1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија: Нова стратегија против коронавирусот

ЖА / агенции
29 септември 2020

Германската влада и покраините договориле заострени мерки - казна од 50 евра за давање лажни податоци за посетителите на локали и ограничување на бројот на учесници на приватни прослави дома или во јавни објекти.

Deutschland Angela Merkel bei Beratungen der Ministerpräsidenten über die Corona-Pandemie
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Континуираните високи бројки на новоинфицирани со коронавирус ја принудија канцеларката денеска повторно да одржи советување со покраинските премиери преку видео-конференција. „Научивме многу и добро поминавме преку летото", изјави канцеларката на средба со новинарите потоа. Но, зголемувањето на бројот на новоинфицирани во пресрет на есента и зимата е вознемирувачко. Највисока цел на германската влада е избегнување втор „локдаун", стопанството да продолжи со работа, а училиштата и градинките да останат отворени, нагласи канцеларката. Таа и покраинските премиери се усогласиле околу нови мерки кои ќе помогнат за справување со пандемијата.

Граѓаните кои во ресторан или угостителски објект ќе дадат погрешни лични податоци, во иднина мора да сметаат на парична казна од најмалку 50 евра. Покраината Шлезвиг-Холштајн тука е уште подрастична – најави казни до илјада евра за „саботирање" на мерката со која се цели на евиденција на гостите заради следење на контактите - потенцијален ланец на инфекции.

За конкретната примена се одговорни самите покраини, преку соодветни измени во нивната регулатива и каталозите за казни. Отворено останува сепак како ќе се врши конкретно казнувањето ако поради лажни внесени податоци не е познат идентитетот на лицето, иако се споменува можноста угостителите да добијат право да побараат личен документ од гостинот.

Повеќе:

Сепак нема да има историски пад на германската економија?

Коронавирус: Германија ќе ги откаже и Божиќните пазари?

Германија ја прошири листата на корона-ризични региони

Германија планира нови корона-мерки спроти сезоната на грип

Бројот на лица на приватни прослави и собири во јавни или изнајмени простории ќе биде ограничен на максимално 50 лица. Тоа важи доколку во регионот во период од седум дена бидат регистрирани 35 нови инфекции на 100.000 жители.

За прославите во приватни простории пак нема да има ограничување на максимално 25 лица, како што предлагаа канцеларката и покраинските премиери. Но, се упатува итна препорака во приватни простории да не се одржуваат славја со повеќе од 25 учесници.

Доколку во одреден регион бидат докажани повеќе од 50 инфекции на 100.000 жители, ќе бидат преземни дополнителни ограничувања, во јавни и изнајмени простории тогаш би било дозволено присуство на најмногу 25 лица, а во приватни простории препорака за максимално 10 лица. Исклучоци се можни само кај најавени прослави со одобрен хигиенски план од страна на здравствените служби.

Пред есенските училишни распусти, германската влада и покраините апелираат до граѓаните да не патуваат во корона-ризичните подрачја. Освен тоа, планираат зголемување на обемот на брзи корона-тестови и проширување на досегашната стратегија на тестирање. Паралелно со досегашните лабораториски тестови, во адекватни случаи треба да бидат применувани брзи тестови.

Канцеларката Меркел го повторила предупредувањето од можен експоненцијален раст на новоинфицирани со коронавирус во Германија. Доколку бројките натамошно се зголемуваат со досегашата динамика, до Божик би имало 19.200 инфекции дневно.

Во денешната дискусија околу ефикасни мерки за сузбивање на ширењето на вирусот, до израз дошле различните мислења на релација – влада и покраини. Баварскиот премиер Маркус Зедер се изјаснил во прилог на општоважечки правила за целата земја. Мануела Швезиг од Мекленбург Предна Померанија и Михаел Кречмер од Саксонија напротив одбивале стандардизирани заострувања на мерките, укажувајќи на различните бројки на новоинфицирани во одделни покраини.

Здравствените служби до Институтот Роберт Кох за последните 24 часа (состојба на 29.09. во 00:00 часот) пријавиле 2089 нови корона-инфекции во Германија, бројот на смртни случаи поврзани со коронавирус изнесува вкупно 9460, 11 повеќе од претходниот ден. Во саботата, со 2507 нови инфекции за еден ден, беше достигната највисока вредност од април годинава.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми