Контролите на германските граници од сабота нема да бидат систематски, а кон Франција, Австрија и Швајцарија, во договор со овие држави, ќе отпаднат целосно од 15 јуни, ако состојбата со коронавирусот тоа го дозволува
Реклама
Германскиот сојузен министер за внатрешни работи Хорст Зехофер на денешната прес конференција во Берлин најави дека поради корона-кризата воведените гранични контроли кон Австрија, Швајцарија и Австрија во основа ќе бидат продолжени, но до 15 јуни. Но, веќе од сабота на сите германски гранични премини кон овие држави нема веќе да се вршат систематски контроли, туку само поединечни по принцип на случаен избор. Границата кон Луксембург од сабота ќе биде комплетно отворена, што во основа е можно и со Данска, но со тамошната влада уште се водат преговори. Со властите во Полска и Чешка течат консултации околу олабавување на граничните контроли и укинување на обврската за задолжителен карантин за влезените патници. На граничните премини кон Холандија и Белгија и сега се вршат само спорадични контроли.
Коронавирус: Туристички атракции без посетители
Поради коронавирусот морничава тишина владее на многу туристички знаменитости, особено во Италија, но и во други земји. Погледнете како изгледаат овие места сега без вообичаените турканици..
Туристичките атракции во Италија се особено погодени од кризата со коронавирусот. Целата земја е во карантин. Продавниците се затворени, туристите ја напуштија земјата. Плоштадот Свети Петар во Рим е затворен, музеите и знаменитостите веќе не се отворени за јавноста.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Zuma/G. Galazka
Тивкиот Милано
На северот на Италија, само големи групи гулаби се осмелуваат да излезат на улиците. Катедралата во Милано се извишува осамена и напуштена кон небото. Во Италија има полициски час на национално ниво. На луѓето им е дозволено да ги напуштат своите домови само кога одат на работа или кога одат да купат неопходни намирници.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/L. Bruno
Празни места во Мадрид
По Италија, Шпанија е втората европска земја која е најпогодена од кризата со коронавирусот. Досега нема прогласено полициски час. Плоштадот Махор, обично пулсирачкиот центар на Мадрид е празен. Огромниот плоштад обично го посетуваат стотици илјади туристи секоја година. Во околината има повеќе од 3.000 ресторани, барови, кафулиња и таверни.
Жителите на Австрија, исто така, не можат веќе слободно да се движат. Од вторникот (18. март 2020) сите пабови и ресторани, покрај останатото, се затворени. Обележјето на Виена - катедралата Свети Стефан- е затворена за посетители, црковните служби се одвиваат без верници и се емитуваат на радио. И вообичаено многу посетениот плоштад пред катедралата е празен.
Карловиот мост во Прага вообичаено е преполн. Обележјето на градот сега е тивко. Чешката Република прогласи вонредна состојба поради кризата со коронавирусот и воведе широка забрана за влез и излез од земјата. Сите прекугранични транспортни врски со возови и со автобуси, исто така, се запрени. Слободата на движење на жителите е строго ограничена.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/D. Josek
Франција во вонредна состојба
Претседателот на Франција рече дека земјата е во војна против коронавирусот. А министерот за внатрешни работи ги нарече „воени сојузници“ сите оние кои сега остануваат дома. Онаму каде што обично се разминуваат илјадници луѓе - Ајфеловата кула или Лувр во Париз - деновиве ретко може да се види некој.
Фотографија: picture-alliance/abaca/E. Blondet
Берлинските знамениости затворени
Берлин е сѐ попразен, иако сè уште не е прогласен полициски час. Знаменитостите како Рајхстагот се затворени. Театрите и музеите, исто така. Туризмот е ставен на пауза во Германија. Хотелите и останатото сместување сега можат да се користат само за „неопходни и исклучиво нетуристички цели“.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler
Туризмот во режим на спиење
Дури и јавните знаменитости се празни. На улиците има само неколку туристи, како кај Бранденбуршката порта. Но, дури и ако сега има целосно чист поглед на обележјето на Берлин, посетата и не е баш забавна.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken
8 фотографии1 | 8
Предуслов за најавените мерки е натамошно стивнување на епидемијата на коронавирус. Доколку се појави нова динамика во ширењето на Ковид-19 во соседните држави, во секој момент е можно повторно поинтензивно контролирање на германските граници, истакна министерот.
Сепак, јасна цел на германската влада е од средината на јуни во ЕУ сообраќајот повторно да функционира слободно, подвлече Зехофер. Освен тоа, германската влада препорачува сојузните покраини да ги укинат постојните правила за задолжителен 14-дневен карантин за патници од земјите-членки на ЕУ, но тие да останат во сила за сите кои влегуваат во земјата од трети држави, надвор од ЕУ. На надворешните граници на ЕУ воведените правила остануваат во сила до 15 јуни. Дотогаш важи и актуелното предупредување на германското Министерство за надворешни работи за патување во странство. Според него, Германците во основа треба да се воздржуваат од патување во странство, меѓудругото и од причина што евентуално ново воведување на корона-мерки, може да им го отежни враќањето дома.
Денеска и Европската комисија треба да го претстави својот план за претпазливо отворање на внатрешните граници во ЕУ, според кој надворешните граници треба да останат затворени до 15 јуни.
Животната средина зема здив во време на короната
Луѓето се дома, фабриките прават пауза - тоа се одразува и на животната средина. Промените во животната средина се забележливи на најразлични начини ширум светот.
Фотографија: Getty Images/C. Furlong
Во Велс козите го заземаат просторот
Онаму каде што човекот се повлекува, животните си го враќаат животниот простор. На речиси сосема празните улици во британското крајбрежно место Ландидно, си се шета стадо диви кози. Тоа не им е првпат, но сега не им пречи никој. Додека луѓето се затворени дома, козите слободно може да се нафрлат на своето омилено јадење: грмушките крај патот.
Фотографија: Getty Images/C. Furlong
Планета на мајмуните?
Во тајландски Лопбури луѓето се навикнати на мајмуните. Но, во моментов животните се невообичаено напрегнати. Причина за нивните борби е можеби тоа што немаат доволно храна, поради тоа што нема туристи. За мајмуните во Лопбури и други за другите животни кои се навикнале да добиваат храна од луѓето, корона-кризата е голема промена.
Фотографија: Reuters/Soe Zeya Tun
Во Катманду се дише подобро
Чист планински воздух во главниот град на Непал е само желба. Катманду се вбројува во градовите со најзагаден воздух во светот. Градот лежи во долина, во која смогот е „заклучен“ од околните планини. Но, откако владата на 23 март објави забрани за излегување, градскиот сообраќај речиси замре. Оттогаш квалитетот на воздухот е значително подобар.
Помалку возила на улиците, помалку авиони на небото, помалку фабрики кои работат - корона-пандемијата и во Германија донесе намалување на штетните издувни гасови. Според прогнозите, Германија со тоа може дури и да ги постигне климатските цели за 2020 година, се разбира доколку по кризата не се испуштаат што е можно повеќе штетни гасови.
Фотографија: Reuters/Soe Zeya Tun
Кога гондолите се покриени ...
Каналите во Венеција, кои вообичаено се полни со бротчиња и гондоли, сега се празни, а водата е толку бистра, што може да се види дното. Но, тоа нема врска со подобрен квалитет на водата, објасни портпарол на градот за Си-Ен-Ен. Поради намалениот сообраќај, сега само талогот е на дното. Но, она што и овде е дефинитивно подобрено е квалитетот на воздухот.
Фотографија: Reuters/M. Silvestri
Паузата заврши?
Додека во многу земји економијата е во застој, во Кина повторно се почнува со работа, како во оваа фабрика за батерии во Анхуи. Со тоа завршува и паузата за земање здив на животната средина.