Deutschland UN-Sicherheitsrat
1 јули 2011Во февруари 2003 година, кога Германија последен пат претседаваше со Советот за безбедност на ОН, претстоеше ирачката војна. На делумно драматичните седници, тогашниот германски министер за надворешни работи Јошка Фишер ги изрази своите дилеми околу нападот на Ирак. Во јули 2011 година, на агендата се повторно меѓународни кризи, но во нешто помалку загреана политичка ситуација во светот.
На дневен ред се основањето на независната држава Јужен Судан на 9 јули, пресвртите во арапскиот свет и состојбата во Авганистан. Тоа е само мал избор од обврзителните теми, забележува германскиот амбасадор во ОН Петер Витих, кој ќе раководи со најголемиот дел од седниците во јули.
Многу помал е просторот за сопствени иницијативи на германската влада. Таа, на пример, се залага за тоа нападите врз училишта за време на вооружени конфликти да бидат санкционирани. Витих нагласува: „Сакаме напредок во заштитата на правата на децата“.
Важна улога на претседателството
Советот за безбедност се состанува речиси секојдневно, понекогаш и повеќепати на ден. Дел од седниците се јавни, на пример во случај на носење резолуција. Честопати петте постојани и десетте непостојани членки, каде припаѓа Германија, заседаваат зад затворени врати. Претседавачот се менува месечно, според азбучен редослед.
И покрај тоа што трае кратко, претседателството е повеќе од само формалност. „Тоа е важна политичко-дипломатска функција“, објаснува Беате Вагнер, генерален секретар на Германското друштво за ОН. Во повеќеслојниот систем на преговарање на Советот за безбедност, претседателството е првата станица за нови предлози. „Во текот на неформалните советувања на одделни или на сите земји-членки, претседавачот има посредничка функција. Тој анализира какви мислења постојат во Советот за безбедност.“
Иритации по германската воздржаност за Либија
Водење, посредување, држење на конците в раце - тоа се задачите на претседателството. Тука е неопходна дипломатска вештина, исто колку и добар имиџ, каков што Германија веќе има во ОН. Но, угледот настрада кога неодамна германската влада, неочекувано, беше воздржана при гласањето за резолуцијата за Либија. Сојузниците реагираа иритирано. Изненадена била и Беате Вагнер, добар познавач на ОН: „Мислам дека беше искршен многу порцелан.“
Германската влада демантира дека воздржаноста ја ослабнала германската позиција во Советот за безбедност и со многу ангажман работи на резолуција за Сирија, која, меѓутоа, се‘ уште нема широка поддршка. Инаку, Германија особен акцент става и врз Јужен Судан, кого во јули министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле, во име на Советот за безбедност, ќе го поздрави како 193. членка на ОН.
Посакувана тема - промената на климата
Како тема на т.н. „отворена дебата“ која се одржува традиционално за време на секое претседателство, Германија ја избра промената на климата. Витих објаснува дека ќе стане збор за ефектите од промената на климата: „Клучни поими се зголемувањето на нивото на морињата и исчезнувањето на цели држави. За ОН е новина тоа што некои држави можеби ќе исчезнат“. Темата можеби не е сосема нова, но одговара одлично на профилот на Германија, која во ОН важи како предводник во заштитата на климата и на животната средина.
Автор: Нина Веркхојзер / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Горан Чутаноски