Германија му го ограничи собирањето податоци на Фејсбук
7 февруари 2019
Фејсбук во иднина ќе се соочи со ограничувања во однос на собирањето податоци од други мрежи кои ги поседува како Ватсап. Гигантот планира да се жали на одлуката и тврди дека тоа го оштетува во однос на конкуренцијата
Реклама
Сојузната антимонополска управа на Германија одлучи драстично да му го ограничи правото на Фејсбук да собира податоци од своите корисници на социјалните мрежи. Корисниците на Фејсбук во иднина ќе мора да дадат согласност пред нивните податоци да бидат поврзувани со други мрежи како Ватсап и Инстаграм кои се исто така во сопственост на Фејсбук. Во моментов, Фејсбук ги поврзува информациите кои ги собира од своите корисници на различни социјални мрежи.
„Во иднина, Фејсбук нема да смее да ги тера своите корисници да се согласат на практично неограничено собирање и префрлање на податоци кои не потекнуваат од Фејсбук на нивните Фејсбук профили“, изјави претседателот на антимонополското биро во Германија, Андреас Мунт.
Одлуката, која е донесена по едногодишна истрага, се уште нема правна сила и Фејсбук има рок од еден месец да се жали, како што веќе и најави.
„Сојузната антимонополска управа ја потценува жестоката конкуренција со која се соочуваме во Германија“, обвинуваат од Фејсбук и дополнуваат дека германските власти различно го толкуваат законот за да постават различни правила за нивната компанија. Од Фејсбук бараат за нивниот случај да решава Комисијата за заштита на корисници во Ирска, каде што е европското седиште на гигантот.
Истрагата на германското биро открива дека Фејсбук има доминантна позиција на пазарот на социјалните мрежи во Германија со 23 милиони дневни корисници, што претставува 95 отсто од пазарот. Германските власти сега му даваат на Фејсбук период од 4 месеци да презентира нов концепт на работа и една година за негова имплементација. Во спротивно, американскиот социјален гигант се соочува со казни од околу 10 милиони евра месечно.
ЕУ минатата година го усвои законодавството за Заштита на податоци (ГДПР) со што се зголеми притисокот врз Фејсбук. Основачот на Фејсбук, Марк Закерберг во јануари годинава го бранеше принципот на работа на компанијата објаснувајќи дека за нејзиниот модел на рекламирање е неопходно собирање на лични податоци.
„Ние не ги продаваме податоците на луѓето на други фирми“, инсистираше Закерберг во колумна објавена во Вол Стрит Џрнал.
Некои се мислат, а некои веќе си заминаа од Фејсбук
Бројни компании соопштија дека го напуштаат Фејсбук или го стопираат користењето на социјалната мрежа. Од Фејсбук велат дека малку луѓе досега ги напуштиле поради скандалот со злоупотребата на лични податоци
Фотографија: Colourbox/Maxx-Studio
SpaceX и Тесла
Елон Маск, милијардерот сопственик на фабриката за електрични автомобили Тесла и ракетно производство SpaceX, на Твитер објави дека ги брише обата профили на неговите компании на Фејсбук. Одлуката делуваше спонтана, откако Маск напиша дека „не знаел“ оти SpaceX воопшто има Фејсбук профил. Профилите на двете компании имаа 2,6 милиони следбеници пред да бидат избришани.
Фотографија: Reuters/T. Baur
Моѕила
Компанијата која е сопственик на популарниот интернет пребарувач „Фајрфокс“ соопшти дека го стопира рекламирањето на Фејсбук. Но, нема да го избрише својот Фејсбук профил, туку ќе престане да постира информации за надградби. „Кога Фејсбук ќе преземе посилна акција во однос на споделувањето на лични податоци... ќе размислиме дали да се вратиме“, соопшти компанијата.
Фотографија: LEON NEAL/AFP/Getty Images
Комерцбанк
Една од најголемите германски банки најави дека го стопира рекламирањето на Фејсбук. „Ќе паузираме со рекламирањето на Фејсбук. Заштитата на податоците и сочувањето на добриот бренд се важни за нас“, изјави директорот за бренд менаџмент на Комерцбанк. Тој вели дека компанијата ќе причека да види што ќе се случува пред да ги преземе следните чекори.
Фотографија: Daniel Roland/AFP/Getty Images
Коосновачот на WhatsApp Брајан Актон
„Време е. #deletefacebook“. „Избриши го Фејсбук“, напиша коосновачот на апликацијата за пораки на Твитер на 20 март. Тој стана милијардер откако му го продаде WhatsApp на Фејсбук во 2014. Неодамна инвестираше во ривалска апликација за пораки наречена Сигнал. Во 2009 година, Актон неуспешно аплицирал за работа во Фејсбук.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gerten
Сонос
Производителот на звучници од САД најави повлекување на рекламите од Фејсбук и други социјални платформи, меѓу нив и Инстаграм. Од Сонос оценуваат дека последните откритија отвориле прашања за тоа дали Фејсбук прави доволно за заштита на приватноста. Но сепак, фирмата нема целосно да го напушти Фејсбук.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Sonos
Др. Еткер се пишмани
Германската компанија за храна ги праша своите следбеници на Твитер дали да го избрише профилот на Фејсбук. „Ќе го избришеме нашиот Фејсбук профил за 1,000 ретвита“, соопштија тие на 21 март. Постот набрзо беше ретвитан 1,000 пати, и компанијата го избриша својот Фејсбук профил. Но, еден ден подоцна тој беше реактивиран, а компанијата на Твитер напиша дека „не може“ без Фејсбук.
Фотографија: Dr. Oetker
Одговорот на Фејсбук
Запрашани да ја коментираат најавата на фирми кои ја напуштаат социјалната мрежа, од Фејсбук велат: „Повеќето фирми со кои разговаравме се задоволни од чекорите кои ги најавивме за подобра заштита на личните податоци, и тие имаат доверба дека ќе одговориме на овие предизвици и ќе станеме подобри партнери и компанија“.