1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Прво научен јазик, па спојување на семејство

БГ/ ДВ
26 април 2019

Многу странци кои сакаат да се преселат кај брачниот другар во Германија не успеваат да го положат основниот испит за германски јазик. Опозицијата обвинува дека правилата се престроги

Deutschland Arabisches Wörterbuch
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Grubitzsch

Доселениците во Германија можат да научат германски јазик во центрите за образование за возрасни како што е „Фолксхохшуле“ кои постојат во сите германски градови. Минатата година, повеќе од 16 илјади потенцијални мигранти- странски сопружници не успеале да го положат тестот за познавање на германски јазик, кој е услов за спојување на семејство. Според податоците на германската влада, на испитот „германски 1“ за основна комуникација учествувале 48.130 луѓе. Нешто помалку од 16.200 или околу една третина, не го положиле тестот, кој е предуслов за брачниот партнер да му се придружи на својот сопруг или сопруга во Германија.

Според германската влада, бројот на испитите за странци кои сакаат да учат германски со години расте. Во 2016 година, 37.840 сопружници го положиле основниот испит по германски јазик. Во 2017 година бројката пораснала на 42 илјади, а во 2018 тестот успешно го совладале 48.130 брачни партнери. Стапката на оние кои паднале на испитот е константна и претставува третина од сите кои излегуваат на испитот.

На испитот најчести се сопружници од Турција, Русија, Македонија, Косово, како и Тајланд, Виетнам и Ирак. Тие го полагаат тестот за да можат да допатуваат во Германија. Стапката на неуспех е најголема во Ирак, каде во минатата година повеќе од половината кандидати не успеале да го положат испитот.

Мора да се знае да се исполни образец

Пропишаните „едноставни јазични вештини“ за Сојузното биро за миграции и бегалци (БАМФ) значат дека странецот разбира едноставни реченици во секојдневниот живот, дека може да отиде во шопинг или да побара насоки. Тие би требало да бидат во состојба и да пополнат формулари кои ќе се бараат од нив во разни установи. Од тестот се исклучени не само граѓаните на САД и Израел, туку и граѓаните на ЕУ, високо квалификуваните работници и приватните бизнисмени. Сопружниците на бегалците на кои им е признат статусот во Германија и кои добиле дозвола за престој, исто така не мораат да полагаат испит.

Кичевчани масовно учат германски јазик

02:21

This browser does not support the video element.

Партијата на Левицата во Бундестагот ги критикуваше барањата кои им се поставуваат на странците во однос на спојувањето на семејствата како „целосно нереални“. Јазичните тестови доведоа до тоа „семејствата со години да бидат раздвоени“, вели пратеничката на Левица, Гокај Акбулут.
„Учењето на јазикот во самата Германија би било многу полесно, поевтино и помалку стресно за оние кои мораат да го полагаат испитот во својата татковина, за од германската амбасада да добијат дозвола да му се приклучат на брачниот партнер“.
Одговорната за интеграција во германската влада, Анете Видман-Мауц го бранеше правилото воведено во 2007 година. „Сосема е исправно странците да мораат да дојдат со основно познавање на германскиот јазик во Германија“, вели таа. „Само на тој начин тие можат од самиот почеток да се снајдат, вклопат и да стекнат контакти во општеството“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми