Германија меѓу очај и кураж поради „групата на смртта“
3 декември 2011По синоќешната (02.12.2011) ждрепка во Киев, медиумите во Германија побрзаа да ја прогласат групата Б во која фудбалската репрезентација на земјата ќе игра против Холандија, Португалија и Данска за најтешка.
Мислењето на медиумите го подели и селекторот Јоаким Лев. „Мислам дека тоа веројатно е најтешката група. Холандија и Португалија располагаат во врвни играчи“, изјави Лев веднаш по извлекувањето кое како што пренесуваат медиумите го проследил со „скаменето лице“.
Германија сепак е фаворит
Германците не се само шокирани од „најтешката група“ туку и од „огромните раздалечини“ кои нивните фубалери ќе треба да ги минуваат пред секој натпревар. Медиумите говорат за „огромни“ напори кои ја чекаат германската репрезентација.
Имено кампот на репрезентацијата за време на ЕУРО 2012 ќе биде сместен на северот на Полска во близина на Гдањск додека пак сите три натпревари во групата ќе се играат во Украина. Селекторот Лев сепак ја спушта топката и истакнува дека во секој случај на натпреварите се лета со авион, а освен тоа четвртфиналето и полуфиналето се играат во Полска.
Голем број медиуми во Германија и покрај очајувањето поради извлекувањето на репрезентацијата во „групата на смртта“ сепак сметаат дека таа покрај Шпанија е фаворит за титулата и речиси едногласно го употребуваат слоганот „кој сака да стане европски шампион, мора да биде подготвен да ги победи најдобрите“, без оглед дали на почетокот или на крајот на првенството.
Автор: СН/ АТ/ сид/ дпа
Редактор: Александра Трајковска