Германија: Настапува четвртиот бран на пандемијата
СН/агенции
22 октомври 2021
Деветти ден по ред седумдневната инциденција во Германија бележи раст и изнесува 95,1. Епидемиолозите предупредуваат од брз раст на бројот на ковид-случаи во наредните недели, а и лекарите на интензивна нега алармираат.
Реклама
Седумдневната инциденција во Германија продолжува забрзано да расте. Институтот Роберт Кох (РКИ) рано изутрината објави дека бројот на нови инфекции на 100.000 жители во рок од една недела сега изнесува 95,1. Ова е првпат од средината на мај инциденцијата да надмине 90, а пред една недела изнесуваше 68,7. Здравствените заводи пријавиле 19.572 нови инфекции во РКИ во последните 24 часа, а бројот на пријавени смртни случаи од Ковид-19 изнесува 116. Пред една недела беа регистрирани 65 смртни случаи. Бројот на заболени од Ковид-19 примени на клиниките на 100.000 жители во рок од седум дена – најважниот параметар за евентуално заострување на рестрикциите – според РКИ вчера изнесувал 2,45. Кај овој индикатор мора да се земе предвид дека приемите во болница делумно се пријавуваат со задоцнување.
Германија соочена со трет бран коронавирус
02:07
На многу места недостига медицински персонал
Инаку, максимална инциденција на хоспитализациите, по чие достигнување би требало да се заострат рестрикциите, не е предвидена на сојузно ниво, меѓу другото и поради големите регионални разлики. Претходната максимална инциденција на хоспитализации изнесуваше околу 15,5 околу Божик минатата година. Според РКИ, бројот на новозаразени може да продолжи динамично да расте во наредниот период. „Треба да се очекува дека зголемувањето на бројот на случаи на Ковид-19 ќе се забрза во натамошниот тек на есента и на зимата“, пишува институтот во својот нов неделен извештај за пандемијата. Лекарите од интензивна нега исто така алармираат, бидејќи поради недостаток на медицински сестри многу кревети на одделенијата за интензивна нега не можат да се користат. Германското интердисциплинарно здружение за интензивна нега и итна медицина (ДИВИ) објави дека во наредниот период може да се очекува „забележливо ограничување на здравствените услуги за населението“.
„Вистинскиот четврти бран сега започна“
Во моментов, 22.207 кревети за интензивна нега се пријавени како оперативни, а на почетокот на годината имало 26.475. Според ДИВИ, изминатите неколку месеци довеле до влошување на расположението и до дополнителни откази на редовно вработени медицински сестри. „На повидок е тежок есенски и зимски бран“ со многу пациенти со Ковид-19, но и оние со други респираторни инфекции, како што е грипот, кој интензивната медицина во Германија може повторно да ја дотурка „до и преку нејзините граници“, вели Штефан Клуге, директор на клиниката за интензивната нега на Универзитетскиот клинички центар Хамбург-Епендорф.
„Вистинскиот 4-ти бран сега започна и натаму добива во интензитет“, напиша на Твитер, експертот од ДИВИ, Кристијан Карајанидис. Сè уште постои многу тесна корелација помеѓу инциденцијата и новите приеми во одделенијата за интензивна нега. Според регистарот за интензивна нега на ДИВИ, бројот на ковид-пациенти во нив сега се искачил на околу 1500.
РКИ: За очекување се повеќе заразувања на вакцинирани
Според извештајот на РКИ, повторно зачестено се регистрираат кластери во медицинските установи и во домовите за стари лица. За првпат од неделата од 3 до 9 мај, седумдневната инциденција кај луѓето над 90 години се искачи на над 50 во минатата недела.
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Глобалната кампања за вакцинација против Ковид-19 зема сѐ поголем замав. Во различни земји, создадени се или на повидок се вакцини, кои сега се главно оружје на човештвото во справувањето со пандемијата.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Бионтек/Фајзер: почеток на иРНК-револуцијата
Првата вакцина против Ковид-19, одобрена за употреба во САД и во ЕУ, беше вакцината на германските научници со турски корени Угур Шахин и неговата сопруга Озлем Туречи. Нивната фирма Бионтек од Мајнц влезе во сојуз со американскиот гигант Фајзер. Медиумите почнаа да зборуваат за „револуција“ во фармацевтската индустрија, откако е создадена првата иРНК вакцина.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Модерна: родум од универзитетот Харвард
Американската компанија за биотехнологија Модерна е специјализирана и за РНК технологии, кои се сметаат за нов чекор во медицината. Нејзиното седиште се наоѓа во Кембриџ, Масачусетс, во близина на универзитетот Харвард, чии научници ја основаа компанијата во 2010 година. Вакцината на Модерна, создадена со финансиска поддршка од властите, беше втората корона-вакцина регистрирана во САД и во ЕУ.
Фотографија: Matthew Healey/AFP/Getty Images
АстраЗенека: „Оксфордската вакцина“
Научниците од Универзитетот Оксфорд во соработка со британско-шведската компанија АстраЗенека вршеа клинички испитувања и производство на нивната вакцина. Таа во голема мерка се користи во Велика Британија, ги исполнува условите во ЕУ и активно се користи во земјите во развој, бидејќи „вакцината од Оксфорд“ има многу ниска цена. Така, таа се произведува во Индија за локалниот пазар и за извоз.
Фотографија: Channi Anand/AP/picture alliance
Спутник V: првата одобрена вакцина во светот
Во август 2020, Русија објави дека прва во светот регистрирала вакцина против коронавирусот наречена Спутник V. Масовната вакцинација на руското население официјално започна во јануари 2021. Оваа векторска вакцина, изработена од научниците од Московскиот центар Гамалеја, се промовира на странските пазари од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Фотографија: Aizar Raldes/AFP/Getty Images
Џонсон и Џонсон: доволна е една доза
Американска корпорација Џонсон и Џонсон е еден од шесте производители на корона-вакцини со кои ЕУ склучи прелиминарни договори за снабдување. Од нејзината векторска вакцина потребна е само една доза, а не две како останатите и се чува во конвенционални фрижидери. За ЕУ оваа вакцина, која доби дозвола за употреба на 11.03. ќе ја произведува белгиската сестринска фирма на Џонсон и Џонсон - Јансен.
Фотографија: Johnson/AP/picture alliance
Синовак: тивкиот конкурент од Кина
Без многу врева и детални извештаи за клиничките испитувања, Кина разви најмалку три вакцини. Една од нив, создадена од деактивиран коронавирус, Синовак Биотек ја тестираше во неколку азиски земји, вклучувајќи ја и Индонезија, која потоа веднаш ја нарача. Да им даде пример на своите сонародници, претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, прв се вакцинираше.
Фотографија: Laily Rachev/Biro Pers Sekretariat Presiden
Синофарм: Првата кинеска вакцина
Станува за вакцина со „деактивиран“ вирус која државната компанија ја разви во соработка со Институтот за вирологија од Вухан. Овој вид на вакцини се користи веќе со децении, со добри резултати во пракса. Вакцината која веќе се користи во Србија и во Унгарија, беше првата која доби одобрение за употреба од кинеските власти.
Американската фармацевтска компанија Новавакс објави дека нејзината вакцина е 96 процентно ефикасна против оригиналниот вирус и 86 проценти против британскиот сој. Тоа произлегува од студијата што Новавакс ја спроведуваше во Велика Британија. Вакцината може да биде одобрена за употреба во САД уште во мај, доколку властите утврдат дека податоците од Велика Британија се доволни, соопшти компанијата.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/ Getty Images
КјурВак: Печатач за вакцини на Тесла
Втората германска иРНК вакцина, која се очекува да биде регистрирана до лето, ќе биде произведена и извезена на глобално ниво од компанијата КјурВак од Тибинген, во партнерство со концернот Баер. Но, ќе биде можно таа да се направи директно во клиниките ширум светот. Елон Маск (втор од лево) демонстрираше мобилен печатач на вакцини создаден од германската сестринска фирма Тесла Громан.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Schwarz
Санофи: два неуспеха и помош за Европска унија
Француската компанија Санофи е еден од најголемите светски производители на вакцини. Но, овојпат тоа не и' успеа - двапати: ни заедничкиот развој со британската ГлаксоСмитКлајн, ниту обидот за создавање иРНК вакцина досега не дадоа резултати. За да помогне во обезбедувањето на вакцини за земјите од ЕУ, нејзината фабрика во Франкфурт на Мајна ќе произведе 125 милиони дози од вакцината на Фајзер.
Фотографија: C. Stoll/Sanofi
10 фотографии1 | 10
Со хигиенските мерки и зголемувањето на опфатот на вакцинацијата, ваквите кластери значително се намалија, но тие продолжуваат да се случуваат и ги погодуваат и вакцинираните лица, се вели во извештајот. Многу старите луѓе се особено изложени на ризик да страдаат од тешки и фатални последици во случај на инфекција со коронавирусот.
Генерално, РКИ пишува дека е „за очекување“ оти со текот на времето ќе бидат регистрирани повеќе инфекции кај целосно вакцинираните. Ова се должи на фактот дека сѐ повеќе луѓе се вакцинирани, а вирусот во моментов повторно се шири. „Со тоа се зголемува веројатноста за контакт со вирусот како целосно вакцинирана личност“. Според РКИ, случаите на тежок тек на болеста кај вакцинираните луѓе се многу ретки.