1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и Турција - кој од кого зависи?

Кристоф Хаселбах
8 март 2017

Провоцирајќи ја Германија, турскиот претседател Ердоган не само што си игра со оган од политички аспект, туку ги става на коцка и економските односи. Турција е економски многу зависна од Германија.

Deutschland Türkei Beziehungen
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Провокациите и непријателските изјави на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган против Германија всушност се класичен пример за фразата кога некој „ја сече гранката на која седи“. Многумина коментатори упорно повторуваат за зависноста на Германија и цела Европа од Турција, поради договорот според кој Анкара ги задржува бегалците да не тргнуваат на пат кон Европа.

Поради затворањето на Балканската рута, ова тврдење веќе ја нема истата важност од порано. Од другастрана, Турција, особено по обидот за пуч, сѐ подлабоко запаѓа во економски проблеми и во најголема мерка зависи од Европа. А во Европа, Германија е убедливо на прво место како трговски партнер на Турција.

Околу десет проценти од целокупниот извоз од Турција оди во Германија, што во вредност изнесува околу 14 милијарди евра. Следат Велика Британија и Ирак, но ако се соберат и останатите турски важни трговски патртнери во Европа, како Франција и Иатлија, целосно е јасно дека не станува воопшто збор Турција туку-така да се „сврти кон исток“ и да ја оконча својата зависност од Европа.

Германија е најважен трговски партнер на ТурцијаФотографија: Imago/OceanPhoto

Увозот од Турција има алтернатива

Кога ќе се погледа што увезува Турција од Германија, се гледа размерот на зависноста од тие испораки: тоа се машини, електротехнички и хемиски производи, често од специјализирани германски фирми, за кои воопшто не е лесно наоѓање замена преку ноќ на светскиот пазар. Со оглед на моментно поволното евро и скапиот долар, сосем сигурно не по таа цена.

Германија пак од Турција увезува првенствено текстилни производи, што и инаку е најважниот извозен производ на земјата. На второ место и во значително помал обем доаѓаат турските прехранбени производи. На германските увозници не би им требало долго за да најдат алтернатива за турските стоки, изборот дури би можел да биде и поголем, а цените поповолни. Турција има корист од сѐуште постоечкиот статус како кандидат за членка во ЕУ, без оглед на замрзнатите преговори. Ако турскиот претседател го направи и последниот исчекор од европските вредности, на пример - ако воведе смртна казна, Европскиот парламент веќе најави дека формално ќе ја прекине постапката. А тоа значи престанок на повластиците во трговската размена. 

Две бројки всушност зборуваат сѐ за односите меѓу Германија и Турција: Германија за Турција е најважен трговски партнер, а Турција за Германија е дури на 13. место.

Една третина помалку туристи во минатата годинаФотографија: DW/S. Raheem

Бојкот на туристите

Специфичност на германско-турските економски односи претставуваат и цело мноштво филијали на германски претпријатија во Турција. Станува збор за преку 6.000 фирми кои во Турција работат како филијали или како самостојни фирми во партнерски однос со некоја германска централа. Се разбира, тоа е поврзано со бројни Турци кои живеат во Германија и имаат врски со двете земји, но и Ердоган би требало да се замисли над фактот за бројноста на работни места во Турција, кои директно и непосредно зависат од Германија.

Бучните закани од Анкара дека ќе се „сврти кон исток“, се врзани со друга економска категорија: Турција хронично многу повеќе увезува отколку што извезува, а размената со „источните“ земји како Кина и Русија е драстично лоша за Турција. Таа има трговски дефицит со речиси сите држави, секако и со Германија, што делумно се обидува да го надомести со развојот и со приходите од туризмот.

И тука германските туристи се на прво место - тие сочинуваат околу 15 проценти од странските гости во Турција, но нивниот број рапидно опаѓа. Во текот на 2016. година бројот странски туристи во Турција е намален за една третина, а иако сега во турските летувалишта им се радуваат на „источните“ гости, нив ни оддалеку ги нема доволно за да го надокнадат губитокот.

Во врска со туризмот, турските угостители веќе престанаа и да се тешат себе си дека оваа година ќе биде подобро. Поради политичката и економската неизвесност, сосем е извесно дека ќе биде уште полошо отколку лани. Германската агенција за истражување на пазарот, ГфК, објави дека досега се регистрирани 58 проценти помалку резервации за летување во Турција отколку во претходната, и без тоа лоша година.

Туризмот е само илустрација на општата недоверба

Причината за тоа не се само тероризмот и несигурното политичко опкружување по обидот за пуч - и непријателските изјави на турските политичари против Германија не се реклама за таму да се помине одморот, предупредува експертот за туристички движења Торстен Кирстгес во весникот „Оснабрикер цајтунг“.

Туризмот е само илустрација која покажува дека на целокупната турска економија во последно време ѝ оди сѐ полошо. Оваа земја долго бележеше пораст од преку седум проценти, со кој и една Кина би била повеќе од задоволна. Но, тоа веќе го нема, стапката паѓа, во третиот квартал од 2016. година дури и под нула, значи, економијата почнува да се намалува.

Исто како и туристите, и финансискиот пазар стана недоверлив кон Турција, што го почувствува и турската валута. Од обидот за пуч, турската лира загуби околу 30 проценти од вредноста, а инфлацијата порасна на скоро девет проценти. Тука е и невработеноста со пораст на десет проценти, а агенциите за проценка на кредитниот рејтинг од ред ја спуштаат својата оценка за Турција или најавуваат тоа да го направат наскоро. Агенцијата Фич неодамна го спушти рејтингот на Турција на ББ+, што претставува веќе земја со висок ризик за вложувања.

Ердоган ја обвини Германија за „нацистички методи“Фотографија: Reuters/M. Sezer

Германските фирми уште се во Турција, но...

И тие агенции истакнуваат дека во Турција по пучот не само што владее политичка несигурност, туку и правна, како и несигурност во планирањето. Претседателот Ердоган затвори илјадници свои противници, а на нивно место дојдоа лица лојални на режимот, иако со скромна стручност - и гладни за мито и поткуп, како што предупредуваат агенциите за проценка на кредитниот рејтинг.

Фолкер Трејер е на чело на Одделението за надворешна трговија на Германската индустриска и стопанска комора и тој исто така констатира: „Економијата назадува и за турски прилики“, вели тој за весникот „Пресе“. Ако се влошат и трговските односи, тогаш и оваа моментна и релативна економска стабилност би можела да биде „затишје пред бура.“ А ако Анкара сака да најде решение за своите стопански проблеми, тогаш одлучувачка улога ќе има токму Германија. Сепак, моментно инвеститорите порадо го исчекуваат развојот на настаните.

„Германските фирми не ја напуштаат Турција, но и не вложуваат во нови проекти“, констатираат во Комората. Меѓутоа, за земја зависна од економскиот раст во толкав обем, и таа воздржаност е доволно лоша. А ако турскиот претседател Ердоган  и натаму отворено ја навредува и пцуе Германија, тогаш најважниот трговски партнер вистински би можел да почне да му врти грб.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми