1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и Ханау се простуваат од жртвите на нападот

4 март 2020

Со централна комеморација Германија, покраината Хесен и градот Ханау, во присуство на претседателот Штајнмајер и канцеларката Меркел, се простуваат денеска од деветте жртви на расистичко-десничарскиот напад во Ханау.

Hanau Beerdigung von zwei Opfern des rechtsextremen Amoklaufs
Фотографија: DW/Reza Shirmohammadi

Две недели по нападот, кој резултираше со 11 мртви, вклучувајќи го и атентаторот и неговата мајка, во Ханау вечерва во 18 часот се одржува комеморација за жртвите во присуство на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, германската канцеларка Ангела Меркел, претседателот на Бундесратот Дитмар Ваидке и премиерот на покраината Хесен – Фолкер Буфиер. Освен претседателот Штајнмајер, обраќање ќе има и градоначалникот на Ханау Клаус Камински, како и претставници на семејствата на жртвите.

На 19 февруари 43-годишниот Тобијас Р. во напад на наргиле-барови и киоск уби девет лица со мигрантско потекло, пред самиот да си го одземе животот и да ја убие и својата 72-годишна мајка. Според досегашните резултати од истрагата, убиецот не само што имал екстремно десничарски идеи, туку бил и психички болен.

Во деновите по злосторството во Ханау, каде е закопан најголем дел од жртвите, беа одржани поголем број молитви, протести и маршеви на жалост. Со денешната централна комеморација, која се пренесува во живо на телевизијата, од жртвите официјално се  простува цела Германија, покраината Хесен и градот Ханау.

Од протестите во градот одржани по нападот во ХанауФотографија: DW/T. Yildirim

Непосредно по нападот, канцеларката Меркел изјави дека расизмот и омразата се отров кој предизвика екстремно-десничарски напади и дека германските власти решително ќе се спротистват на тоа. Берлин поведе борба против екстремните десничари и ги заостри законите по шокот предизвикан од убиствата извршени од НСУ врз граѓани со турско и грчко потекло, а кои беа откриени во 2011 година. Полицијата во меѓувреме успеа да спречи 10 напади на џамии, но во текот на 2019 година ситуацијата ескалираше. Во јуни беше убиен политичарот на ЦДУ, Валтер Либке, кој се залагаше за прифаќање мигранти, а во октомври дојде до напад врз синагогата во Хале.

Службата за заштита на уставниот поредок идентификуваше 12.700 екстремни десничари како лица склони кон насилство. Нивната комуникација главно се врши преку интернет. Неодамна беше разбиена терористичка келија радикализирана преку интернет.

Владата во меѓувреме усвои нацрт-закон кој овој месец ќе биде разгледан во парламентот, а предвидува кривично гонење на оние кои шират говор на омраза преку интернет, поттикнуваат на убивање странци, мигранти, Евреи или германски политичари кои јавно се изјаснуваат против десните екстремисти. Во полициските и безбедносните служби се отворени нови 600 работни места само во областа на борба против десниот екстремизам. Покрената е и дебата околу механизми за подобра идентификација на потенцијално опасни луѓе. По крвопролевањето во двата наргиле-барови во Ханау, експерти укажуваат дека е тешко идентификувањето на потенцијални убијци, посебно ако не се регистрирани како психопати, не паѓаат во очи и не се членови на екстремно десничарски организации.

Повеќе:

Десничарски терор: Отров во сопствената земја

Тајни информации, митови и новиот десничарски терор

Ханау: Заедништвото е најсилно средство против омразата

Ханау: Омраза во срцето на Германија

Ханау: Меркел најави битка против „отровот на расизмот“

Како и други организации, и германскиот Синдикат на металците, ИГ Метал, во кој како вработени припаѓаат и голем број гастарбајтери, повика на оддавање почит кон жртвите од нападот во Ханау со минута молк. Меѓу загинатите спаѓа и момче од БиХ, Хамза Куртовиќ, исто така од гастарбајтерско семејство. Неговиот татко е роден во Германија, а родителите на таткото во Германија на работа дошле во 60-те години.

Освен комеморацијата во Конгресниот парк на Ханау, во сеќавање на жртвите  и во знак на протест против омразата кон странците и расизмот, на 14 март во Франкфурт ќе бидат одржани големи демонстрации. На 20 март, во рамки на Меѓународната недела против расизам, во преку 1700 џамии ќе бидат одржани говори и молитви во знак на солидарност со жртвите на екстремно-десничарскиот напад во Ханау.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми