Германија: 130 милијарди евра за излез од корона-кризата
ЖА / агенции
4 јуни 2020
Канцеларката Меркел претстави пакет од 130 милијарди евра за нов старт на економијата, погодена од последиците на пандемијата на коронавирус. Меѓу другите мерки, ќе следи привремено намалување на ДДВ.
Реклама
Германската канцеларка изјави дека коалиционите партнери во владата се договориле за пакет од 130 милијарди евра за обнова на економијата погодена од корона-кризата, најтешката во повоената историја на земјата. Средствата ќе стојат на располагање за оваа и за следната, 2021 година. Мерките опфаќаат меѓудругото привремено намалување на Данокот на додадена вредност од 19% на 16% во периодот од 1 јули до 31 декември, еднократно исплаќање 300 евра за дете како поддршка за семејствата и удвојување на државните субвенции за купување електрични автомобили – 6.000 евра, нема да има субвенции за бензинците и дизелите.
Освен тоа, пакетот предвидува и создавање Евро-фонд од 50-милијарди евра за борба против климатските промени, поттик на иновациите и дигитализацијата во германското стопанство.
Мерките ги договорија партијата на Меркел, Христијанско демократската унија, Христијанско социјалната унија и нивниот коалиционен партнер – Социјалдемократската партија по 21-часовен преговарачки маратон.
Според канцеларката Меркел, членовите на владинната коалиција се обврзале на храбра програма која ќе овозможи поттик на потрошувачката, инвестиции во иновации и ќе го намали финансискиот товар на обичните граѓани.
„Јасно е дека оваа ситуација изискува смела реакција", изјави Меркел пред новинарите во Берлин. „Станува збор за осигурување на работните места, за одржување на работата на економијата или нејзино повторно активирање."
Кои фирми профитираат од коронавирусот
Стравот од коронавирусот тешко ги погодува финансиски пазари. Кога компаниите мора да ги коригираат своите прогнози за добивка и промет надолу, тоа е отров за курсот на акциите. Но, сепак има и такви кои профитираат.
Кога во последната недела од февруари курсот на акциите ширум светот драматично падна, акциите на платформата за видео стриминг успешно се спротиставија на трендот. Аналитичарите сметаат дека т.н. „останете дома“ акции , како оние на „Нетфликс“ можат да им обезбедат богатство на инвеститорите за време на појавата на коронавирусот, бидејќи на сѐ повеќе луѓе им се вели да останат дома.
Фотографија: picture-alliance/AA/M.E. Yildirim
„Откачете“ го фитнес-клубот
Акциите на фитнес старт-апот Пелотон Интерактив, кој произведува велосипеди за вежбање и, исто така, нуди фитнес часови преку интернет, скокнаа бидејќи стравот од коронавирусот може да поттикне многу фитнес ентузијасти да не одат во своите теретани и клубови и да се одлучат за понудите на Пелотон.
Шефот на фармацевската компанија „Модерна“, Стефан Банкелза кусо време стана милијардер откако компанијата испорача експериментална вакцина против коронавирусот за клиничко тестирање кај луѓето, со што се зголеми цената на нејзините акциите. И Лим Ви Чаи од Малезија, мнозински акционер во фирмата за медицински ракавици „Топ Глав“, влезе во клубот на милијардери среде избувнувањето на вирусот.
Останете дома, останете поврзани
Акциите на телеконференцискиот старт-ап „Зум Видео“ пораснаа речиси за 50% од февруари, откако инвеститорите проценија дека сѐ повеќе луѓе поради стравот од коронавирусот ќе работат од дома. Компанијата веќе придодаде повеќе активни корисници годинава - 2,22 милиони - отколку во целата 2019 година.
Фотографија: zoom.us
Празни полици во супермаркетите
Во супермаркетите, како германскиот „Реве“ и францускиот „Карфур“, прехранбените производи „летаат“ од полиците додека купувачите во паника ги зголемуваат домашните залихи. Затоа инвеститорите засилено вложуваат во акциите на компаниите за пакувана храна. И онлајн трговците, како Амазон, исто така, имаат поголема побарувачка, бидејќи купувачите поради страв од вирусот ги избегнуваат продавниците.
Произведувачите на маски за лице, дезинфекциски средства за раце и дезинфекциски марамчиња се сведоци на огромен раст на побарувачката, бидејќи купувачите бараат начини да се заштитат од вирусот кој брзо се шири. Фирмата „3M“, која меѓу останатото произведува и маски за лице, е една оние со најголема добивка.
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/Yichuan Cao
„Во секое време, насекаде“
Германската софтверска компанија „ТимВјуер“ која им овозможува на корисниците да работат од далечина (од дома), е сведок на голема побарувачка на нејзините услуги, особено во Кина, епицентарот на коронавирусот. На Франкфуртската берза цената на акциите на оваа компанија забележа огромен раст во изминатите неколку дена.
Фотографија: picture-alliance/B. Kammerer
7 фотографии1 | 7
Германија на 20 април, отприлика еден месец по воведувањето, започна со ублажување на рестритктивните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.
Економијата во првиот квартал од годинава западна во рецесија, а се очекува падот во вториот квартал да биде уште поголем.
Стапката на невработеност од претходните 5,8 % во последниов месец се зголеми на 6,3 %. Без владината програма, која на претпријатијата им овозможи да организираат работа на скратено работно време и намалени исплати на платите на преку 7 милиони работници, стапката на падот на економијата ќе беше уште поголема и тешко дека фирмите ќе можеа да ги задржат работниците.