1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Раните од геноцидот во Намибија, уште долго нема да зацелат

Даниел Пелц
28 мај 2021

Германија сака да се извини за геноцидот врз народите Хереро и Нама во Намибија. Но, со тоа само почнува вистинската работа, бидејќи на патот кон помирувањето сè уште има големи прашалници, предупредува Даниел Пелц.

Namibia, Windhuk I Denkmal zur Erinnerung an den Völkermord von Herero und Nama
Фотографија: Jürgen Bätz/dpa/picture alliance

Конечно, Германија официјално ја презема одговорноста за геноцидот врз народите Хереро и Нама. Германски сојузен претседател конечно ќе ги изговори зборовите на кои тие чекаа повеќе од 100 години. Конечно Германија веќе нема да го премолчува, минимизира и да се обидува да го игнорира суровото злосторство, извршено од страна Германците.

Конечно! Голем чекор. Од германска гледна точка. Првичните реакции од Намибија звучат поинаку: Признанието е „чекор во вистинската насока“, изјави претпазливо дипломатски портпаролот на претседателот на Намибија.

Измама! Навреда! ПР-маневар!, бесно пак реагираат (некои) традиционални лидери на Хереро и на Нама и опозициски политичари. Тие сакаа да преговараат директно со германската влада. Тие не им веруваат на ветувањата дека главно Хереро и Нама ќе профитираат од планираната програма за развој. Бесни се дека германската влада постојано инсистира на тоа дека нема законска основа за обесштетувања и извинувања - што пак ним им звучи како германското извинување да е некаков подарок. Секако: Има и припадници на Хереро и на Нама кои го поддржуваат договорот. Но, никој не знае која од двете страни го претставува мнозинството.

Даниел Пелц, автор на коментаротФотографија: DW

Повеќе:

-Првиот германски геноцид - соочување да, отштета не

-Германија- брутална колонијална сила

-Хереро и Нама ја тужат Германија за колонијален геноцид

Голема одговорност сега лежи на рамената на двете влади. Молбата за помирување ќе вреди нешто само ако мнозинството Намибијци ја прифатат. Тоа може да се направи само преку доверба. На германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер може само да му се посака среќа да ги изнајде вистинските зборови. Шансата е тука: Претседателот е човек кој ја знае моќта на зборовите и може да го погоди вистинскиот тон во вистинскиот момент. Но, важни се и гестовите. Извинувањето во намибискиот парламент е голем момент. Но, исто толку е важно оваа молба за прошка да се упати онаму каде што беше извршен геноцидот - во областите каде живеат припадниците на Хереро и на Нама. Пред спомениците за жртвите и пред нивните потомци.

А тогаш? Дури тогаш започнува вистинската работа. Извинувањето не треба да биде крај, туку почеток. Помирувањето започнува кога улиците и спомениците во Германија веќе нема некритички да потсетуваат на протагонистите на германскиот колонијализам во Намибија, туку ќе потсетуваат на жртвите.

Помирувањето ќе започне кога германските учебници и наставни програми веќе нема да го премолчуваат геноцидот, туку широко ќе го тематизираат. Помирувањето ќе започне кога германските туристи во Намибија веќе нема да ги гледаат само живописните градби од колонијалната ера, туку и страшната историја што стои зад нив. Помирувањето ќе започне кога не само германскиот претседател и германската влада ќе ја признаат проблематичната германската историја во Намибија, туку и мнозинството од германскиот народ.

Помирувањето ќе започне кога луѓето во Намибија, особено припадниците на Хереро и на Нама, ќе гледаат и ќе веруваат дека Германија е искрена во намерите. Помирувањето ќе започне кога Германците и Намибијците некогаш заедно ќе ги оплакуваат жртвите. Но патот дотаму е многу долг.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми