1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подрастични мерки против азилантите од Балкан

ЖА/ард/дпа8 август 2015

Шефот на германската Сојузна служба за миграција и бегалци Манфред Шмит бара намалување на стимулот за доаѓање во Германија на барателите на азил од Западен Балкан, побрзи постапки и евентуално помала парична помош.

Фотографија: Getty Images/T. Lohnes

Сојузната служба за миграција и бегалци бара донесување мерки со цел во Германија воопшто да не доаѓаат баратели на азил од држави со мала квота на прифатени апликации. „Мораме да размислиме се‘вкупно, без да изоставиме ниедна точка“, вели шефот на службата Манфред Шмит за новинската агенција ДПА. Шмит конкретно предлага радикално скратување на постапката за одлучување за баратели кои потекнуваат од држави со мала квота на признати апликации. Од вкупно 200.000 барања за азил кои се доставени во Греманија годинава, според Шмит, 97.000 отпаѓаат на луѓе од земји од Западен Балкан. Но, само 0,1 до 0,2 проценти од нив се признати како бегалци. Напротив, од околу 44.000 апликации од бегалци од Сирија, во 85 проценти барателите добиле право на заштитен статус.

Протерување на „непожелните“Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Помалку пари?

Евентуално можеби треба да се скрати и паричната помош која им се доделува на барателите на азил од држави од Западен Балкан, вели Шмит, или таа да биде заменета со помош во натура, во потребни производи:

„При сослушувањето на луѓето често слушаме дека токму паричните средства се поттикот за доаѓање и останување во Германија“.

Важечките одредби уште сега дозволуваат можност за кратење на паричната помош на барателите на азил за кои се смета дека во Германија се само поради користење на парите.

Бројот на завршените предмети расте

„Паѓа в очи“, истакнува Шмит, „што 85 проценти од вкупниот берој апликации за азил во Германија доаѓаат од граѓани од западнобалкански земји.Тоа првенствено има две причини: поткрепата на барателите на азил тука е поголема отколку во другите европски држави, а постапката трае подолго. Во поглед на должината на постапката за добивање азил постои напредок. Од вкупно 97.000 барања оваа година веќе е донесено решение во 60.000 случаи“. Зголемен и е вкупниот број на донесени решенија, потенцира Шмит: до крајот на јули се решени 131.000 предмети, што е повеќе отколку во целата 2014 година.

Манфред ШмитФотографија: Geiger

Забрана за повторен влез во Германија

Против зголемениот број баратели азил од земји од Западен Балкан, освен експедитивноста на службите, треба да придонесе и изрекувањето забрана за повторно влегување во Германија. „Заедно со решението за одбивање, на речиси сите баратели на азил чии апликации се во обработка, ќе им биде доделено и известувањето за повторно влегување и престој во Германија“, вели Манфред Шмит. Причината за ова е реформата на Законот за престој. Според него, добро интегрираните и странците чиј престој се толерирал, смеат подолго да останат во Германија. Луѓето кои немаат никаква шанса да добијат дозвола за престој напротив треба уште побрзо да бидат враќани во нивните татковини. Странец кој е протеран од Германија, не смее да влезе повторно во следните максимално пет години.

„Испраќаме јасен сигнал до луѓето: ако ја почнат постапката за добивање азил, најверојатно нема да имаат никаква шанса вторпат да дојдат легално во нашата земја“, истакнува Шмит.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми