Се разбира дека Унијата и СПД можат заедно. Но, тие всушност не го сакаат тоа. Затоа работите одат толку тешко. Клучна улога игра Сојузниот претседател, оценува Кристоф Штрак.
Реклама
Требаше само да се усогласат. И, се усогласија. ЦДУ, ЦСУ и СПД сега сакаат да влезат во коалициони преговори - доколку за тоа зелено светло биде дадено на конгресот на СПД кој ќе се одржи за една недела. По четири дена давање сигнали за „добра атмосфера“, на крајот сепак беше неопходен преговарачки маратон од 23 часа, што досега не се случило во историјата на составувањето влади во Германија.
Како и да е - сега има пакет кој повеќе делува како предлог коалиционен договор отколку како согласност за можните основи на една заедничка владина програма, за што всушност и се водеа сондирачките разговори. „Сакаме да го обновиме заедништвото“, изјави шефот на СПД, Мартин Шулц. А канцеларката Ангела Меркел согласноста ја опиша како предуслов за „да можеме добро да живееме во Германија и во наредните 10, 15 години“.
Сите мораа да се откажат од нешто
Документот е значително пообемен отколку што се очекуваше. Јасно се гледа која партија од што морала да се откаже. И, документот е во некои делови и изненадувачки: „Европа“ веќе не е тема во долниот дел на документот, туку е на почетокот, што е многу важен сигнал. Во споредба со тоа, надворешната политика е ставена назад, но во овој дел барем конечно се исклучува извоз на оружје на земји вклучени во војната во Јемен.
Дел од внатрешнополитичкиот пробив се „Пактот за правна држава“, „за правда“. Зголемување на данокот (што го бараше СПД) сепак нема да има. Затоа пак, државното здравствено осигурување (кое со години е предмет на отворена кавга) ќе биде финансирано во еднаков дел од работодавачите и работниците. И, би требало да има и солидарна пензија. Наспроти тоа, солидарниот придонес постепено ќе го снемува. И, за темите околу бегалците има прилично тесна рамка. Тоа се гледа веќе од самиот факт што „азилот“ е ставен под „доселување“. Спојување на семејство кај бегалците принципиелно е предвидено, но некогаш, во некакви тесни рамки.
Сојузниот претседател никогаш немал толкаво значење
Впечатлива до последниот ден од разговорите беше улогата на Сојузниот претседател. Согласноста постигната вчера е резултат на притисокот кој го создаде шефот на државата во сериозни времиња. Тоа го зајакнува значењето на неговата функција, која често е исмевана како немоќна. Но, Франк-Валтер Штајнмајер неделава ја искористи приликата на два новогодишни приема за да им упати опоменувачка порака на учесниците во сондирачките разговори: „Сите погледи се свртени кон партиите и нивните врвни претставници“, рече тој во вторникот. „Сите се прашуваат како сега може и треба да се оди натаму. И се прашуваат со право.“ Тоа го слушаа и шефицата на ЦДУ, Меркел, и многу членови на кабинетот, а слушаше и шефот на СПД, Шулц.
Во четвртокот Сојузниот претседател пред дипломатскиот кор додаде: ЦДУ, ЦСУ и СПД немаат обврска само кон своите партии и нивната политичка иднина, туку носат и голема одговорност за Европа и за меѓународната политика. Зборови кои оставија простор да се насети дека Штајнмајер, било како било, ќе го стави Бундестагот под притисок. „Оној кој се кандидира за носител на политичка одговорност, не смее да ја избегнува истата“, рече Сојузниот претседател пред речиси два емсеца, кога пропаднаа сондирачките разговори за Јамајка-коалицијата. Тоа важеше и неделава. И, истовремено, тоа за Меркел, Шулц и Зехофер значеше - мора да постигнат согласност.
Има уште пречки
Долгата ноќ во Берлин не донесе повеќе од - нова меѓусостојба. Ако составувањето влада од крајот на септември се третира како трка со пречки, тогаш оваа согласност е само мала пречка споредена со онаа која се очекува на конгресот на СПД на 21 јануари во Бон. А, дури кога таа ќе биде надмината, ќе следуваат формалните преговори за влада.
Уставот официјално не познава ниту коалициони преговори ниту сондирачки разговори. Актуелната драма не би смеела да продолжи и по партискиот конгрес на СПД, во текот на официјалните преговори за влада. Зашто, на Германија речиси 4 месеци по изборите, ѝ е неопходен пробив, сигнал. Многу луѓе чекаат на тоа повеќе од 100 дена. Вчерашниот ден, кој во по некој детал беше изненадувачки, дава сигнал. Дека тие мора само да постигнат согласност.
Ангела Меркел, незаменливата
По 16 години поминати како претседател на политичката партија ЦДУ и единаесет години на чело на германската влада, се чини дека ерата на Меркел може да има уште едно продолжение.
Фотографија: Reuters/M. Rehle
Првата заклетва
„Сакам да и служам на Германија“ беше ветувањето на Меркел за време на кампањата за канцелар на земјата. По тесната победа, на 22 ноември 2005 година Меркел даде заклетва и стана првата жена канцелар, но и првиот шеф на влада кој доаѓа од Источна Германија. Таа застана на чело на широка коалиција составена од ЦДУ и СПД.
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Bergmann
Кој се плаши од кутрето на Путин?
На дипломатскиот фронт, Меркел мораше да се соочи со моќен противник. Таа е позната поради својата сталоженост и смиреност. Но, Владимир Путин очигледно сакаше да го стави на тест нејзиното трпение за време на приемот во 2007 година. Тој набрзо ја најде нејзината слабост: Меркел се плаши од кучиња.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Astakhov
Фонд за црни денови
Меркел вообичаено е смирена што и помогна за време на кризите. Колабирањето на финансиските пазари во 2008 година предизвика проблеми за германската економија. Поради тоа, Меркел презеде акција. Таа беше инволвирана во планирањето на фондовите за спас на еврозоната. На крајот, германската економија се извлече речиси без последици, но мерките за штедење најмногу ги почувствуваа Грците и Шпанците.
Фотографија: picture-alliance/epa/H. Villalobos
Втор мандат
Иако резултатот на ЦДУ/ЦСУ на парламентарните избори во 2009 година беше вториот најслаб резултат за партијата во повоениот период, тоа сепак беше победа за Меркел. По широката коалиција со социјалдемократите во претходниот мандат, овој пат Меркел можеше да состави влада со посакуваниот партнер - про бизнис либералите од ФПД.
Фотографија: Getty Images/A. Rentz
Брзо исклучување
Иако по професија е физичар, инцидентот во Фукушима во 2011 година ја претвори Меркел од поддржувач - во силен противник на нуклеарната енергија. Веќе одобрените планови за продолжување на работниот век на германските нуклеарни централи беа откажани и спротивно на нејзините предизборни заложби, Германија наскоро го сопре производството на нуклеарна енергија.
Фотографија: Getty Images/G. Bergmann
„Првиот маж“ на Германија
Дали некој го препознава? Го чул неговиот глас? За време на десетгодишното владеење на Меркел, нејзиниот сопруг Јоахим Зауер, остана незабележан. Професорот по хемија на универзитот Хумболдт во Берлин стапи во брак со Меркел во 1998 година. Тој секогаш останува во позадината кога неговата сопруга е во официјални посети, но во нивниот приватен живот се чини дека е обратно.
Фотографија: picture alliance/Infophoto
Пријателство ставено на тест
Објавувањето на информациите дека блискиот сојузник САД ги пресретнува телефонските разговори на врвните германски политичари отвори голема афера пред меѓународната јавност. Ниту мобилниот телефон на Меркел не бил безбеден од тајните служби на САД. Аферата предизвика проблеми во домашната и меѓународната политика на Меркел.
Фотографија: Reuters/F. Bensch
Грчкиот пациент
Меркел има обожаватели низ целиот свет, но во Грција нивниот број е значително помал. На ниту едно друго место во светот Меркел не била толку демонизирана како што беше во Грција за време на должничката криза во еврозоната. Старите анимозитети беа повторно нагласени по барањата на канцеларката за штедење, економски реформи и кратење на трошењата од властите во Атина.
Фотографија: picture-alliance/epa/S. Pantzartzi
Емотивна, барем еднаш
Иако е воздржана и позната по минималните гестови и изрази на лицето, Меркел не можеше да се воздржи за време на финалето на Светското првенство во фудбал во Рио кога заедно со германскиот претседател го бодреа националниот тим. Во тој период Меркел беше на врвот на својата популарност, исто како и германската репрезентација, со која заедно влијаеа на градењето на меѓународниот имиџ на Германија.
Фотографија: imago/Action Pictures
Ние можеме да го направиме тоа, зарем не?
Кога стотици илјади бегалци пристигнаа во Германија канцеларката изјави дека законот за азил нема лимит. „Ние можеме да го направиме тоа!“ беше мотото на Меркел за време на бегалската криза. Таа тврдеше дека има план. Но, во меѓувреме многумина Германци се прашуваат дали навистина „можеме да го направиме тоа?“
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe
Што е следно?
По терористичките напади во Париз на 13 ноември минатата година Франција објави вонредна состојба. Ангела Меркел на соседите им понуди „целосна поддршка“. Сепак, стравот од тероризам беше сеприсутен. Без сомнеж, Меркел беше соочена со најголемиот предизвик во нејзиното владеење токму на десетгодишнината од нејзиното стапување на функцијата...
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka
Критични сојузници
На партискиот конгрес на ЦСУ во ноември 2015 година канцеларката беше критикувана од баварските сојузници. Хорст Зехофер ја обвини Меркел дека загубила контрола над границите со нејзината политика кон бегалците. Тоа беше понижување кое мораше да го истрпи стоејќи без можност да возврати на обвинувањата.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Hoppe
Зарем не може да остане подолго?
Меркел би сакала трет мандат за Барак Обама, иако скандалот со прислушувањето од страна на НСА беше причина за резервираност од нејзина страна. Сепак, Обама ја напушта политичката сцена и му го отстапува местото на Доналд Трамп. Весникот „Њујорк Тајмс“ ја нарече Меркел „последниот чувар на либералниот Запад“.