Среде пандемија ќе има избори во две германски покраини – Баден Виртемберг и Рајнланд Пфалц. Исходот од двете има импликации и за сојузната политика.
Реклама
Едно е сигурно: в недела (14.03) изборниот ден ќе биде како никогаш до сега во Германија. Поради страв од зараза од коронавирусот на избирачките места во Баден Виртемберг и во Рајнланд Пфалц преку пошта сакаат да гласаат толкав број граѓани колку никогаш претходно. Ова го потврдува и портпаролот на градот Хајделберг во Баден Виртемберг. „Очекуваме дека околу 50% од гласачите ќе се решат за гласање по пошта“.
Можно е изборните места да бидат празни. Пандемијата преовладува насекаде.
Можен пад на ЦДУ
Речиси 11 милиони луѓе имаат право на глас во двете покраини. Оттука гласањето од овие избори може да послужи како показател за исходот на сојузните избори наесен. Како што сега стојат работите и двајцата покраински премиери би требало да си останат на позициите. Тоа би било удар за ЦДУ, партијата на канцеларката Ангела Меркел чија политичка кариера завршува наесен и таа повеќе нема да се кандидира.
Покраински татко од „Зелените"
Веќе десет години на чело на Баден Виртемберг е Винфрид Кречман од Зелените, кој првично владееше во коалиција со СПД, па последните пет години со ЦДУ. Тој е единствен покраински премиер од Зелените во цела Германија. Во последно време популарниот „покраински татко“ се одвојува и според новите анкети, убедливо води пред останатите конкуренти со 35% поддршка. Уште пред неколку години Кречман го сподели за ДВ неговото мото кое гласи: „На прво место е земјата и луѓето. Потоа следи се друго, како на пример она што вие лично или партијата го сметаат за важно. Тоа е мојот принцип.“
Добар балансер
Кречман поентираше во однос на популарноста. Успеа да ги избрка предрасудите дека еден „Зелен“ ќе ја руинира економијата и автомобилската индустрија и винопроизводството. Кречман се покажа како приземен и народен, кој добро се разбира и со различно ориентирани од него, како премиерот на Баварија, Маркус Зедер од ЦСУ.
Премиерот на Баден Виртемберг ја поддржа и бегалската политика на канцеларката во 2015-2016 година и курсот на владата во однос на пандемијата. Ако биде реизбран тоа ќе биде силен сигнал за можна коалиција меѓу Зелените и конзервативците и во Берлин.
Малу Драјер (СПД) пред повторен триумф?
И во Рајнланд Пфалц се чини дека актуелната премиерка од СПД, Малу Драјер ќе добие нов мандат. Таа е на чело на покраината од 2013 година, иако на изборите во 2016-та за фаворит се сметаше тогашната нејзина противкандидатка и актуелна министерка за земјоделие Јулија Клекнер.
Драјер се потпираше на објективен курс и блискост со граѓаните. И успеа во тоа. На изборната ноќ и таа беше изненадена од својот успех: „Можеме да се радуваме. СПД во Рајнланд Пфалц се врати со старата сила. Успеавме и едноставно сме многу, многу јаки. Победивме на изборите што беше речиси незамисливо.“
Сета надеж на СПД е Драјер
И Драјер исто како и Кречман ја сметаат за приземна и урамнотежена, некој кој избегнува остри тонови. Тоа ја прави една од ретките проблесоци на надеж за нејзината партија во изборната 2021 година. Според анкетите тие имаат само 15% поддршка на сојузно ниво и многу заостануваат зад Зелените и конзервативците.
Но, во Рајнланд Пфалц социјалдемократите во анкетите имаат поддршка од 33%. Ако Драјер биде повторно избрана, таа би можела да ја продолжи коалицијата со Либералите и Зелените. За СПД тоа би било знак дека голем дел од гласачите сепак би го дале својот глас за партијата, доколку таа настапи со вистинските кандидати.
Онлајн кампања во време на корона
Во двете покраини кампањата беше целосно во знакот на корона. За гласовите во најголем дел битката се водеше онлајн. А, неодамна многу критикуваната политика на владата предводена од ЦДУ во справувањето со пандемијата веројатно допринела за гласовите за Кречман и Драјер. Во разговор со ДВ премиерката објаснува колку и неа и се променило секојдневието откако носат маски, држат растојание и се во локдаун. „Најголемиот дел од денот секако го трошам на премиерската работа и на короната. И тоа навистина е многу време така што морам навистина добро да се организирам за да стасам да правам и кампања. Но, ова е посебно време и не се развозувам од место до место во земјата."
Дополнителни потешкотии за ЦДУ со аферата за маските
Двајцата, Кречман и Драјер, речиси една година се постојани учесници на небројните, раздвижени конференции на темата корона со канцеларката. Учествуваа во носењето на одлуката за првиот локдаун, а и за вториот, како и сите ограничувања на слободата на движење на луѓето. Тоа очигледно не нанело штета на нивниот углед. А, најновата афера за двајца пратеници на ЦДУ и ЦСУ кои по спорни зделки за набавка на заштитни маски истапија од своите партии, донесе уште повеќе потешкотии за ЦДУ.
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Глобалната кампања за вакцинација против Ковид-19 зема сѐ поголем замав. Во различни земји, создадени се или на повидок се вакцини, кои сега се главно оружје на човештвото во справувањето со пандемијата.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Бионтек/Фајзер: почеток на иРНК-револуцијата
Првата вакцина против Ковид-19, одобрена за употреба во САД и во ЕУ, беше вакцината на германските научници со турски корени Угур Шахин и неговата сопруга Озлем Туречи. Нивната фирма Бионтек од Мајнц влезе во сојуз со американскиот гигант Фајзер. Медиумите почнаа да зборуваат за „револуција“ во фармацевтската индустрија, откако е создадена првата иРНК вакцина.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Модерна: родум од универзитетот Харвард
Американската компанија за биотехнологија Модерна е специјализирана и за РНК технологии, кои се сметаат за нов чекор во медицината. Нејзиното седиште се наоѓа во Кембриџ, Масачусетс, во близина на универзитетот Харвард, чии научници ја основаа компанијата во 2010 година. Вакцината на Модерна, создадена со финансиска поддршка од властите, беше втората корона-вакцина регистрирана во САД и во ЕУ.
Фотографија: Matthew Healey/AFP/Getty Images
АстраЗенека: „Оксфордската вакцина“
Научниците од Универзитетот Оксфорд во соработка со британско-шведската компанија АстраЗенека вршеа клинички испитувања и производство на нивната вакцина. Таа во голема мерка се користи во Велика Британија, ги исполнува условите во ЕУ и активно се користи во земјите во развој, бидејќи „вакцината од Оксфорд“ има многу ниска цена. Така, таа се произведува во Индија за локалниот пазар и за извоз.
Фотографија: Channi Anand/AP/picture alliance
Спутник V: првата одобрена вакцина во светот
Во август 2020, Русија објави дека прва во светот регистрирала вакцина против коронавирусот наречена Спутник V. Масовната вакцинација на руското население официјално започна во јануари 2021. Оваа векторска вакцина, изработена од научниците од Московскиот центар Гамалеја, се промовира на странските пазари од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Фотографија: Aizar Raldes/AFP/Getty Images
Џонсон и Џонсон: доволна е една доза
Американска корпорација Џонсон и Џонсон е еден од шесте производители на корона-вакцини со кои ЕУ склучи прелиминарни договори за снабдување. Од нејзината векторска вакцина потребна е само една доза, а не две како останатите и се чува во конвенционални фрижидери. За ЕУ оваа вакцина, која доби дозвола за употреба на 11.03. ќе ја произведува белгиската сестринска фирма на Џонсон и Џонсон - Јансен.
Фотографија: Johnson/AP/picture alliance
Синовак: тивкиот конкурент од Кина
Без многу врева и детални извештаи за клиничките испитувања, Кина разви најмалку три вакцини. Една од нив, создадена од деактивиран коронавирус, Синовак Биотек ја тестираше во неколку азиски земји, вклучувајќи ја и Индонезија, која потоа веднаш ја нарача. Да им даде пример на своите сонародници, претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, прв се вакцинираше.
Фотографија: Laily Rachev/Biro Pers Sekretariat Presiden
Синофарм: Првата кинеска вакцина
Станува за вакцина со „деактивиран“ вирус која државната компанија ја разви во соработка со Институтот за вирологија од Вухан. Овој вид на вакцини се користи веќе со децении, со добри резултати во пракса. Вакцината која веќе се користи во Србија и во Унгарија, беше првата која доби одобрение за употреба од кинеските власти.
Американската фармацевтска компанија Новавакс објави дека нејзината вакцина е 96 процентно ефикасна против оригиналниот вирус и 86 проценти против британскиот сој. Тоа произлегува од студијата што Новавакс ја спроведуваше во Велика Британија. Вакцината може да биде одобрена за употреба во САД уште во мај, доколку властите утврдат дека податоците од Велика Британија се доволни, соопшти компанијата.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/ Getty Images
КјурВак: Печатач за вакцини на Тесла
Втората германска иРНК вакцина, која се очекува да биде регистрирана до лето, ќе биде произведена и извезена на глобално ниво од компанијата КјурВак од Тибинген, во партнерство со концернот Баер. Но, ќе биде можно таа да се направи директно во клиниките ширум светот. Елон Маск (втор од лево) демонстрираше мобилен печатач на вакцини создаден од германската сестринска фирма Тесла Громан.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Schwarz
Санофи: два неуспеха и помош за Европска унија
Француската компанија Санофи е еден од најголемите светски производители на вакцини. Но, овојпат тоа не и' успеа - двапати: ни заедничкиот развој со британската ГлаксоСмитКлајн, ниту обидот за создавање иРНК вакцина досега не дадоа резултати. За да помогне во обезбедувањето на вакцини за земјите од ЕУ, нејзината фабрика во Франкфурт на Мајна ќе произведе 125 милиони дози од вакцината на Фајзер.