Кавгата меѓу ЦДУ и ЦСУ околу одделни ставки од бегалската политика добива сѐ поапсурден тек. На крајот од сето тоа ќе профитира трета партија, смета Феликс Штајнер.
Реклама
Граѓаните со чудење ја следат претставата што се одвива во Берлин и Минхен. „Ајде веќе еднаш фатете се за вашата работа!" му доаѓа на човека да се развика во владиниот кабинет и партиските седишта, „онака како што тоа го правиме секое утро и ние, даночните обврзници.” И тоа со колеги кои воопшто не можеме да ги поднесеме или пак со шефови чии одлуки не секогаш ги сметаме за многу мудри.
Спротиставени желби на граѓаните
Признавам, и ние граѓаните не ѝ олеснуваме многу на политиката, бидејќи според сите анкети, предлозите на шефот на ЦСУ Хорст Зехофер уживаат силна поддршка меѓу народот. Токму тие анкети ги охрабрија бунтовните христијански социјалисти од ЦСУ од Баварија. Од друга страна пак, како гласачи не сакаме ниту да ја платиме таквата политика со владина криза и пропаст на коалицијата, а најмалку тоа го сакаат гласачите на Унијата, кои принципиелно се за ред и поредок. Денеска човек се прашува што е толку различно сега во споредба со пред три месеци, кога владата од ЦДУ, ЦСУ и СПД се формираше по долги и мачни преговори?
Граѓанинот понатаму се прашува и во кој обем во актуелниот конфликт воопшто се работи за клучни политички прашања? Дали конфликтот веќе подолго не зазема форма на дуел меѓу Зехофер и канцеларката од чисто човечки аспект? „Со оваа жена веќе не можам да работам" – ако навистина го кажал ова, што Зехофер во меѓувреме негира, тогаш тој веќе го прокоцкал неговиот углед. Професионалност не функционира така.
Но, вистина е и дека Ангела Меркел деновиве исто така прави драматични грешки. На самитот на ЕУ постигна преговарачки успеси, кои ретко кој очекуваше дека ќе ги има. Сепак доверба не се гради со тоа што од нејзиниот кабинет ќе излезат со информации со кои ЕУ партнери кои договори се постигнати, а три од тие држави кратко потоа комплетно демантираат. Кому да му се верува? А, довербата, тоа го знае и градоначалникот на најмалото селце, е најсилната политичка валута. Кој не ужива доверба, е политички мртов.
Кризата не е државна. Дури и да ја напушти ЦСУ владината коалиција, Зелените се подготвени да бидат нови коалициски партнери. Поради тоа, независно од исходот на денешниот ден, мала е веројатноста дека ќе има предвремени избори. Кризата е пред сѐ криза на партиите од Унијата, кои со години многу самоуверено потенцираа дека без нив не може да има владино мнозинство. „Погледајте малку преку Алпите", би сакал човек да им препорача на ЦДУ и ЦСУ. Во Италија демохристијаните кои со децении беа составен дел од политичкиот систем, практично се самоуништија. Потоа се самораспуштија, без притоа некој особено да се возбуди поради тоа.
Кој владее денеска во Италија? Имено. Кај германските десничарски популисти од АфД веројатно веќе со денови се отвараат шишиња со шампањ.
Пријателите и непријателите на Меркел
Во потрагата по „европско решение“ за миграциската криза, на Ангела Меркел ѝ се потребни сојузници меѓу шефовите на влади во ЕУ. Но, сојузници има сѐ помалку, а некои настапуваат се поодлучно против неа.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/O.Matthys
Партнер
Ако постои политички пријател на сојузната канцеларка, тогаш тоа е францускиот претседател Емануел Макрон. И тој, како и Меркел, сака европско решение, зашто исто така се плаши за опстанокот на ЕУ. Баварската ЦСУ пак верува дека Макрон ја поддржува Меркел зашто го „купила“ со финансиско-политички отстапки.
Фотографија: picture-alliance/Tass/dpa/M. Metzel
Хуманист полн со разбирање
Новиот шпански премиер Педро Санчез постапи во согласност со политиката на Меркел, дозволувајќи во неговата земја да пристигне брод со африкански бегалци, одбиен од владата на Италија. Толкава доза хуманост е ретка деновиве. Но, социјалистичкиот политичар сепак нагласи дека на неговата земја ѝ е потребна помош во совладувањето на миграцијата.
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Soriano
Посредник
Холандија е трговска нација, отворените граници во ЕУ се многу важни за Холанѓаните. Во тоа премиерот Марк Руте се согласува со Ангела Меркел. Од друга страна, расположението во неговата земја во меѓувреме е повеќе антимигрантско. Руте воопшто не сака во ЕУ да влезат лица кои немаат право на азил. Во тој контекст, тој би можел да преземе улога на посредник.
Фотографија: Reuters/F. Lenoir
Тактичар
Меѓу Ангела Меркел, демохристијанка и левичарот Алексис Ципрас постојат огромни идеолошки разлики. А сепак грчкиот премиер се залага за „европска солидарност“ во решавање на миграциската криза и лично ја поддржува Ангела Меркел. Причина за тоа би можело да биде разбирањето кое Меркел го покажа во контекст на грчката криза - Ципрас се надева на нови отстапки.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Радикал
Данецот Ларс Леке Расмусен не изгледа како радикал, но е радикален по прашањето на миграцијата. Данската влада спроведува строга политика на „застрашување“ на азилантите, построга отколку другите земји. Расмусен прв ја лансираше идејата за прифатни центри надвор од ЕУ. Тој не сака прераспределба на азиланти во земјите членки на ЕУ.
Фотографија: imago/Belga
Противник
Австрискиот канцелар Себастијан Курц се однесува љубезно кон Ангела Меркел, но не го крие длабокото несогласување кон нејзината либерална бегалска политика. На друга страна, Курц одлично се согласува со противниците на Ангела Меркел на внатрешнополитички план - министерот за здравство Шпан и министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, како и баварскиот премиер Маркус Зедер.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel
Притиснат
Непартискиот италијански премиер Џузепе Конте е еден од најтврдите ореви за Меркел. Конте никако не сака да прифати (вратени) бегалци, првпат регистрирани во Италија. Притисок врз него врши пред сѐ италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини од ксенофобната Лега: „Ние не можеме да прифатиме веќе ни едно единствено лице“. Со такви изјави, во Италија расте популарноста на Лега.
Фотографија: picture-alliance/ZumaPress
Незаинтересиран
Никој толку жестоко не ја критикуваше политиката на отворени граници на Ангела Меркел како унгарскиот премиер Виктор Орбан. За него, кризата е проблем на Меркел, а не негов. Тој воопшто не отпатува на мини-самитот за бегалците, за разлика од другите лидери на т.н. Вишеградска група (Чешка, Словачка, Унгарија и Полска). Сите тие категорично одбиваат прераспределба на бегалци.