Германија и Турција во полуфиналето – сепак само фудбал?!
25 јуни 2008
Во статијата на „Тагесшпигел“ читаме:
„Важните натпревари често предизвикуваат коментари што претенедираат на социолошка длабочина. Тогаш дури и баналните работи одеднаш добиваат голема важност. При тоа станува збор само за обичен фудбалски натпревар. Да, секако – ако не станува збор за натпревар меѓу германската и турската репрезентација. Во него има навистина огромен социјален набој.
Впрочем ова полуфинале на Европското првенство само делумно се одржува во Базел, а многу повеќе на улиците во германските градови, посебно во главниот, во Берлин. Овде тој се претвора во недвосмислен тест на интегрираноста на странците во германското општество. Вечерва ќе видиме дали има доволно толеранција, прифаќање и почит меѓу мнозинското население и малцинствата“ – коментира „Тагесшпигел“.
„Тагесцајтунг“, кој исто излегува во Берлин, смета дека третманот на овој натпревар како лакмус хартија за успешноста на интеграцијата на странците е претеран. Осрвнувајќи се пак на разбудените национални чувства авторот вели:
„Ова е натпревар од соништата, особено за турските навивачи, бидејќи при тоа нивната татковина може да докаже дека ја заслужува онаа почит, што ним овде во Германија толку им недостатува. При тоа мора да се каже дека Турците и Германците се многу слични по прашањето на националното чувство, кое се клати од комплекси на помала вредност, па до постимперијална претерена големина. Фудбалот и на едните и на другите им нуди одлична можност за компензација.“
„Франкфуртер Алгемајне“ во статијата насловена со „Орел и полумесечина“ посетува на искуствата од Светското првенство, кога Турците во Германија навиваа за тимот на Јирген Клинсман како да е нивен. А што се однесува можните конфликти по натпреварот, сега кога Турците и Германците се среќаваат во полуфиналето, коментаторот забележува:
„Единственото што Турците и Германците во земјава треба да си го докажат вечерва е дека можат со почит да се однесуваат едни кон други. Играчот на турската репрезентација, кој е роден и одраснат во Германија, но сепак се реши да игра за националната селекција на неговите родители, Хамит Алтинтоп во врска со тоа вели: ’од решавачка важност е да се слави победникот, а не да се провоцира губитникот“. Овој пат една од најмудрите изјави дојде токму од еден од учесниците во натпреварот“ – посочува коментаторот на „Франкфуртер алгемајне“.
Авторот на статијата во „Ди Велт“ пак потсетува на измешаните тимови и тренери на Европското првенство, што се однесува до местото на раѓање, па додава:
„Во глобалното село на Европското првенство се игра, се дрибла, се фаулира и се тргува на мултикултурна основа. Германскиот голгетер Подолски е роден во Полска и тешко му падна кога два пати ја уфрли топката во мрежата на првата му татковина. И тој не е осамен случај, дотолку повеќе и што Бра’зилец ја тренира Португалската екипа, а Германец грчката итн. итн. Затоа предлагам од идното Светско превенство во националните селекции да играат оние фудбалери кои играат во националната лига на некоја земја – без оглед на пасошот што го имаат. Зошто на пример не би играле Португалецот Кристијано Роналдо и Германецот Михаел Балак за Англија? Или Италијанецот Лука Тони и Холанѓанецот Ван дер Варт за Германија?“ - провокативно прашува коментаторот на „Ди велт“.