 зборови. И да, бирократија е едниот од нив!
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Sauer
Büro(kratie)/Бирократи
Многумина не работат во канцеларија, но доколку работите во Германија, канцеларија се вика „Büro“. Се разбира, од биро до бирократија нема голема разлика и многу канцеларии во Германија го исполнуваат стереотипот со тоа што ги ставаат работите во кутии, наместо да размислуваат надвор од нив. Ова може да доведе до многу „Amtsschimmel“ што во буквален превод значи канцелариска мувла.
Фотографија: Olaf Wandruschka - Fotolia.com
Chef/Шеф
Секој вработен во Германија има „Chef“. Тоа е нивниот претпоставен и не, тој не готви за нив. Доколку претпоставениот е жена, тогаш се вика „Chefin“. Зборот е предизвик и „лажен пријател“ за Германците кои учат англиски јазик. Но, зарем не би сакале да имате личен готвач? Тој луксуз е резервиран само за врвните директори – кои немаат претпоставени.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Telko/Телко
Добрата комуникација е клучна за успешно завршување на работите, нели? Во модерниот и глобализиран свет сите со кои треба да комуницирате не се во вашата зграда. За голем број од вработените, телефонските конференции, „ Telefonkonferenz “, се секојдневна рутина. Германците сакаат да ги кратат зборовите па така „Telefonkonferenz“ станува „Telko “.
Фотографија: Gajus - Fotolia.com
Gleitzeit/Глајтцајт
"Gleitzeit" – во буквален превод значи „лизгаво време“ и е сон за сите кои не се ранобудци. Тоа е флексибилно време. Додека колегите го пијат третото кафе во 9:59 часот наутро, можете да дојдете на работа пред да почне најдинамичниот дел од работниот ден. Но, тоа можете да го направите само доколку некој од вашите колеги не закажал „Telko “ во 8 часот.
Фотографија: Colourbox
Kantine/Кантине
Јадењето на топол оброк за ручек е многу важно во Германија. Голем дел од компаниите нудат „Kantine“, односно кафетерија/кантина каде што може да се најдат традиционални јадења. Доколку внимавате на вашата тежина, тогаш добра идеја би било да си понесете јадење од дома. Во секој случај, кога Германец ќе види дека јадете ќе ви рече "Mahlzeit", односно „пријатно јадење“.
Фотографија: Imago
Quereinsteiger/Кверајнштајгер
Во Германија, вообичаено е луѓето да работат во полето во кое биле образувани и долго да останат на тоа работно место. Неретко е многу тешко да ја промените работата затоа што голем дел од работодавачите очекуваат дипломи и сертификати од нивната област. За оние кои успеаваат да се преориентираат има посебен збор: "Quereinsteiger", што во буквален превод значи - страничен сурфер.
Фотографија: Colourbox/Pressmaster
Ausgleichstag/Аусглајхстаг
Работевте прекувремено во последно време? Тогаш време е да ги земете заработените пари и да одите на „Ausgleichstag“, односно да земете слободен ден за компензација. Доколку имате само еден ден и живеете на северниот брег, можете да прошетате по плажа. Но, доколку ви се собрани повеќе денови, имате доволно време да организирате некое подолго патување. Само мобилниот телефон оставете го дома.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Naupold
Betriebsrat/Бетрибсрат
Да се биде фер е приоритет во германската работна средина и секоја компанија задолжително мора да има „Betriebsrat“, односно совет на вработени кои ги застапуваат своите колеги. Тие се медијатори и ги олеснуваат преговорите со менаџментот со цел да се осигураат дека сѐ тече како што треба. Ако размислувате да се кандидирате за некоја јавна функција, „Betriebsrat“ е добро место за почеток.
Терминот значи „одговорно лице за обезбедување на еднакви можности“. Позади импресивната титула, стои важна улога која обезбедува фер работна средина. Овие лица учествуваат во процесот на регрутирање на нови работници и се присутни на интервјуата. Нивната задача е да се осигураат дека жените, лицата со попреченост и малцинствата имаат исти можности при вработувањето како сите други.
Фотографија: Fotolia/Andrey_Arkusha
Elternzeit/Елтернцајт
Се преведува како „време за родителите“, но во пракса тоа е всушност „време за децата“. Стапката на новородени во Германија е толку ниска што потенцијалните родители се мотивираат со 12 до 14 месеци платено отсуство од работа, т.е. „Elternzeit“, а по раѓањето на детето, на родителите им се гарантирани следните 3 години на работното место.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Feierabend(bier)/Фајерабенд(биер)
Сите добри нешта имаат крај (дури и работниот ден). Во Германија, тогаш започнува забавата (дури и за канцеларката). Крајот на работниот ден се нарекува „Feierabend“- „време за забава“. За освежителниот пијалок во кој речиси сите возрасни уживаат на крајот на денот има посебен збор „Feierabendbier“, односно пиво за крај на работниот ден.