1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија не ѝ се сити на Британија

Рихард Фукс
9 јуни 2017

Тереза Меј и нејзината Конзервативна партија доживеаја пораз на британските парламентарни избори. Германската политика очекува тоа да се одрази и во форма на голема несигурност околу преговорите за Брегзитот со ЕУ.

Flagge von Großbritannien an der Siegessäule in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pilick

Политичката иднина на Велика Британија по парламентарните избори е целосно неизвесна. На губењето на апсолутното мнозинство на конзервативците на премиерката Тереза Мејво Германија главно се гледа со загриженост, но не и со злорадост. Политичарот од ЦДУ и европратеник Елмар Брок стравува околу почетокот на преговорите за Брегзит, кои всушност требаше да стартуваат за неколку дена. „За нас ќе беше најдобро ако Тереза Меј победеше со убедливо мнозинство, ако водеше фер преговори и беше во состојба да обезбеди парламентарно мнозинство“, изјави Брок за Дојчландфунк. Сега ЕУ нема „активен партнер од спротивната страна.“

Некои набљудувачи претпоставуваа дека исходот од изборите би предизвикал сатисфакција или злоба во Брисел и во Берлин. Меј постојано се залагаше за „тврд Брегзит“, односно излегување на Велика Британија од ЕУ без отстапки кон Брисел. Тоа значеше конфронтациски курс со германската канцеларка Ангела Меркел, која постојано вршеше обиди за изградба на мостови со британската влада за што е можно побезболен Брегзит. 

Изборниот неуспех на Тереза Меј, Елмар Брок не го толкува како изјаснувањње „за“ или „против“ Брегзит, туку повеќе како внатрешнополитички сигнал до Меј. Во предизборието, таа „комплетно го загуби својот авторитет“, што се должи на лошата изборна кампања и нејзините внатрешнополитички лидерски слабости, смета политичарот од ЦДУ. Во британската изборна кампања доминираа темите за недостатоците во британскиот социјален систем и нерешеното прашање на тероризмот.

Етингер: Нема преговори без влада

До слични оценки доаѓа и партискиот колега на Брок, Гинтер Етингер, еврокомесар за буџет, кој за Дојчландфунк изјави: „Ова беа избори кои во фокус ја имаа ситуацијата во Велика Британија“. Етингер сега очекува политички натегања и голема несигурност во односот кон ЕУ. „Со слаб преговарачки партнер е поврзана опасноста од слаб резултат во преговорите, за двете страни.“

Нема никаква причина за злорадост, потенцира Етингер, посакувајќи активно способна британска влада. И за ЕУ многу работи се во игра: Велика Британија со годишни уплати од околу 13 милијарди евра е втор по големина нето-плаќач во ЕУ-буџетот, што за останатите ЕУ-членки ќе значи повисоки уплатни ставки по заминувањето на Британците.

За Етингер тоа значи: за до 29 март 2019 година навистина да биде постигнат договор за Брегзит, преговорите треба да бидат завршени веќе есента следната година. Потоа останува време националните парламенти и Европскиот парламент да го ратификуваат договорот. Но, на адреса на Лондон, Етингер истакнува: „Без влада, нема ни преговори.“

Изборна шлаканица за Тереза МејФотографија: Reuters/T. Melville

Шулц сака да се сретне со шефот на лабуристите

Државниот министер од СПД, задолжен за Европа во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот, побрза пак да ја потсети британската политика на заедничката европска одговорност. Во Утринскиот магазин на ЗДФ, тој изјави дека сега е потребно што поскоро формирање влада, „која ќе ја обединува Велика Британија“. Без одлагања треба да започнат преговори, побара Рот, зашто часовникот на излегувањето на Британците од ЕУ, отчукува.

Канцеларскиот кандидат на СПД Мартин Шулц денеска преку Твитер најави што е можно поскора средба со шефот на Лабуристите, Корбин, честитајќи им го на социјалистите изборниот успех. Добриот изборен пласман на Лабуристите го поздравува и европратеникот од Зелените, Рајнхард Битокофер. Истовремено, вакуумот во власта за него би значел проблематично пролонгирање на преговорите за Брегзит. Европратеникот од либералите, грофот Александер Ламбсдорф сепак не може да не си доволи извесна злорадост кон Тереза Меј: „Сега Тереза Меј се најде со лицето во тортата“, изјави тој за ТВ Феникс.

Неизвесноста е отров за германската трговија

Вестите од Британија се хорор и за германската економија, за која Кралството е трет по големина извозен пазар. „Роковникот за преговорите за Брегзит сега е безвредна хартија“, изјави Мартин Ванслебен, генерален директор во Германската индустриска и трговска комора, ДИХК. Директорот за надворешна трговија Антон Бернер стравува дека новата британска влада на преговарачката маса за Брегзит може да излезе со уште порадикални барања. Ванслебен пледира, независно од британските избори, да не се врши промена на тежишните теми во преговорите за Брегзит. Иднината на ЕУ-граѓаните во Велика Британија мора да остане една од најважните точки. „Германските претпријатија имаат потреба од брз договор за идниот статус на Британците кои живеат во Германија и на ЕУ-граѓаните кои живеат во Велика Британија“, истакна тој. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми