1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голем чекор за коалицијата, мал за кризата

Наоми Конрад / превод: ЕМФ29 јануари 2016

Големата коалиција во Берлин конечно го надмина судирот околу пакетот мерки за азилантите. Но, победник нема. Наредните големи предизвици допрва претстојат, оценува Наоми Конрад.

Фотографија: Reuters/F. Bensch

Со месеци се расправаа, се расфрлаа со обвинувања и си пишуваа писма. Сега конечно Ангела Меркел, Хорст Зехофер и Зигмар Габриел, првите луѓе на партиите од големата коалиција, успеаја да најдат компромис. На пакетот мерки за азил ништо не му стои на патот, уверуваше Габриел по средбата во кабинетот на канцеларот.

Може да се прават анализи кој коалиционен партнер успеал да се пробие со своите барања за, инаку одамна договорениот и ветен, пакет мерки со кои би требало да се ограничи доселувањето. Околу најважната точка - специјални прифатни центри, во кои постапките за бегалците кои одвај дека имаат некаква шанса за азил би се одвивале брзо - и онака одамна има согласност.

Партнерите во коалицијата не беа единствени околу прашањето на спојување на семејствата на бегалците кои не добиле азил, но кои не може да бидат протерани од земјата, затоа што, на пример, во нивната татковина им се заканува измачување или смртна казна (таканаречена „супсидијарна заштита“). Постигнатиот компромис сега предвидува за сите лица со „супсидијарна заштита“ да важи двегодишна забрана за спојување на семејството. Жените и децата пак кои имаат роднини во Германија - сеедно дали се со регуларна или супсидијарна заштита - би требало да имаат предност при наредниот контингент бегалци.

Наоми Конрад

Дотука е добро. Пакетот мерки за бегалците е договорен и сите се победници. Може ли тој да се преточи во закон? Па, не сосема. Пакетот во никој случај не е големо решение за проблемот со бегалците. Тој само поцврсто ги завртува шрафовите на азилот, забрзува постапки за протерување, категоризира земји со, во најмала рака, дубиозна состојба на човековите права како „сигурни“ и на дел од бегалците, но ни оддалеку не на сите, им забранува спојување на семејството.

Но, тоа тешко дека ќе ги спречи луѓето да тргнуваат на пат за Германија, во надеж дека ќе избегаат од војната, гладот и сиромаштијата и да, понекогаш и од исцрпувачката здодевност на невработеноста и безнадежноста.

Не, тука центрите за прием и ограничувањето на условите за спојување на семејството имаат мал ефект. Спојувањето на семејството веќе сега трае со месеци, затоа што членовите на семејствата долго мораат да чекаат термин во германските амбасади во Либан или Турција.

Наместо тоа, канцеларката и натаму се залага за решение на ниво на ЕУ, речиси како мантра го побторува барањето за европска солидарност на владите, од кои пак сѐ поголем дел ги затвораат границите и создаваат атмосфера против бегалците. Таа укажува на т.н. „хот спотс“, од кои досега, и покрај постигнатиот договор, нема ништо и укажува на Турција, чие сфаќање на поимот заштита на границата, според истражувањата на организациите за човекови права, вклучува и принудна депортација назад во воените пдорачја.

Накусо: компромисот можеби може да се продаде како голем чекор за коалицијата, но за кризата е прилично мал чекор. И, така, спорот во ЕУ, но и дома, ќе продолжи и натаму. Ако ЕУ на самитот во февруари не постигне согласност, тогаш барањата за затворање на границата и одредување горна граница за бројот на бегалци во Германија ќе стануваат сѐ погласни во земјата, во коалицијата и во партијата на Меркел.

Судирот дури тогаш вистински ќе почне. Или поинаку речено: сега не победи сепак никој.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми