Германија на пат кон „дигитална сила“
20 август 2014Германската влада се одлучи да вози паралелно на три колосеци, кога станува збор за прашањето на регулирањето на „дигиталната револуција“. Прво, надлежноста за различните интернет домени ќе биде поделена на три министерства: за правда; за инфраструктурни прашања; и за внатрешни работи). Второ, во законодавниот орган - германскиот парламент, е формиран посебен одбор за „Интернет и дигитална техника“, во кој ќе седат експерти за интернет од редовите на пратениците. Оттаму ќе се испраќаат импулси кон Бундестагот за усвојување на различни закони. Трето, германската влада треба денеска (20.08.) да усвои т.н. „дигитална агенда“.
Оваа агенда, според мислењето на канцеларката Меркел, би требала да претставува водилка за сите министри во владата. Таа веќе изјави дека се работи за „сеопфатна технолошка реформа“, која претставува „централна задача за Германија“. Таа очигледно сака Германија да ги стигне некои од другите држави по ова прашање и темата „интернет“ да стане една од најважните.
Разделување со „ерата на наивноста“
Во претходниот мандат оваа тема беше споредна за владата. Постоеше „Анкетна комисија за интернет“, која требаше да се занимава со политичките предизвици кои ги наметнува информатичката технологија. Меѓутоа, работата на таа комисија, освен овој дел кој се однесува на заштита на авторските права на издавачите, немаше голем одек ни меѓу парламентарците, ниту во дискусиите кои беа водени во јавноста. Малку политичари се занимаваа со предизвиците на интернетот, а некои се надеваа дека својата компетентност на таа тема ќе ја покажат со тоа што отворија профил на Твитер.
Во јуни 2013 година медиумите почнаа да објавуваат информации кои им ги достави соработникот на американската разузнавачка служба НСА, Едвард Сноуден. Јавноста стана свесна за негативните страни на интернетот, како што се масовното следење и сајбер-војната. Тоа што канцеларката тогаш изјави дека интернетот „за нас е неоткриено подрачје“ ја покажа потребата да се надополни тоа заостанување. Аферата „Сноуден“ имаше и политички консеквенци. Во март оваа година е формирана посебна истражна комисија во парламентот, која треба да ги истражи интернет-активностите како на агенцијата НСА, така и на други агенции. Така политичарот од ЦДУ Томас Јарцомбек неодамна изјави дека “„помина ерата на наивноста во мрежата“.
Брз интернет за сите
На патот кон дигиталната иднина економијата е далеку понапред од германската политика. Високотехнолошката бранша се разви и без оваа „Дигитална агенда“. По машинската индустрија, таа е втората по големина по бројот на работни места. Сепак, за понатамошен раст итно и’ е потребна подобра комуникациска структура и брз интернет за сите граѓани. На новите фирми, кои имаат добри идеи на овој план, мора да им се овозможи полесно доаѓање до потребни кредити. Сите фирми мора подобро да се заштитат од сајбер-криминалците.
Во јавноста веќе излегоа делови од „Дигиталната агенда“ и веќе се појавија првите разочарувања. Очигледно е дека владата на канцеларката Меркел во прв план ги има економските интереси. Се наведуваат конкретни цели: до 2018 година би морала да се воспостави интернет-мрежа низ која ќе има размена на податоци со брзина од 50 мегабити по секунда; да се поделат фрекфенциите за широкопојасна безжична интернет-мрежа, отстранување на одговорноста на провајдерите за јавните WLAN-мрежи...
Сето тоа се работи за чие спроведување всушност се чека со години од страна на политиката. Постои и нескромна цел, која гласи дека Германија би требало да стане „дигитален мотор на развојот во Европа“, што би требало да резултира до отворање на 15.000 фирми годишно.
Процес со „отворен исход“
Освен тоа, планот на владата предвидува поголемо тежиште да се стави на безбедносните прашања и прашањата за заштита на податоците. „Германија со соодветни програмски и електронски решенија ќе стане број еден во светот кога е во прашање технологијата за шифрирање“, стои во владиниот документ.
Меѓутоа, патот до тој цел е конципиран прилично нејасно. За почеток ќе биде воведена обврска да се пријави секој инцидент кој има врска со сигурноста на интернетот. Многу фирми тоа не го правеа од страв дека поради хакерски напади ќе ја загубат довербата на пазарот.
Планот на владата е да покрене отворен процес, па така се предвидени бројни можности за покренување дискусии за различни прашања, да се формираат работни групи, а еднаш годишно, на посебен собир, на оваа тема ќе расправаат претставници од политиката, економијата и науката.
За време на претседавањето со групата Г7 следната година, Германија има намера да почне разговори за европските и меѓународните аспекти на оваа тема, што би можело да доведе и до усвојување на „меѓународно право на полето на интернетот“.