1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија нема доволно вакцини

СН/агенции | АРД
15 декември 2021

Новата германска влада силно се залага за бустер-вакцинација против коронавирусот. Но, министерот за здравство Лаутербах мораше да призне дека нема доволно вакцини. Претставници на лекарите говорат за „фатален сигнал“.

Дози од корона-вакцините на Бионтек/Фајзер
Дози од корона-вакцините на Бионтек/ФајзерФотографија: Soeren Stache/dpa/picture alliance

Германија нема доволно вакцини за првиот квартал од наредната година. Ова признание на министерот за здравство, Карл Лаутербах, предизвика неразбирање и збунетост. „Имаме премалку вакцини. Тоа изненади многумина, а и мене“, изјави тој за јавниот сервис АРД.

Претседателот на германското Национално здружение на лекари, Андреас Гасен, оценува дека тоа е „фателен сигнал“ за сите оние кои во целост се посветени на сузбивање на пандемијата. „Штотуку постигнавме рекордно темпо на вакцинација во ординациите на матичните лекари, а потоа ја слушаме оваа вест“, изјави Гасен за весникот Билд. „Никому не можете да му објасните дека во земјата која ја разви вакцината нема доволно вакцини.“

Баварскиот министер за здравство, Клаус Холечек, бара од Лаутербах првиот квартал од 2022 година да набави уште вакцини. Тоа, вели, треба да се обиде и со „неконвенционални методи“, на пример со директен контакт со производителите. На прашањето дали недостатокот на вакцини е вина на претходникот на Лаутербах, Јенс Шпан, Холчек одговара оти „сега не е прашање кој каде и што порачувал, туку е прашање како можеме да дојдеме до уште вакцини“.

Новиот германски министер за здравство, Карл ЛаутербахФотографија: Adam Berry/Getty Images

Прилагодување на вакцините на Омикрон „за два-три месеца“?

Централна компонента на планот на германската влада за сузбивање на пандемијата е големата кампања за вакцинација. Покрај масовното ширење на вирусот за време на четвртиот корона бран, тука е и многу заразниот сој Омикрон. Но, тие напори сега би можеле да бидат отежнати. Според пишувањето на магазинот Шпигел, во јануари на располагање ќе има 1,2 милиони дози од вакцината на Бионтек/Фајзер за трета доза. Тоа е околу шестина од претходната количина. Околу 20 милиони луѓе во Германија веќе добија трета доза од вакцината.

Повеќе: Дојчландтренд: Над 70 проценти од Германците бараат задолжително вакцинирање

Со оглед на многу заразниот сој Омикрон, министерот Лаутербах ги очекува препораките на новиот германски Совет на експерти. Тој, исто така, не сакаше да прогнозира за тоа дали бројот на заразени наскоро повторно ќе почне да расте.

Автобус за вакцинирање: Трка со времето

02:02

This browser does not support the video element.

Претседателот на Институтот Паул Ерлих, Клаус Чичутек, верува дека, доколку биде неопходно, вакцината би можела да се прилагоди на новиот сој на вирусот за околу „три до четири месеци“. Производителите на мРНА вакцината, Бионтек /Фајзер и Модерна, навестија дека „во рок од 6 недели би можеле да направат адаптација на вакцината и за неколку недели да произведат милиони дози“, изјави Чичутек.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми