1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона-политика со одмерени мерки

22 декември 2021

Најновите мерки на германската политика за справување со коорнавирусот можеби не се голем триумф, но тие се засноваат на препораките на научниците, вели Кристоф Штрак.

Канцеларот Олаф Шолц (лево) со покраинските премиери на Северна Рајна-Вестфалија, Хендик Вист и на Берлин, Франциска Гифај на пресконференција  по состанокот за новите ковид-мерки во Германија
Канцеларот Олаф Шолц (лево) со покраинските премиери на Северна Рајна-Вестфалија, Хендик Вист и на Берлин, Франциска Гифај на пресконференција по состанокот за новите ковид-мерки во ГерманијаФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Политиката се обидува да ја стабилизира линијата на фронтот во борбата против позаразната варијанта на коронавирусот- Омикрон. Затоа што владее состојба на тревога - најдоцна од првата изјава на новоименуваната експертска група на сојузната германска влада за Ковид-19, која ја алармираше Германија во неделата навечер.

И сега: Големата политика, односно конференцијата на покраинските премиери со сојузниот канцелар, го потврдува патот зацртан од пред четири недели и ги повикува граѓаните да бидат одговорни, дисциплинирани и да ги почитуваат ограничувањата за невакцинираните лица. Од 28 декември, непосредно пред сите забави за Нова Година, приватните средби и на вакцинираните ќе бидат ограничени на десет лица, клубовите и дискотеките ќе мора да се затворат, а публика повеќе нема да биде примана на големите спортски настани. Вака гласи одлуката, донесена во момент кога САД и Израел ги бележат првите смртни случаи од Омикрон, а други земји известуваат за доминација на новиот сој.

Залудно врбување

Ова во секој случај не е големиот рез кој многумина го очекуваа, а од кој други стравуваа. Нема утврдување на вонредна епидемиолошка состојба. Нема ограничувања на движењето, нема затворање на хотели и на ресторани. Притоа, токму покраинските премиери од редовите на партиите на Унијата врбуваа за прогласување на вонредна епидемиолошка состојба поради ниските стапки на вакцинација и загрижувачките извештаи од оделенијата за интензивна нега во болниците.

Кристоф Штрак, автор на коментаротФотографија: DW/B. Geilert

Но останаа сами со предлогот: сојузниот канцелар и целата конференција на покраински премиери многу категорично се ориентираа кон мислењето за кое експертите - од Кристијан Дростен до Хендрик Штрек - едногласно се согласија и го презентираа. Сојузниот канцелар Олаф Шолц го нагласува приматот на научната експертиза и не сака секојдневно да водат нови дебати за можни чекори на делување и дополнителни заострувања.

Повеќе: Митот за поларизирано општество поради ковид

Тоа секако може да се поздрави, бидејќи поединечни покраински премиери така не можат да се затскриваат зад сојузната влада. Затоа што дури и поединечни покраини, како градот-покраина Берлин во вторникот, можат сами да прогласат вонредна епидемиолошка состојба, без да чекаат таква одлука на сојузно ниво. Од друга страна: премиерот на покраината Северна Рајна-Вестфалија Хендрик Вист, во присуство на канцеларот Шолц, говореше - и тоа веројатно не се случило на ваквите прес-конференции од пролетта 2020 година - за „грешка“ дека на состанокот не била донесена одлука за прогласување вонредна епидемиолошка состојба

Од друга страна: Терминот вонредна епидемиолошка состојба - не се појавува во тристраната изјава на научниците. Никаде. Во експертското мислење стои молба за „силно намалување на контактите“, а на друго место следува повикот за „ефекасни национално координирани противмерки за контрола на процесот на инфицирање“ и „особено добро планирани и добро комуницирани ограничувања на контактите“. Научниците се залагаат за ефикасно носење маски, за избегнување на собири. Но, ништо од ова не е експлицитна препорака за вонредна епидемиолошка состојба или пак за локдаун.

Германските болници се полнат - исцрпувачка битка против Ковид-19

02:05

This browser does not support the video element.

Заборавените деца

Но, препораките во голема мерка ја игнорираат често критикуваната ситуација во училиштата и за помалите деца. Тоа е за жалење и веќе има традиција. Сепак, грижата за оваа област е во надлежност на сојузните покраини. А згора на тоа во изминатите денови имаше информации дека во една покраина во која многу училишта сè уште копнеат за прочистувачи на воздухот, покраинскиот парламент бил опремен со соодветна технологија. Олаф Шолц покажува што може и сака да направи сојузната влада. Но, неговиот пристап, исто така, јасно покажува што треба да направат покраините.

Ако досегашното ширење на варијантите на коронавирусот нѐ научи нешто, тогаш тоа е следново: за пандемија, светот е село. А борбата против неа може да успее само ако се дејствува заеднички. Таа тема треба да се најде во фокусот во Германија, а исто така и на европско ниво - најдоцна кога ќе се затвори сегашната линија на фронтот против Омикрон.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми