1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија побрзо ќе ги признава дипломите на доселениците

11 ноември 2011

Oд март наредната година дипломите на странските граѓани во Германија ќе се проверуваат во рок не подолг од три месеца, а новиот закон отвора можност и за правно оспорување на одлуката.

Deutschland Zuwanderer Einwanderer Immigranten Afghanistan
Подобри шанси за доселениците со квалификацииФотографија: picture alliance/dpa

Законот за олеснување на признавањето странски дипломи во Германија ја мина минатиот петок и последната пречка. Наспроти одделните критички забелешки, Домот на покраините, Бундесратот, сепак го прифати предлог- законот на сојузната влада. Ополномоштеничката на германската влада за интеграција на странците, Марија Бемер, оцени дека станува збор за „јасен сигнал на добредојде за квалификуваните кадри и академски образувани граѓани од странско потекло во Германија“.

Подобрени услови

Според новиот закон за признавање на странски дипломи, постапката од наредната година ќе биде унифицирана во сите покраини и ќе биде ограничена на максимум три месеца. Од новиот закон се очекува во наредните години да профитираат до 300.000 граѓани со странско потекло во Германија, меѓу кои ќе бидат и лекари, аптекари и адвокати. Најголем број признати дипломи германските власти очекуваат од негувателите на постари лица, бранша која со години на ред веќе оскудева со кадри и која изврши најголем притисок врз политиката за промена на законските одредби.

Фотографија: Becky Stares/Fotolia.com

Затоа претседателот на Здружението на приватни фирми за нега, Бернд Мојрер, порача дека станува збор за сигнал до лицата, кои веќе живеат во Германија или пак кои имаат желба да се доселат. Странците во Германија ќе можат по признавањето на дипломатата стекната во странство конечно да работат во новата татковина во струката што ја изучиле, а не како такси возачи или чистачи. Она што е посебно важно, тоа е дека законот не важи само за странци кои веќе живеат во Германија, туку барања можат да се поднесуваат и од странство.

Доколку забрзаната постапка за признавање на квалификациите стечени во странство биде надополнета и со понуди за изучување на јазикот и со државно субвенционирани курсеви за дополнително изучување на некој занает, тогаш тоа би било за поздравување, порача Бернд Мојрер од Здружението на приватни фирми за нега. Новиот закон, имено, предвидува надлежните власти не само да кажат дали дипломата стекната во странство им соодветствува на германските критериуми и програми, туку ќе мораат да кажат и колку и што конкретно би морало да се доучи или полага за дипломата да биде признаена. Подносителите на барањата во таков случај би можеле да се подвргнат на соодветен тест за проверка и/или пак да посетуваат наобразба за соодветниот занает во времетраење од не повеќе од три години.

Фотографија: picture alliance/ZB

Критики од опозицијата

Токму на надополнувањето на неопходните квалификации се однесува и критиката на опозициската Социјалдемократска партија, која порача дека недостаток на владиниот предлог било тоа што во законот нема зацртано систем за доквалификување на странските кадри. Освен тоа постои опасност од создавање „џунгла на полето на надлежностите на органите во покарините“, порача министерот за интеграција на покраината Северна Рајна Вестфалија, Гунтрам Шнајдер. Тој оцени дека доселениците мора да знаат оти новиот закон е фактички само мал исчекор во исправна насока. Слична е критиката на неговиот сопартиец и премиер на покраинската влада за Хамбург, Олаф Шолц, кој бара на барателите да им се каже и како можат да ги стекнат квалификациите, кои евентуално им недостасуваат за потполно признавање на дипломите стекнати во странство.

Фотографија: picture-alliance/ dpa

За надминување на сите проблематични точки во законот Бундесратот побара создавање протокол во кој ќе бидат запишани дополнителните барања на претставниците на покраините. Меѓу другото тука стои дека Заводот за труд ќе ја подобри понудата за советување на доселениците со странски квалификации, како и за нивните права на дополнително квалификување во Германија. Освен тоа ќе има и телефонски хотлајн за прашања на засегнатите лица.

Автор: Горан Чутаноски/дпа/афп/епд

Редактор:

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми