1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија „потона“ во вода

ЕМФ/дв3 јуни 2013

Драматични слики во Германија - поплавени улици и цели градови, дел од земјата потона во вода. Сеќавањата на „поплавата на векот“ од 2002 година се враќаат.

Фотографија: Reuters

По повеќедневното непрекинато врнење, состојбата со поплавите на југот и истокот на Германија ноќеска (02/03.06) стана драматична. Дел од градовите и цели региони во покраините Баварија, Тирингија и Саксонија прогласија вонредна состојба. Погодени се илјадници луѓе. Бундесверот се подготовува за помош. Канцеларката Ангела Меркел на најмногу погодените покраини им вети „целосна подршка“.

Во Баварија веќе почнаа евакуации и блокирање улици. Баварската влада основаше и кризен штаб. Во многу училишта денеска (03.06) нема да има настава. Во градот „на три реки“, Пасау, веќе не се исклучува дека е можно нивото на водата да достигне 12 метри. Во Пасау последен пат поплави од толкав размер имало во средниот век, во 1501 година. Дури и при „поплавата на векот“ во 2002 година не беше измерено толкаво ниво на водата.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Ситуацијата е драматична и во Саксонија, каде општините од западнито дел веќе прогласија вонредна состојба. Се претпоставува дека нивото на водата ќе биде како во 2002 година, а можеби дури и повисоко. Метеоролозите најавуваат нови дождови.

Во покраината Тирингија евакуациите се во полн ек. Комплетно е евакуирано гратчето Гесниц, како и делови на Грајц, каде во знак на претпазливост е исклучена и струјата. Армијата веќе пристигна во поплавените подрачја во Тирингија со цел да помогне.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Големи делови од реките Рајна, Мајна и Некар, поради поплавите, се затворени за бродски сообраќај. Во регионот на Средна Рајна се очекуваат поплави, иако ситуацијата не е толку драматична како на југот и истокот на земјата.

Погодени се и соседните земји

Од водените маси се погодени и соседите на Германија. Вчеравечер владата во Прага прогласи вонредна состојба. Мерките во Чешка важат насекаде, со исклучок на регионот Пардубице, рече премиерот Петр Нечас. Во Полска поплави има на југозапад на земјата, а ситуацијата од час во час се влошува и во Австрија. Евакуации има во многу места, а доколку нивото на Дунав се зголемува со актуелното темпо, најдоцна до утре ќе биде надминато нивото на водата од 2002 година. Поради поплавите, во Чешка и Австрија, животот го загубија четири лица.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми