Финансиски стимул за доброволно заминување од Германија
НД/ дв
2 февруари 2017
Започна со функционирање програмата за финансиско стимулирање на бегалците кои ќе одлучат доброволно да си заминат од Германија, често и пред да биде донесена одлука за статусот на нивната апликација за азил.
Реклама
Прогрмата „Старт Хилфе Плус“ што може да се преведе како „почетна помош плус“ започна да функционира во средата. Администрирана од Федералната канцеларија за миграција и бегалци (БАМФ) во соработка со Меѓународната организација за миграција (ИОМ), иницијативата има за цел финансиски да ги награди барателите на азил доколку одлучат да се вратат во своите матични земји.
Обезбедени се околу 40 милиони евра наменети за финансиско стимулирање на барателите на азил.
„Во 2016 годинa, околу 55.000 луѓе доброволно се вратија во своите татковини – тоа е зголемување споредено со претходната година (околу 35.000 во 2015). Имаме добри услови (за дополнително зголемување на доброволните враќања) со нашиот дополнителен буџет“, изјави Јута Корт, која официјално го презеде водството на БАМФ во средата.
БАМФ се соочува со 430.000 необработени апликации за азил, што Корт го опиша како „предизвик".
Стимул за брзо заминување
Во рамките на повеќеслојниот систем „Старт Хилфе Плус“, луѓето кои имаат мали шанси да добијат азил во Германија ќе бидат наградени доколку заминат, особено доколку го сторат тоа пред да биде завршена процедурата при аплицирање за азил.
Луѓето постари од 12 години кои ќе ја повлечат апликацијата за азил пред да се донесе одлука за нивниот случај ќе добијат 1.200 евра. На оние на кои барањето за азил ќе им биде одбиено ќе добијат 800 евра доколку се согласат да не ја обжалат таквата одлука и наместо тоа ја напуштат Германија пред крајот на дадениот временски рок. Дополнителни исплати се предвидени за семејства и деца под 12 години, а исто така и за мигранти кои имаат привремена дозвола за престој во Германија.
Програмата има предвидено одредени рестрикции кои имаат за цел да се намали ризикот од нејзина злоупотреба. Луѓето од одредени земји или региони, вклучувајќи го и Западен Балкан, не се опфатени. Исто така, апликантите за азил кои сакаат да ја користат оваа програма не смеат да имаат сопствени средства. Сириските граѓани не можат да аплицираат.
Критика за бонусот за заминување
Програмата „Старт Хилфе Плус“ се соочи со критика од организацијата за социјална благосостојба на германските протестантски цркви.
Дитрих Екеберг, експерт од организацијата изјави дека има „невкусна количина на политички притисок“ да се наведат што е можно повеќе луѓе кон системот за доброволно напуштање на земјата.
„Сметам дека оваа регулација е спорна затоа што е дизјанирана да ги спречи резултатите од апликациите за азил да бидат обжалени пред судовите“, изјави Екеберг, додавајќи дека во реалноста, ваквиот „бонус за заминување“ ги разгорува предрасудите кон мигрантите и бегалците и реално не им помага на луѓето да се реинтегрираат кога ќе се вратат во сопствените земји.
Поефтино отколку депортација
Повеќе од милион бегалци и мигранти пристигнаа во Германија во последните две години. Според резултатите од истражувањето спроведено од БАМФ, патот на бегалците до Германија чини околу 7.100 евра и во просек трае 35 денови.
Иако на многумина по пристигнувањето им се доделува статус на бегалци затоа што бегаат од војна или политички прогон, на оние кои доаѓаат поради економски или други причини им се одбиваат апликациите и тие мора да се вратат назад. Германија прогласи неколку земји како „безбедни земји на потекло“, во кои се вклучени Мароко, Тунис и Алжир.
„За сите оние кои немаат шанса да останат во Германија, доброволното заминување е подобра опција од депортација“, изјави министерот за внатрешни работи Томас де Мезиер.
За властите се исплатливи плаќањата кон мигрантите и бегалците кои треба да се вратат во сопствена режија затоа што депортирањето е поскапо. Други финансиски стимули за доброволно враќање на мигрантите веќе подолго време се користат во Германија на национално и на регионално ниво. Слични видови на стимулирање се користат и во ЕУ.
Бегалци кои го сменија светот
Новиот претседател на САД го ограничи влезот за бегалците во земјата. Многу поранешни бегалци станаа светски познати музичари, актери, политичари или научници.
Фотографија: imago/Thomas Bielefeld
Алберт Ајнштајн
Познат по неговата Теорија за релативноста, германскиот Eвреин, добитник на Нобелова награда, Алберт Ајнштајн, бил во посета на САД во 1933. година кога му станало јасно дека не може да се врати во нацистичка Германија. Во една прилика тој напишал дека се чувствува како „привилегиран од судбината“ што живеел во Принстон, но речиси бил „засрамен што живеел во таков мир, додека останатите страдале“.
Фотографија: Imago/United Archives International
Марлен Дитрих
Германската пејачка и глумица Марлен Дитрих веќе беше ѕвезда и живееше во САД, кога го доби американското државјанство во 1939. година и ѝ сврте грб на нацистичка Германија. Проминентната бегалка говореше против Хитлер и настапуваше за војската на САД за време на војната. Истовремено, нејзините филмови беа забранети во Германија. Но таа кажа: „Родена сум како Германка и засекогаш ќе бидам тоа.“
Фотографија: picture-alliance/dpa
Хенри Кисинџер
Професор на Харвард и авторитет во областа на меѓународните односи-Кисинџер беше 56-от државен секретар на САД и одигра клучна улога во обликувањето на надворешната политика. Во 1938. година, Хенри Кисинџер, роден во Баварија, избега од Германија за да не се соочи со прогон од нацистите. Чувствата кон татковината останаа исти: „Германија никогаш не престана да биде дел од мојот живот“, изјави тој.
Родена во денешна Република Чешка, Медлин Олбрајт и нејзиното семејство дојдоа во САД во 1948. година кога комунистите ја презедоа власта во нејзината татковина. Таа почна да се занимава со политика и стана највисоко рангираната жена во владата на САД: Медлин беше првата жена државен секретар на САД (1997-2001).
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Loeb
Џорџ Вајденфелд
Роден во Виена во 1919. година, лордот Џорџ Вајденфелд бил британски Евреин и издавач. Тој емигрирал во Лондон по анектирањето на Австрија од страна на нацистите. Бил соосновач на издавачка куќа и работел во кабинетот на првиот претседател на Израел. Го финансирал спасувањето на христијаните од Сирија и Ирак. „Не можам да го спасам светот... но имам долг за отплаќање“, се неговите зборови.
Фотографија: picture-alliance/dpa/N.Bachmann
Бела Барток
Унгарскиот композитор, виртуоз на пијано и колекционер на народна музика, Бела Барток, иако не бил Евреин, се спротивставил на подемот на нацизмот и прогонот на Евреите. Во 1940. година тој се преселил во САД. Тој еднаш изјавил: „Мојата главна идеја е братство на луѓето, над сите конфликти“.
Фотографија: Getty Images
Милош Форман
Иако веќе бил познат режисер во татковината, тој ѝ го свртел грбот на Чехословачка и се преселил во САД по Прашката пролет во 1968. година. Подоцна, Милош Форман режираше два меѓународно познати филмови, кои освоија Оскар.
Фотографија: picture-alliance/abaca/V. Dargent
Изабел Аљенде
Чилеанскиот претседател Салвадор Аљенде беше насилно симнат од власт со пучот од 1973. година. Ќерката на неговиот братучед, Изабел, избегала во Венецуела откако почнала да добива смртни закани. Таа подоцна се сели во САД. Нејзините романи се меѓународно признати класици на магичниот реализам, како „Куќата на духовите“ и „Ева Луна“.
Фотографија: Koen van Weel/AFP/Getty Images
Мириам Макеба
Мириам Макеба беше на турнеја во САД, кога властите во Јужноафриканската Република ѝ го поништија пасошот поради нејзино учество во кампањата против апартхејдот и подоцна ѝ забранија да се врати во државата. Нејзината песна „Пата пата“ беше светски хит во 1967. година. Легендарната пејачка живееше во САД и Гвинеја пред повторно да може да се врати во сопствената земја, една деценија подоцна.
Фотографија: Getty Images
Седечки бик
Лидерот на Сијуксите, Татанка Ијотаке – Седечки бик е еден од најпознатите поглавари на домородните Американци во историјата. Неколку години од животот ги поминал како бегалец во Канада, каде што заминал во 1877. година. Во 1881. година се враќа во САД, каде првично бил затворен, по што бил ослободен и вратен во резерват.
Фотографија: Imago/StockTrek Images
Невен Суботиќ
Како и неговиот колега, Ведад Ибишевиќ од Херта Берлин, играчот во Бундеслигата, Невен Суботиќ побегна од војната во БиХ како дете. Свесен за тешките животни услови, Суботиќ во 2012. година основа фондација за помош на луѓето во најсироманите делови на светот и пристап до чиста вода.