1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и азилантите од Балкан - крај на една фарса

Зоран Јордановски/ ФАЦ/ ЗЦ/НЦЦ17 март 2014

„ФАЦ“ ги коментира плановите на германската влада за справување со азилантите од Западниот Балкан. За „НЦЦ“ пак изборите во Србија се повод за анализа на авторитарните искушенија на Балканот.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската влада планира Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово да ги прогласи за „сигурни земји“, за со тоа да ја олесни и забрза постапката за враќање на барателите на азил од тој регион. „Барањата во голем дел се фарса, квотата на прифатени барања е речиси нула“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ). Затоа таквата мерка „служи не само за растоварување на управата и на општините во Германија, туку и како сигнал на земјите од кои потекнуваат барателите на азил, дека не можат едноставно на Северот да му ги делегираат своите проблеми со сиромаштијата и со малцинствата. (...) Мора ли Берлин да ги сноси последиците од она, што е не е сработено во Сараево, Белград или Скопје? На место е само критиката дека германските судови не секогаш веруваат оти ’сигурните матични земји‘ се навистина толку сигурни. Но, тоа не е оправдување за фактот дека германската регулатива просто кани на провидна злоупотреба“.

Проблемите на Србија слични на грчките

Разговорите за пристап кон ЕУ ќе го принудат идниот српски премиер Александар Вучиќ на важни реформи, оценува „Зиддојче цајтунг“ (ЗЦ). „Вучиќ ги оправдуваше предвремените избори со тоа, дека една нова влада конечно ќе може да усвои многубројни реформи, кои ѝ се итно потребни на Србија, ако сака да избегне државен банкрот, да ја придвижи својата склеротична економија и да ја намали невработеноста од 29 проценти. Српските проблеми се слични на грчките: предимензиониран, корумпиран државен апарат и руинирачки повластици, стотици претпријатија - загубари, државни фирми под доминација на партиски функционери, бирократија која задушува каква било иницијатива, од времето прегазени закони за работни односи, државно контролирани медиуми и застарен образовен систем. (...) При буџетски дефицит од седум проценти нагло расте задолжувањето на Србија, а пропаднаа обидите на Вучиќ да добие ефтини кредити во Русија или во Обединетите арапски емирати, па на Србија ѝ останува само Меѓународниот монетарен фонд. Тој, пак, ќе опстојува врз непопуларни реформи. А кај пристапните преговори со ЕУ во преден план стојат темите правна држава или правосудството - тука билансот на Вучиќ досега е скромен“.

„Полудемократиите“ од Југоисточна Европа - демократски избори, недемократски развој

Викенд-изданието на „Ноје цирхер цајтунг“ (НЦЦ), по повод изборите во Србија објави анализа под наслов „Авторитарно искушение на Балканот“.

„Предвремените избори во Србија се пример за авторитарно искушение од партиите на власт на Балканот да ги слабеат институциите на правната држава, за да ја обезбедат својата доминација. Редовните студии на фондацијата ’Бертелсман‘ и на Фридом хаус покажуваат дека во Југоисточна Европа одамна се етаблира една нова форма на демократија: изборите се демократски, партискиот пејзаж развиен, но популистичките и корумпирани влади спречуваат развој на демократски процеси. Најголемиот дел од постокумнистичките држави на централна Европа се развија во консолидирани демократии. Во државите на Југоисточна Европа, напротив, настана една меѓуформа, во која навистина се почитуваат демократските формалности, но истовремено популистички партии преку клиентелски структури ја контролират државата. Тоа посебно се покажува кај доминацијата на политичките партии над медиумите и државата, како и кај слабата контрола од страна на правната држава. (...) Владините партии не само во Србија ја користат својата превласт во една константна предизборна борба. Македонската владина партија ВМРО уште пред да ѝ претстоеја избори постојано на билборди и со огласи си ги фалеше своите успеси. Непрестаната предизборна борба ѝ го отежна на опозицијата формулирањето на алтернативи; кај предвремени избори владините партии веќе имаат стартна предност.

Провладините медиуми ја слабеат опозицијата

Втор аспект на авторитарното искушение се искажува преку контролата на медиумите. Изминатата деценија ја преживеаја само малку од критичките медиуми од деведесеттите години. Економската криза и државата како најважен нарачател на огласи, доведоа до медиумски пејзаж во регионот, во кој критичките гласови одвај да можат да најдат место за себе. Тоа е изразено присутно во Црна Гора, Македонија и Босна. Во Македонија се затворени сите критички медиуми како телевизијата А1 и само малкмунина новинари се осмелуваат отворено да ја критикуваат владата.

Медиумите верни на владата ја слабеат опозицијата. Прекори за корупција често пати и без докази тука се стратегија. (...) Покрај тоа, функционира и оцрнувањето дека критиката на владата била предавство на државата или на нацијата, првенствено во земји како Македонија или Република Српска.

ЕУ е премногу подготвена да превиди авторитарни искушенија

Последен аспект е доминацијата на политичките партии над државата. Кариери во јавните служби и претпријатија најчесто се можни само со членување во партија. Така партијата стануваат агенции за вработување и можат да си обезбедат лојалност од своите избирачи. (...)

Големо е искушението ваквиот развој да ѝ се припише на некаква балканска култура, но тој многу повеќе има врска со слабите држави и со социјалната и економска криза. ЕУ честопати премногу е подготвена да го превиди авторитарното искушение, сѐ додека владите се кооперативни. Но, ако не можат да созреваат структури на правната држава, тоа води или кон социјални протести, како во Босна и Херцеговина, или кон кратковиди влади, кои со популистички средства ја одржуваат својата власт, како во Македонија, и веројатно сега и во Србија“, се вели во текстот на „Ноје цирхер цајтунг“, чиј автор е Флоријан Бибер, професор за Југоисточна Европа на Универзитетот „Карл Францен“ во Грац, Австрија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми