1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

140709 Entwicklungspolitik Deutschland

28 јули 2009

Германија спаѓа меѓу најважните актери во меѓународната помош за развој. Погледнато во апсолутни бројки, единствено САД издвојуваат повеќе пари. Актуелниот буџет на Министерството за развојна помош е 5.8 милијарди евра.

Symbolbild Entwicklungshelfer
Германија им пружа рака на околу 75 земји во светотФотографија: BilderBox

Хајдемари Вичорек Цојл е лицето на германската политика за развојна помош. Веќе единаесет години политичарката од редовите на социјалдемократите раководи со Министерството за сорабoтка и развојна помош. Таа е единствениот член на кабинетот што остана на функција уште од црвено-зелената коалиција во 1998 година. Во ова време, буџетот на Министерството се зголеми за половина, од 0,26 на 0,38 проценти. Погледнато во апсолутни бројки, единствено САД издвојуваат повеќе средства за оваа намена, што, пак, во споредба со бруто-домашниот производ, е далеку помалку од она што го дава Германија. Актуелниот буџет со кој располага министерката за развојна помош, Хајдемари Вишчорек Цојл, изнесува цели 5,8 милијарди евра. Тоа се 0,38 проценти од бруто-домашниот производ. Сепак, се чини дека самонаметнатата обврска, буџетот да се зголеми на 0,51 процент до 2010 година, ќе биде многу тешко да се реализира.

Клучна точка во работата на Министерството се милениумските цели, што 189 држави на ОН ги донесоа на почетокот од новиот век. На прво место е преполовување на сиромаштијата во светот до 2015 година. Останатите цели се одржување на мирот и унапредување на демократијата, заштитата на животната средина и климата, како и рамноправност во глобализацијата. Притоа, Германија се гледа себеси како дел од меѓународното општество, засновано на поделба на трудот. За помошта да се распредели колку што може поефективно, во меѓувреме, бројот на земјите-приматели се намали од 120, во деведесеттите години, на околу 75. Долгорочно треба да останат најмногу шеесетина држави.

Најмногу помош за „тежишните земји“

Дете во јужниот дел на Индија пружа рака по облеката, составен дел од меѓународната хуманитарна помошФотографија: AP

Во основа станува збор за земји во подем, кои иако се се` уште далеку од економските и политичките стандарди на високоразвиените земји, сепак, во регионот каде се наоѓаат, имаат големо влијание.

„На пример, Индија е многу значаен демократски фактор за стабилизирање на регионот, кој инаку е нестабилен. И Кина може да игра значајна улога, ако заедно со други земји се фокусира на одредени стандарди“, вели германската министерка за развојна помош, Хајдемари Вичорек Цојл.

За останатите земји, на кои Германија им помага врз основа на билатерални договори, важат други критериуми. Тие добиваат или средства за конкретни проекти, на пример од областа на земјоделството, или здравството, или, пак, добиваат таканаречена буџетска помош. Во овој случај, германските средства за развој се вливаат директно во буџетот на државата-примател. Конкретната примена на парите редовно се проверува, вели министерката за развојна помош.

„Во најлош случај ова може да доведе до повлекување на средствата, или, пак, до нивно привремено замрзнување“.

Хуманитарноста во преден план

За сиромашните земји секоја помош е добредојденаФотографија: www.BilderBox.com

Една од тежишните точки во германската политика за развојна помош веќе со години е Авганистан. Борбата против сиромаштијата и долгорочната изградба на структурите на правната држава во земја разурната од војни и терор го отсликува основното германско сфаќање на политиката за развојна помош. Во преден план секогаш стојат хуманитарните заложби, вели Хајдемари Вичорек Цојл, бидејќи настрана од воените мерки, и тие се потребни за заштита на обновата. Земји во кои сиромаштијата расте се понестабилни и е поголем ризикот да бидат зафатени од конфликти и војни.

„Секогаш е поразумно да се спречи ваква нестабилност, отколку потоа да се плаќаат високи цени за да се поправат штетите“, појаснува Цојл.

Германија ќе продолжи со нејзиниот ангажман во развојната политика, дури и во време на финансиска криза, и колку што е можно ќе го зголеми. Како видлив знак може да се смета тоа што владата во рамките на државниот конјуктурен пакет за помош предвиде сто милиони евра за потребите на Светската банка. Со ова се овозможува понатаму да се спроведуваат проектите, чија реализација беше загрозена поради кризата.

Автор: Марсел Фирстенау / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми