1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како се помирија Германија и Полска

Магдалена Гвожџ-Палокат
17 јуни 2021

„Договорот за добрососедство и пријателска соработка“ помеѓу Полска и Германија се смета за пресвртница во приближувањето на односите меѓу два непријателски насочени соседи. Што ни покажува тој денес?

Deutsch-polnischer Nachbarschaftsvertrag (17. Juni 1991)
Полскиот премиер Белецки и германскиот канцелар Кол по потпишувањето на Договорот за добрососедство на 17.06.1991 годинаФотографија: Michael Jung/picture alliance

1991 година за Европа е година на пресврт. Германија повторно се обедини, Полска по 40 години комунистичка диктатура повторно се развива во демократска држава која тежнее кон Западот. Но, и покрај ова, недовербата помеѓу двете соседни земји е голема, а историскиот товар е присутен.

Речиси во секое полско семејство има по некој кој може да посведочи за злосторствата за време на германската окупација од 1939-45. Беа поминати и само неколку месеци откако Сојузна Република Германија и Република Полска ја завршија демаркацијата на границата која беше контроверзна тема од крајот на Втората светска војна.

Тоа беше „голем ден во едно време кое секако беше возбудливо“, раскажува за ДВ, Јануш Рајтер, тогашен полски амбасадор во Германија. Тој беше вклучен и во преговорите и присутен на потпишувањето на Договорот за добрососедство.

На многу фотографии од 17 јуни 1991 може да се види овој тогаш 39-годишен дипломат, опкружен со германски политички величини како стариот канцелар Вили Брант, тогашниот канцелар Хелмут Кол, министерот за надворешни работи Ханс – Дитрих Геншер и подоцнежната канцеларка Ангела Меркел.

Јануш Рајтер, поранешен полски амбасадор во ГерманијаФотографија: picture-alliance/Eventpress

Рајтер се сеќава дека владеела среќна и опуштена атмосфера. Од конфликти немаше трага. Договорот беше подготвен за потпис. Долгите преговори не одеа секогаш лесно и без проблеми. Мораше да се најдат многу компромиси. „Немаше илузии. Свесни бевме за разликите во интересите на двете страни. Но, имаше голем степен на доверба дека никој не сака да ја прејде другата страна“, вели Рајтер. Се сеќава на тоа дека оние кои биле вклучени во преговорите не се познавале добро, но и покрај тоа се приближиле, играле „фер“ и внимателно ги решавале разликите.

Повеќе: 50 години од клекнувањето во Варшава: Големиот гест на Вили Брант

Полска, Германија и Европа

Една разлика беше тоа што Полска во договорот сакаше да се вклучи нивната желба за пристапување во тогашната „Европска заедница“, претходник на ЕУ. Германија изрази поддршка, но од друга страна Бон „не сакаше да солира и да ги изненади останатите партнери со вакви категорични ставови“, вели долгогодишниот дипломат Рајтер.

Ваквото претпазливо држење се рефлектира и во изборот на зборови во договорот. Додека во германската верзија се зборува за „приближување на полската држава кон европската заедница“, во полската верзија е избран зборот "przyłączanie", кој означува процес на приклучување. „Во Западна Европа имаше двоумење дали новите демократски земји треба да влезат во Европската заедница, барем во перспектива од неколку години“, вели Рајтер. На крајот поминаа 13 години додека Полска да стане членка на ЕУ.

Фотографија: Michael Jung/dpa/picture-alliance

Довербата клучна за Кол

За тогашниот полски премиер Јан Криштоф Белецки неговата земја отсекогаш била дел од Европа. Неговиот потпис стои на договорот до оној на Хелмут Кол. „Разликата помеѓу нас беше околу 40 килограми и веројатно 15 сантиметри“, се присетува Белецки во разговор за ДВ. „Освен тоа: една генерација и многу искуство“, вели овој поранешен политичар, кој денес е дел од една од најпрофитните ревизорски фирми во светот.

Кол не беше човек кој веднаш врзува пријателства. „Прво мораше да се навикне на личноста. Тоа беше процес на меѓусебно запознавање. Тој веруваше во нешто што се вика доверба,“ раскажува Белецки.

Пресвртот се случи на заедничка вечера. На масата беа само тројца: Кол, неговиот човек од доверба - белгискиот премиер Вилфрид Мартенс и Белецки. Подоцна Полјакот имал впечаток дека Кол му ја анализирал личноста. Доказ за тоа е подарокот:

„Понекогаш се подаруваат мали симболични работи. Јас од Хелмут Кол добив фудбалски копачки. И точни ми беа!“, се присетува поранешниот полски премиер.

Белецки, Кол, Шмит и Геншер по потпишувањето на Договорот (од л. кон д.)Фотографија: Oliver Berg/dpa/picture-alliance

Основа за меѓусебна соработка

Денес, Јан Криштоф Белецки е горд на она што се постигна пред 30 години. Договорот не ги реши сите германско – полски проблеми, но овозможи соработка меѓу двете земји. Тој создаде рамка за соработка на многу полиња и иницираше бројни проекти и движења. Германско-полската младинска канцеларија со бројни младински иницијативи од 1991 до сега е само еден пример. Ќе се случеше ли сето ова и без договор за добрососедство?

Како во спортот и честопати во животот важи правилото: „Најважен е почетокот“, вели Белецки. Тој се радува што договорот е жив и постојано му се додаваат нови поглавја. За поранешниот полски премиер е исто така важно што почетокот на односите бил фиксиран во писмена форма. „Германците, а особено Хелмут Кол имаа одредена одбојност кон нас. бидејќи сакавме сѐ да ставиме на хартија, додека тие се потпираа на доверба“, вели денес 70-годишниот Белецки.

Повеќе: 

Може ли Полска економски да ја стигне Германија?

Полска, Германија и сенките на војната

Каде чкрипи меѓу Полска и Германија

Да беа Бугарија и Македонија како Германија и Полска

Мал ѕвезден момент на полската дипломатија

Непосредно пред четвртиот од шест преговарачки круга Вилхелм Хејнк застана на чело на германската делегација. Од негова гледна точка било пресудно што и Германците и Полјаците сакале да успее и истовремено биле свесни дека не може да се решат сите отворени прашања во поставените рамки. „Да посегнеш по ѕвездите звучи убаво во литературата. Има и во дипломатијата ѕвездени моменти, но треба да се остане со двете нозе на земја. Германско-полскиот договор беше мал ѕвезден момент на меѓународната дипломатија. И тој беше приземен", рече гермнскиот екс-дипломат во разговор за ДВ.

Вилхелм Хејнк, дипломат и подоцнежен генерален секретар на ОБСЕ (1993-1996)Фотографија: Martin Athenstädt/dpa/picture-alliance

Тешка за менаџирање била желбата која ја изразиле Полјаците да се воведе поимот за „полско малцинство” во Германија. Според Хејнк, отпорот за такво нешто бил поврзан со доселениците од Турција. „Владата сакаше по секоја цена да избегне да се разгори дискусија во Германија околу малцинства за да не се декларираат Турците кои живеат во Германија како малцинство.“

Полско малцинство во Германија?

Хејнк ја отфрла критиката дека има одредена асиметрија зашто германското малцинство во Полска има сигурно место во парламентот и автономна управа, и нагласува дека треба да се фрли поглед врз историјата за да се разбере тоа. „Луѓето со полско потекло доброволно дошле во Германија. Германците во западните делови на Полска пак биле затечени од политичките случувања во Европа".

88-годишникот се потсетува со срам на разговорите со полската страна: „Полјаците одлично зборуваа германски. Од нас еден или двајца едвај ја знаеја полската азбука."

Двојазични табли во полска општина каде живее германско малцинствоФотографија: DW/A. Marek Pędziwol

Дилеми на двете страни

Денес Хејнк со доза на разочарување гледа на развојот на германско-полските релации. Не се исполниле сите надежи, имало и уназадувања во односите. Но, со таква историја тоа за него не е изненадувачки. „1990/1991 се надевавме дека ќе има постојан нагорен тренд во релациите", се потсетува Хејнк.

Оптимизмот на тогашните учесници во Договорот го фрли во сенка фактот дека многу Полјаци и Германци не веруваа во него. На канцеларот Кол здруженијата на протераните „му дишеа во врат”, но и во Полска имаше луѓе кои со недоверба гледаа кон повторно големата соседна држава.

Историјата како отежнувачки фактор

И 30 години подоцна германско-полската историја обележана од конфликти е отежнувачки фактор за билатералните релации. Полскиот државен врв постојано се заканува со барања за репарации за времето на опсадата, на што од германска страна пак понекогаш се контрира дека би можело повторно да се отвори прашањето за границите.

„Мојот заклучок е дека мора да работиме и натаму додека да дојде вистинскиот момент за да имаме исто гледиште за минатото и иднината", вели Хејнк. Можеби на тоа мислеше и поранешниот полски премиер Белецки кога зборуваше за „пишување нови поглавја”: германско-полската книга уште долго нема да биде целосно испишана.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми