Никогаш досега формирањето влада во Германија не траело толку долго. Но коалициониот договор меѓу ЦДУ/ЦСУ и СПД е уште само етапна цел, смета Кристоф Штрак.
Реклама
Успеаја. Конечно. 135 дена по изборите за Бундестагот, по на моменти наизглед бесконечните преговори, постигнат е коалициски договор. Но, по напорните договарања, следи треперење од неизвесност. Зашто, во наредните недели, постигнатиот договор претставува само потврда за добри намери. Успехот уште не е конечен.
Сепак, Германија стигна чекор поблиску до формирање влада. Колкава е важноста, покажува поглед врз дневната агенда на канцеларката за утрешниот ден: напладне Ангела Меркел го прима претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, вечерта - претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер. Европа чека на Германија, големата сила во ЕУ, покрај Франција на чело со Емануел Макрон. А се чека веќе подолго. Временската рамка за реформи во ЕУ, тематизирана и во коалициониот договор, веќе е намалена.
Европа е едно, во зависност од тоа како се чита, дури и централно тежиште на коалициониот договор. На внатрешно-политички план, тешко е да се идентификува водечки концепт. Упадливо е тоа што во називот на Министерството за внатрешни работи се појавува поимот „татковина“ (во Баварија го има одамна), посебно во контекст на актуелната дебата во Германија околу идентитетот и глобализацијата, која не е само исклучиво популистички обоена.
Опсежноста и деталноста на коалициониот договор, составен на преку 150 страници, се индикатор не само за регулирачката грижливост, туку сведочат и за недоволна меѓусебна доверба меѓу партнерите. На Бундестагот ќе му биде доставена дебела книга за работа во преостанатите триипол години од легислативниот период. Притоа, поттиците доаѓаат од раководствата на трите партии во коалицијата, а не примарно од пратениците.
Над постигнатата согласност сѐуште виси решавачка задршка: таа треба да ја помине и пречката во форма на внатрепартиско изјаснување на членовите во СПД. Во 2013. година тоа не претставуваше никаков проблем- со „за“ се изјаснија преку три четвртини од базата. Во 2018. година ќе биде поинаку. На партискиот конгрес само 56 проценти од делегатите одобрија почеток на преговори за голема коалиција со ЦДУ и ЦСУ. А противниците на нејзиното ново издание, првенствено подмладокот во СПД, одамна се борат за решавачко „не“ на референдумот на 464.000 партиски членови, од кои дури 24.000 пристапија во партијата во изминатите четири недели.
Распределбата на министерствата во идната коалиција, која протече во јавноста, покажува со колкава упорност се бореле Социјалдемократите во преговорите ноќеска. Изненадувачки е кои министерства ги добива СПД, тоа е навистина максимално можното постигнување. Првенствено паѓа во очи дека СПД би ги имало министерствата за надворешни работи и за финансии. Досега овие клучни функции секогаш беа во рацете на различни партии.
Исходот од изјаснувањето на членовите на СПД останува неизвесен. Но, возбудливо на сличен начин ќе биде и на страната на Унијата. Зашто, преговарачкиот успех на една страна значи попустливост од другата. Ангела Меркел, претседателката на ЦДУ, пред почетокот на вчерашната последна рунда преговори, зборуваше за неизбежни претстојни „болни компромиси“. Постигнатиот договор покажува на што мислела. Меркел ќе мора оваа болка да ѝ ја пренесе на својата партиска база. На ЦДУ навистина не ѝ претстои изјаснување на партиското членство или партиски конгрес, но внатрепартиското негодување против лидерката нема да стивне.
Добро е, иако доаѓа со задоцнување, тоа што новата коалиција направи уште чекор нанапред. Германија во меѓувреме предолго, веќе135 дена, функционира само со техничка, што значи влада со ограничено делување. Но, при сето олеснување во сегашниот момент: последните пречки ќе паднат дури во март. Има време.
150 години на германските социјалдемократи
Социјалдемократската партија СПД е основана на 23 мај 1863. година во Лајпциг. Родена е од работничкото движење. Внатрепартиските случувања често беа бурни, од успеси на политичката сцена до уривање на партиските лидери.
Фотографија: picture alliance / dpa
Бурна историја
Историјата на германските социјалдемократи е доста бурна - од основањето на партијата на 23 мај 1863. година, па се' до изборот на Вили Брант за прв канцелар од редовите на партијата, сто години подоцна. Оттогаш, СПД уште во два наврати имаше свој канцелар на германската влада.
Фотографија: DW
Од илегала до работничко движење
Првите состаноци на социјалдемократите биле организирани во тајност. Тогашните челници на движењето Аугуст Бебел и Вилхелм Либкнехт сакале по секоја цена да се слушне гласот на работниците. Фердинанд Ласал заедно со своите истомисленици во 1863. го основа германското Работничко движење (АДАВ). За помалку од една година тие имале преку 4.600 членови, а со текот на времето тој број растел.
Фотографија: AdsD der Friedrich-Ebert-Stiftung
Успех и покрај забраните
Индустријализацијата обезбеди нови работни места и храна, но работата во фабриките е тешка и опасна за работниците. Работничките движења добиваат се' поголема улога, и покрај анти-социјалистичките закони со кои се забранува нивното делување. И покрај тоа, СПД успева да опстане и да прерасне во масовно движење до 1890 година.
Фотографија: Ullstein Bild
Знаењето е моќ!
Во 1906. година славните социјалдемократи како Роза Луксембург и Аугуст Бебел го посетуваат германското социјалдемократско училиште во Берлин, кое го основа самиот Бебел. На таа идеја ги поттикна отец Вилхелм кој често говорел: „Знаењето е моќ - моќта е знаење“. Во 1912. СПД станува партија со најголемо гласачко тело.
Фотографија: AdsD der Friedrich-Ebert-Stiftung
Бурниот Вајмарски период
Социјалдемократот Филип Шајдеман на 9 ноември 1918. година во германскиот парламент- Рајхстагот државата ја прогласува за република. Една година подоцна, претседавачот со партијата Фридрих Еберт станува канцелар на „Германскиот рајх“. Жените добиваат право на глас, право за кое СПД се залага уште од 1891. година. Социјалдемократите остануваат најсилна политичка партија до 1932. година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Противници на нацистичкиот режим
На 23 март 1933. социјалдемократот Ото Велс отворено му се противи на Хитлер изјавувајќи во парламентот: „Можете да ни ги одземете слободата и животот, но интегритетот никогаш!“ СПД со сите сили се бори против нацистичката НСДАП, но неколку месеци подоцна синдикатите се распаѓаат, а СПД е забранета.
Фотографија: AdsD der Friedrich-Ebert-Stiftung
Прогонство
Политичарите од СПД мораа да ги избришат политичките графити. Во тоа ги надгледуваа хитлеровите единици. Некои од нив завршија во затвор, некои беа измачувани, а дел убиени. Во 1933. Велс ја основа СПД во егзил. Во Прага е формирана „Сопаде“. Подоцна делува од Париз, а потоа и од Лондон. Одредени членови на движењето делуваат и од Скандинавија и од Америка.
Фотографија: AdsD der Friedrich-Ebert-Stiftung
Нови почетоци
Курт Шумахер, претседателот на СПД одржа говор во урнатините на Франкфурт во 1946. година. Тој ќе одигра важна улога за социјалдемократите по Втората светска војна. Во советскиот дел на земјата, СПД се спојува со Социјалистичката партија на единството (СЕД). Во Западна Германија, СПД со мала разлика во гласовите губи од демохристијаните - ЦДУ.
Фотографија: AdsD der Friedrich-Ebert-Stiftung
Од работничко движење до модерна партија
Со текот на времето СПД се оддалечи од својата социјалистичка идеологија. Со тоа социјалдемократската опција доби далеку повеќе гласачи. Партијата сепак се обврза на зачувување на социјалистичката пазарна економија и одбрана на националните интереси, со што беше овозможено и формирањето на коалицијата со ЦДУ во 1966. година, кога Вили Брант беше вице-премиер.
Фотографија: AdsD der Friedrich-Ebert-Stiftung
Наследството на Брант
Вили Брант, првиот повоен канцелар од СПД, ќе остане запаметен и по историскиот момент кога клекна пред споменикот на жртвите од Варшавското гето. Неговата надворешна политика кон Истокот беше заснована на помирување со советскиот блок. Тоа е причината поради која беше награден со Нобеловата награда за мир во 1971 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Вртењето в лево
Генерацијата на 68-та, припадници на меѓународното протестно движење, внесоа нова енергија во СПД. Во 1974. година Хајдемари Вичорек Цојл беше првата жена која беше избрана во младинската организација на Социјалдемократската партија.
Фотографија: ullstein bild
Хелмут Шмит и „германската есен“
Шмит беше на функцијата канцелар од 1974. до 1982. година. На оваа фотографија тоа е во друштво со вдовицата на бизнисменот Ханс Мартин Шлајер, кој беше убиен од припадниците на Фракцијата на Црвената армија (РАФ) во 1977. година. Активностите на РАФ беа голема предизвик за канцеларот. Неговото раководење мина и со големи превирања во рамките на партијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Долг период во опозиција
По распадот на коалицијата со Либералите, социјалдемократите повторно се најдоа во опозиција во 1982. година. Во 1994. година Рудолф Шарпинг беше кандидат за канцелар и загуби. Нешто подоцна ја губи и функцијата претседател на партијата. На тоа место доаѓа Оскар Лафонтен. Сепак, Герхард Шредер го презема кормилото и станува германски канцелар во 1998. година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Дилеми со реформите
Во коалиција со партијата на Зелените, СПД го урива од власт Хелмут Кол и неговата Христијанско-демократска унија. Канцеларот Шредер ја претставува „Агендата 2010“, предлог-реформи кои беа фокусирани на пазарот на трудот. Опозицијата остро негодуваше, но и синдикатите. Разликите во мислењата доведоа до формирање на партијата на Левицата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Кандидат „на работ“
Пер Штајнбрик ќе се бори за канцеларската функција против Ангела Меркел. Со оглед дека во минатото беше министер за финансии, во времиња на криза неговото искуство би можело да биде добредојдено. Меѓутоа, кандидатот на социјалдемократите во последните месеци дава контроверзни изјави, на кои не гледаат позитивно ни колегите од неговата партија. Резултатите од анкетите, досега, не му одат од рака.