Германија: Почнува тестирање на вакцина против Ковид-19
ЖА / агенции
22 април 2020
Институтот Пол-Ерлих издаде прва дозвола за спроведување клиничко тестирање на потенцијална вакцина против коронавирус врз луѓе во Германија.
Реклама
Германскиот Институт Пол-Ерлих, кој е надлежен за издавање дозволи за клинички тестови, како и за вреднување и одобрување вакциниво земјата, му даде зелено светло на биотехнолошкото претпријатие од Мајнц, БиоНТех, за спроведување тест-вакцинирање на луѓе, соопштено е денеска во Ланген.
Ова, според Институтот Пол-Ерлих, е четврта дозвола издадена во светот за тестирање на потенцијална вакцина - превентивно, специфично средство против Ковид-19 врз здрави луѓе- доброволни кандидати. Во првата фаза ќе се тестираат различни дози врз 200 здрави лица на возраст од 18 до 55 години, во втората фаза средството ќе се дава на лица од ризични категории.
Со оглед на тешките последици на пандемијата на коронавирус, дозволата претставува „значаен чекор за во Германија што е можно побрзо да се развие сигурна вакцина против Ковид-19 и што е можно побрзо да биде ставена на располагање во цел свет“, се вели од Институтот. Според информациите оттаму, во следните месеци се очекуваат натамошни клинички тестирања на потенцијални средства за вакцина против Ковид-19.
Каде сѐ демне коронавирусот?
Коронавирус насекаде! Можеби дури и на пиперките, билетот за возење, сопственото домашно милениче. Што воопшто смеам да допирам? Ова вознемирувачко прашање си го поставуваат многумина. Еве неколку смирувачки одговори:
Досега познатите коронавируси остануваат опасни на површини како кваките околу четири-пет денови. Како и другите инфекции преку капки и SARS-CoV-2 се пренесува преку рацете и површините кои се допираат често во текот на денот. Иако вирусот е нов и затоа е прилично непознат, експертите сметаат дека и за него важат многу резултати од истражувања на други, веќе познати коронавируси.
Затоа, треба да се биде претпазлив и кога се руча во кантината на работното место - доколку таа одамна не е веќе затворена. Коронавирусите во основа можат преку кивање или кашлање на инфицирано лице да завршат на приборот за јадење или чиниите. Германскиот институт за проценка на ризици (БфР) меѓутоа пишува дека „досега не се познати инфекции со SARS-CoV-2 кои се појавиле со ваков начин на пренос“
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene
Страв од увозна стока?
Дали родителите мора да се плашат од инфекција преку играчки од увоз? Не, велат од БфР. Досега нема случаи на инфицирани лица за кои е докажано дека се заразиле преку увезени играчки или друга стока. Експертите сметаат дека вирусите немаат голема стабилност при промена на животната средина. Предизвикувачот на болеста е опасен повеќе денови пред сѐ во услови на студ и голема влажност на воздухот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow
Пакети полни вируси
Коронавирусите кои го напаѓаат човекот не се особено стабилни на суви површини. Со оглед на тоа што стабилноста на вирусите надвор од човечкиот организам зависи од могу фактори, како темпертурата и влажноста на воздухот, БфР ја смета инфекцијата по пошта за „главно неверојатна“. Сепак, институтот признава дека сѐ уште не располага со точни податоци за SARS-CoV-2.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker
Вирусен пинг-понг со домашното милениче?
Дали моето куче може да ме зарази мене или јас да го заразам него? Ризикот домашните миленичиња да се заразат од коронавирус е оценет како низок од страна на експертите. Но, тој не може сосема да се исклучи. Самите животни не покажуваат симптоми, значи не заболуваат. Но, доколку се инфицирани тие може преку својот здив, плунка, повраќање, урина да го пренесуваат вирусот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/A. Tarantino
Опасен зеленчук?
Пренесување на SARS-CoV-2 преку контаминирани прехранбени продукти, според БфР, не е веројатно. Досега нема докажани случаи на инфицирање на ваков начин. Темелно миење на рацете пред подготовка на оброкот, и во времиња пред и по коронавирусот, е нешто што се подразбира. Со оглед на тоа што вирусите се чувствителни на топлина, загревањето на намирниците натамошно го намалува ризикот од инфекција.
Досега познатите САРС и МЕРС коронавируси не сакаат топлина, но се прилично отпорни на студ. Тие може да останат опасни дури две години на температури од минус 20 степени Целзиусови. БфР меѓутоа смирува: досега нема укажувања за ланец на инфекции со SARS-CoV-2 преку конзумирање храна, вклучително и замрзнати продукти.
Избувнувањето на КОВИД-19 има и едно добро: Кина забрани храна од диви животни. Сѐ укажува на тоа дека новиот коронавирус врз човекот е пренесен од лилјаци. Лилјаците за тоа не се виновни, зашто веројатно завршиле во супа против своја волја. Но, борбата против SARS-CoV-2 ќе трае многу подолго и ќе биде потешка од ослободувањето од храна од диви животни.