Германија пред бурни времиња во Советот за безбедност на ОН
8 јуни 2018Пред само неколку недели шефот на германската дипломатија уште еднаш силно врбуваше за место во Советот за безбедност. Во текот на двете посети во САД, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас нагласуваше дека „Германија сака и може да игра важна улога кога се во прашање превенирање кризи, зачувување на мирот и стабилизација.“ Мас потсети дека Германија е четврт најголем плаќач на придонеси и втор светски донатор на хуманитарна помош.
Германија во ОН ужива голема доверба. „Не само што многу држави ја поддржуваат нашата кандидатура за Советот за безбедност, туку и нѐ повикуваат да го искористиме нашето влијание“, рече Мас на крајот на април. Неговиот говор пред Генералното собрание во Њујорк тогаш беше јавно барање за место во највисокото тело на ОН. Порака на министерот за надворешни работи беше: „Разоружување наместо вооружување“ и „Дијалог наместо судири“.
Денеска (08.06) ќе биде донесена одлука. Како и секоја година, Генералното собрание на ОН за двегодишен мандат избира пет нови непостојани членки на Советот за безбедност на ОН. Станува збор за периодот од 2019. до 2020. година. Германија има повеќе од добри шанси, зашто конкурентот Израел ја повлече својата кандидатура. Израел, поради предвидливиот отпор од арапските држави, имаше исклучително мали изгледи да биде избран. Така, во трката за две предвидени места за западните држави останаа само Белгија и Германија. Обата кандидати мораат да обезбедат двотретинско мнозинство, што пак се смета за речиси сигурно. Освен нив, на избор може да сметаат Јужна Африка и Доминиканската Република. Фаворити за места во Регионалната азиско-пацифичка група се Индонезија и Малдиви.
На пулсот на светската политика
Во прашање е место во дипломатското и политичко средиште на ОН: во Советот за безбедност, организација со седиште во њујоршкиот кварт Менхетн на Ист Ривер, каде се донесуваат најважни одлуки, се утврдуваат насоки и се одлучува за санкции и легитимна употреба на воена сила. Ова тело се состои од пет постојани членови со право на вето: Франција, Русија, САД, Кина и Обединетото Кралство, како и од десет членови кои немаат право на вето. Оној кој припаѓа на овој ексклузивен круг, се наоѓа на главната пулсирачка артерија на глобалната политика. Досега Германија шестпати беше застапена во најмоќното тело на ОН, последен пат во 2011/2012. година.
Повозбудливо од самиот избор е прашањето на кој начин Германија планира да ја обликува политиката на ОН. Канцеларката Ангела Меркел сака зајакнување на европската позиција. Таа стравува од слабеење на влијанието на ЕУ во Обединетите нации. По Брегзит, ЕУ само преку Франција има постојан член во Советот за безбедност на ОН. Затоа Меркел зборува за „европеизација“ на седиштето во Советот за безбедност на ОН. Канцеларката не наведе детали, но очигледно бара поинтензивни договори на европските претставници во Советот за безбедност на ОН.
Огромен финансиски придонес на Германија
За членот на Бундестагот, Ролф Мицених, Германија би требало во Советот за безбедност да се заложи да се почитуваат правилата и нормите на меѓународната политика. „Разоружувањето и натамошниот развој на меѓународното казнено право би требало да бидат во средиштето на тие настојувања“, вели овој надворешнополитички експерт од СПД во интервју за Дојче веле. Неговиот колега од ЦДУ, Родерих Кизеветер сугерира: „Како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, Германија своите огромни финансиски придонеси може да ги преточи и на политички план.“ Како што објаснува Кизеветер, задача на Германија би требало да биде „интензивирање на консултациите за тешки теми како изградба на мир и решавање на конфликтите.“
Постои мноштво тешки теми: во поглед на кризите во Украина, Блиски Исток, Сирија, Иран и судирот со Северна Кореја, членовите на Советот за безбедност ги делат светови, а не само како досега во поглед на човековите права. Постојаните меѓусебни блокади во Советот за безбедност доведуваат до тоа неговиот 15-член гремиум да изгледа парализиран. Од изборот на Доналд Трамп за американски претседател, САД веќе не се обединувачка сила. Во текот на претседателството на Трамп, и Спогодбата за слободна трговија, поради потезите на САД, се претвори во случај за Советот за безбедност на ОН, на меѓународната климатска политика ѝ се заканува колапс. Стравувањата се сѐ погласни, зашто меѓународната заедница поради Трамповата политика „Америка на прво место“ се претвора во свет на сопствени национални интереси во кои преовладува самоволието и закон на посилниот.
Жешко столче на светската политика
Едвај да постои заедништво, но затоа има куп несогласувања. Соочен со овие превирања, малку е веројатно дека Берлин во тие две години, како непостојана членка на Советот за безбедност, би можел да не се судри со Пекинг, Москва или Вашингтон. Местото во Советот за безбедност би можело брзо да се претвори во „жешко столче“ за Германија. Притоа, Германија ја има предноста, „да не е перципирана како политички експанзивна, како и Европа во целина“, вели Хенинг Рике од Германското друштво за надворешна политика за Дојче веле. На Германија не ѝ е важна „борба за позиција и баланс на светските сили како што е случајот кај Кина и САД, Русија и САД, туку интересот на Германија е насочен на меѓународниот поредок кој се темели на правила.“ Тоа е бонус, вели Рике. Во тој контекст, тој ја гледа Германија како посредник меѓу големите сили, кој може да помогне во запирање на тенденците на раскол.
Со тоа Германија би имала добри изгледи како непостојана членка во Советот за безбедност на ОН да ја зацврсти својата позиција на меѓународната сцена. „Мислам дека тоа е прилика конкретно да се покаже што значи кога Германија презема одговорност и кога сака да преземе водство“, вели експертот Рике. Дисусијата околу тоа, како што вели, беше занемарена во текот на долгите месеци на формирање германска влада. Сега, додава Рике, мора „конкретно да се изнесе планот колку пари ќе вложиме, каде сакаме да се ангажираме, а Советот за безбедност претставува голема прилика.“