Четврта година по ред германскиот извоз расте со рекордни чекори. Стапката во 2017 изнесувала 6,3 %. Производите „Мејд ин Џермани“ се продаваат благодарение на глобалниот економски полет. Но се закануваат и проблеми.
Реклама
Во 2017 година од Германија биле извезени стоки во вредност од околу 1280 милијарди евра. Ова го покажаа најновите бројки од Сојузниот завод за статистика, кои беа објавени денеска. Од друга страна, Германија увезла производи во вредност од 1.034,6 милијарди евра. Значи, повторно е забележан голем суфицит во надворешно-трговската размена - околу 244 милијарди евра.
Во 2017 година, извозот и увозот ги надминаа претходните највисоки вредности од 2016 година, при што увозот со стапка од 8,3 проценти растеше побрзо од извозот. Извозот во Европската унија порасна за 6,3 отсто, исто како и извозот во други земји.
Улогата на „Прикриените шампиони“
Шефот на кредитното осигурување Ојлер Хермес, Рон ван хет Хоф, силните страни на германската извозна индустрија ги гледа во нејзината разновидност и во високата конкурентност. Централна улога притоа, според него, играат малите и средни претпријатија од кои многумина се навистина лидери на светскиот пазар, односно таканаречените „Прикриени шампиони“.
Сепак, Германија веќе неколку години е цел на критики поради високиот извозен суфицит. Во прв ред, американскиот претседател Доналд Трамп надворешно-трговскиот биланс постојано го нарекуваше „неправеден".
Седум германски „вечни“ производи и марки
Германија не е попусто втор светски извозник. Некои иновации од оваа земја се имаат проширено низ целата планета, па иако дел од тие производи се произведуваат денес и во други држави, тие отвориле сосем нови пазари.
Фотографија: Fotolia/PRILL Mediendesign
Старомодно, но незаборавно
Најголем дел од луѓето во Германија велат дека колонската вода 4711 ги потсетува на нивните баби. Тоа луѓето го велат веќе со генерации, зашто 4711 постои од почетокот на 18. век. Миризливата течност настанала во Келн и на почетокот имала медицинска примена. 4711 е позната марка, денес ја има преземно познатата успешна фирма Procter & Gamble.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Компјутерот Ц3
Првиот функционален компјутер во светот го создал компјутерскиот пионер Конрад Цузе во 1941 година. Цузе изработил два прототипа во станот на своите родители во Берлин. Слично како и Стив Џобс, кој во 1976 година во гаражата на своите родители ги поставил темелите на Епл. Цузе во 1946 година основаше една од првите компјутерски фирми.
Фотографија: DW
Еко-сандали
Без оглед што во меѓувреме БМВ се прави и во САД, а Фолксваген и во Кина, сандалите од Биркеншток веќе 230 години се произведуваат исклучиво во Германија. Откако една жена од Калифорнија со болни нозе ги проба и ги увезе во својата земја „медицинските сандали“,од 1960-те години тие станаа извозен хит.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Музика за по пат
Група научници на чело со Карлхајнц Бранденбург во 1980-те години работеше на компримирање дигитална музика. Освен тоа, групата заедно со германското претпријатие Микронас во 1994 година го создаде првиот МП3-чип декодер, што претставуваше прв прототип на еден МП3 плеер. Не траеше долго и МП3 податоците беа распространувани преку интернет, што неповратно го промени музичкиот бизнис.
Фотографија: cc-by-nc-sa-bluepoke
Средство против болка
Во 1897 година на хемичарите од Бајер АГ им успеа да ја синтетизираат во хемиски чиста, стабилна форма одамна познатата супстанца ацетилсалицилска киселина. Две години подоцна на пазарот беше изваден лекот Аспирин. По Првата светска војна, Бајер ги загуби заштитените права на пазарите во Франција, Русија, Велика Британија и САД , но се‘уште ги има патентните права за пазарите во над 83 земји.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Запалувачка искра
Првата електрична свеќичка беше пронајдена од еден Французин, но беше изработена во Германија во 1898 година од Германецот Роберт Бош и тоа како дел од еден комплетен систем за палење за возила. Денес Бош е еден од најголемите испорачувачи за автомобилската индустрија.
Фотографија: picture alliance/David Ebener
Кога птицата го најавува времето
Часовниците со птици се создадени во средината на 18-от век во домашните работилници во Шварцвалд. Иако во меѓувреме кај некои часовници надворешниот изглед се прилагоди на модата, „ку-ку“-механизмот остана. Се разбира, постојат и евтини производи од Азија, но рачно изработените часовници од Шварцвалд имаат вљубеници и купувачи од цел свет.
Всушност, во првата година од администрацијата на Трамп, САД повторно увезувале значително повеќе стоки отколку што извезувале. Како што објави Министерството за трговија на САД во вторникот во Вашингтон, дефицитот во 2017 година пораснал за 12 отсто во споредба со претходната година на вкупно 566 милијарди долари. Последен пат американскиот трговски дефицит беше толку висок во 2008 година, кога финансиската криза ја потресе домашната економија.
Поради проблемите со трговските биланси сѐ поголем е отпорот кон силните извозно-ориентирани држави. „Сѐ повеќе земји бараат решение за глобалните трговски предизвици во национални рецепти под мотото 'Мојата земја, прво'“, предупредува претседателот на Сојузот за надворешна трговија на Германија Холгер Бингман. Според него за една меѓународна економија како германската, која се потпира како на извозот така и на увозот, тоа е многу опасно.