1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Опасност од младите џихадисти

ЖА
19 октомври 2017

Службата за заштита на уставниот поредок на Германија очекува нови предизвици во борбата против исламистичкиот тероризам, меѓу другото опасност од децата на џихадистите-повратници.

Symbolbild Anwerbeversuch IS
Фотографија: picture-alliance/chromorange/R. Peters

Малолетните повратници од воените жаришта во Сирија и во Ирак, според германската Служба за заштита на уставниот поредок, можат да израснат во нова генерација на борци на Исламска држава. „Присутна е опасност од децата на џихадистите, кои се враќаат во Германија од воените области, исламистички социјализирани и соодветно индоктринирани“, предупреди денеска првиот човек на Службата, Ханс-Георг Маасен.

„Од нив овде може да произлезе нова генерација џихадисти. Како општество, мора да сме свесни за присутниот ризик и адекватно да се подготвиме за него.“

Службата за заштита на уставниот поредок потсетува дека три од петте напади во Германија во 2016. година ги извршија малолетници.  Притоа, едно дванаесетгодишно момче доживеа неуспех во обидот да изведе бомбашки напад врз Божиќниот пазар во Лудвигсхафен.

Можно е, проценува Службата за заштита на уставниот поредок, да е извршена радикализација токму на постарите деца, кои во Сирија и во Ирак секојдневно биле соочени и изложени на насилство. Се случуваше дури и мали деца да бидат злоупотребувани за снимање сцени на погубување и да бидат во улога на убијци во пропагандните видеа на Исламска држава.

Разузнавачките извори велат дека во Сирија и во Ирак од Германија отпатувале преку 950 исламисти, од кои 20 проценти се жени. Пет проценти од нив отпаѓаат на малолетни лица. Околу една третина од исламистите во меѓувреме се повторно вратени во Германија, паѓа во очи што само мал дел се жени. Паралелно со загубата на територии, може да се очекува зголемување на бројот жени кои ќе се вратат повторно во Германија.

Бројката на исламисти во земјата, кои се подготвени на насилство, е порасната на 1.870. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми